Македонија
Силјановска Давкова го потпиша законот за реорганизација на министерствата
Претседателката на Македонија, Гордана Силјановска Давкова го потпиша указот за прогласување на Законот за изменување и дополнување на Законот за организација и работа на органите на државната управа, што беше изгласан во собранието вчера со 88 гласа „за“.
Според неа законот е реформски, а ги образложи и причините.
„Законот е реформски и со него:
● прво, ќе се анулира паралелизмот на надлежностите на многу министерства, со што ќе се обезбеди функционалност и одговорност;
● второ, ќе се (дис)лоцираат надлежностите во соодветните министерства, со што ќе се рационализира и ефектуира нивната работа (Министерство за надворешни работи и надворешна трговија, Министерство за економија и труд, Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини, Министерство за социјална политика, демографија и млади, Министерство за култура и туризам);
● трето, ќе се институционализираат нашите стратешки приоритети преку формирање соодветни министерства: (Министерство за европски прашања, Министерство за дигитална трансформација) и
● четврто, ќе се подигне нивото на општествената грижа за физичкото и менталното здравје на нацијата (Министерство за спорт)“, стои во ФБ објавата на претседателката Силјановска Давкова.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поради поголем пламен и отпаднати делови од приколка на возило делницата од автопат А1 Велес – Градско е затворена
Поради поголем пламен и отпаднати делови од приколка на возило, во 01:20 часот делницата од Автопат А1 Велес – Градско е затворена и возилата се пренасочуваат по експресниот пат Градсско – Дреново до локализирање и ликвидирање на пожарот, извести АМСМ.
Сообраќајот на магистралниот пат Прилеп – Градско се одвива наизменично.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Македонија
Без струја делови од Петровец, Чаир и Гази Баба
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08.30 до 11.30 часот, корисниците од селата Градманци, Летевци, Катланово и Брезница, општина Петровец;
– во периодот од 08.30 до 15.00 часот, корисниците од улицата Ордан Чопела, улицата Петре Георгиев и улицата Челопек, општина Чаир;
– во периодот од 09.00 до 13.00 часот, корисниците од улицата Вера Вучковска Жезељ во населба Хиподром, општина Гази Баба.
Македонија
Делови од Центар и Карпош денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради дефект во шахта од ф – ¾ на улицата Ацо Караманов бр. 10, во периодот од 09.00 часот па се до отстранување на дефектот без вода ќе останат дел од корисниците од улицата Ацо Караманов, како и објектот на Американската Резиденција, општина Центар.
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека исто така денеска поради уличен дефект на улицата Девол бр. 15, во периодот од 09.00 часот па се до отстранување на дефектот без вода ќе останат корисниците од улицата Девол, општина Карпош.

