Македонија
Се спроведува теренска вакцинација во старските домови

Процесот на имунизација на приоритетните групи ги вклучува и домовите за стари лица, каде што вакцинацијата се спроведува на терен за сместените корисници и за здравствените работници во сите болници за геријатриска и палијативна медицина во државата.
„Веќе неколку дена трае теренската вакцинација во болниците за геријатриска и палијативна медицина и во домовите за згрижување стари лица во Скопје и Битола. Во двата дома ‘Сју Рајдер’ веќе е завршена вакцинацијата на 10 луѓе од 60 во Битола, 22 од 60 во Скопје и во центарот за сместување стари лица ‘Мајка Тереза’ – 22 од 50 вкупно сместени корисници“, изјави министерот Филипче.
Во моментот во тек е вакцинацијата во Геронтолошкиот завод во Скопје „13 Ноември“, а системот на другите вакцинални пунктови во државата продолжува и според планираното денеска се опфатени припадниците на Армијата и наставниците од прво до трето одделение.
„Сега во тек е вакцинацијата тука во болницата за геријатриска медицина. Огромен процент и од здравствените работници веќе се вакцинирани, речиси 90, и тоа беше дел од стратегијата поради тоа што овие здравствени работници навистина треба да се заштитени, прво да бидат заштитени самите тие, а второ да ги штитат и постарите сместени луѓе. Ги чекаме списоците од другите центри за згрижување постари лица од другите градови – Куманово, Прилеп и Берово, а во согласност со динамиката таму ќе продолжи вакцинацијата на сместените корисници“, рече Филипче.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сиљановска-Давкова го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“.
На средбата, таа уште еднаш ја потврди својата определба за формирање на Совет за дијаспора, како политички исчекор во соработката меѓу државата и дијаспората. Во Советот, претседателката гледа институционален одговор на потребата од засилена и продлабочена комуникација со нашите иселеници во сите области.
Дурловски истакна дека примарна цел на Организацијата останува да биде промоцијата и заштитата на правата на Македонците во Канада, како и нивната интеграција во канадското демократско општество. За него, македонските корени се силна мотивација за поддршка на македонските национални интереси.
Соговорниците се согласија дека бројната македонска дијаспора може да биде фактор на зајакнување на канадско-македонските политички, економски, културни и други односи.
Македонија
Од утре авионско и терестрично прскање против комарци во Скопје

Градот Скопје ги известува граѓаните дека утре ќе започне авионска дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци, а на 16 септември терестрична дезинсекција против возрасни форми на комарци и ларви од комарци, односно:
1. Авионската дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци, ќе се одвива на 12.09.2025 (петок) и на 13.09.2025 (сабота), во раните утрински часови.
2. Терестричната дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци и ларви од комарци ќе се одвива од 16.09.2025 (вторник) до 19.06.2025 (петок), во период од 22.00 до 03.00 часот, наредниот ден
Доколку временските услови не го дозволуваат вршењето на дезинсекцијата, истата ќе се изврши во истиот термин првиот нареден ден, кога временските услови ќе бидат поволни, додаваат од Градот Скопје.
Исто така се известуваат пчеларите навремено да ги преземат потребните мерки за заштита на пчелите.
Македонија
Зголемена фреквенција на возила на Табановце за излез од државата

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На ГП Табановце за излез од државата се бележи зголемена фреквенција на возила, времето на чекање е околу 30 минути.
На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата, додаваат од АМСМ.