Македонија
Сиљановска-Давкова: Кочани нè доведе до ѕидот на срамот, од овој процес ќе зависи дали судството ќе ја стекне, или трајно ќе ја изгуби довербата на граѓаните
2025 ќе остане врежана во нашите мисли и срца како година на ужасната трагедија во Кочани. Сите ние до крајот на животот ќе ја носиме траумата од трагедијата во која загинаа 63 наши сограѓани, синови и ќерки, родители и пријатели. Со пожарот во дискотеката во Кочани на површина излезе грдото лице на стихијното одлучување, игнорирањето на процедурите, недостатокот на системска контрола, но и на културата на неказнивост и на двојни стандарди, истакна во годишното обраќање во Собранието, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.
„Но, Кочани не беше само трагедија. Тој настан нè доведе до ѕидот на срамот, а потоа и до можноста за катарза, оти оваа трагедија не беше само чин на несреќа, туку и на системски пропусти. Толерирањето на корупцијата, несанкционирањето на криминалот и институционалната одговорност ја зголемуваат опасноста до точка на катастрофа. Во случајот на Кочани, не зборуваме само за право, туку за правда, етика и морал.
Ја разбирам болката на семејствата на настраданите, го разбирам нивниот оправдан гнев и бес. Нивните барања за вистина, за одговорност и за правда се апсолутно легитимни. Единствениот легален начин како државата може да ги задоволи легитимните барања на семејствата е преку почитување на Уставот и законите. Вонсистемското постапување не може да вроди со системски плод. Затоа, треба да ги оставиме на мир обвинителите да обвинуваат, бранителите да бранат, а судиите да судат. Партиите и политичарите треба да ги прекинат дневнополитичките препукувања на сметка на работата на судот и болката на семејствата.
Нивните најмили не можеме да ги вратиме“, кажа претседателката.
Единственото нешто што можеме да го вратиме, како што рече, е вербата дека правдата е можна во нашата држава.
„Оттука, овој судски процес е тестот врз кој ќе се оценува решеноста и подготвеноста на државата за правосудни реформи, за европско судство, за владеење на правото во реалноста, а не само декларативно, на хартија. Од овој процес ќе зависи дали судството ќе ја стекне, или трајно ќе ја изгуби довербата на македонските граѓани.
Кочани покажува дека владеењето на правото и искоренувањето на корупцијата не е техничко прашање, туку прашање на живот и смрт“, порача Сиљановска-Давкова во годишното обраќање.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ: Кризна состојба за покривање на криминалните тендери
Криминални политики со тендери и неспособност во енергетиката се двете единствени причини поради која сите граѓани на Македонија ќе плаќаат поскапа струја и поради што се воведува кризна состојба, велат од СДСМ преку соопштение.
„За само година и половина владата на Мицкоски ја доведе најголемата државна енергетска компанија ЕСМ до финансиски и производствен колапс.
Оваа година има историски најниско производство на домашна струја, нема ниту 3.000 GWh од планирани 5.100 GWh. Катастрофално лошо.
За да се надминат овие загуби власта купува скапа струја од увоз, за многу повисоки цени отколку што би било ЕСМ да ја произведува дома.
Колку тоа ги чини граѓаните? 77 милиони евра е официјална загуба за само првите два квартали од 2025 години, со проекција од над 100 милиони евра загуба до крајот на 2025 година.
Дополнително, над 110 милиони евра ЕСМ има земено нови кредити за само 18 месеци. Тоа се над 200 милиони евра!
Дали сега е јасно?
Ова не е „надворешна криза“ и нема врска со протестите во Грција.
Ова е внатрешно предизвикана катастрофа, резултат на криминални тендери, скап увоз на струја и неспособност на власта на Мицкоски.
КЛУЧНОТО ПРАШАЊЕ Е: ЗОШТО НАВРЕМЕ НЕ СЕ ОБЕЗБЕДЕНИ ЕНЕРГЕНСИ?
Зошто во сред зима нема најмалку 300.000 тони јаглен на депонија, како основен услов за сигурно зимско производство? Зошто мазутот не е набавен навреме, туку сега панично се бара решение? Прашуваме: Дали постои веќе избрана фирма за снабдување со мазут?
Затоа се прогласува кризна состојба и затоа власта удри по џебот на граѓаните. Нема пари, има буџетска дупка од 1 милијарда евра, но не се откажува од криминалните тендери и скапот увоз на струја, а сега и на мазут.
Сметката за ова на крај ја плаќа народот, сите граѓани на Македонија!“, се додава во партиското соопштение.
Македонија
Разгледан клучниот План за праведна транзиција за 2026: Фокус на имплементација и координација
Денеска се одржа состанок на Советот за праведна транзиција, на кој беше разгледан Годишниот план за имплементација на праведната транзиција за 2026 година.
На состанокот беше нагласено дека Планот за 2026 е клучен документ за насочување на активностите во процесот на праведна транзиција и за исполнување на обврските на државата во рамки на Реформската агенда и Планот за раст, при што Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини го координира неговото финализирање.
Фокусот на дискусијата беше ставен на тоа Планот да биде оперативен и имплементациски, со јасно дефинирани активности и проекти, одговорни институции, временска рамка, потребни ресурси и механизам за следење на напредокот.
Министерката Божиновска истакна дека “успешната имплементација во 2026 година бара силна меѓуинституционална координација, јасни улоги и активна вклученост на сите релевантни институции, со редовно известување за напредокот преку Советот и работните групи”.
По денешната дискусија и усогласување, Планот ќе биде подготвен за понатамошно формално усвојување, со цел државата да влезе во 2026 година со јасна насока, приоритети и засилен фокус на спроведување и резултати во рамките на зелената транзиција.
Македонија
Собранието донираше средства за училиштата „Златан Сремец“ – Скопје, „Иднина“ – Скопје и „Лирија“ – Тетово
Во рамките на новогодишните празници, во име на Собранието, претседателот Африм Гаши, денеска, донираше средства за училиштата „Златан Сремец“ – Скопје, „Иднина“ – Скопје и „Лирија“ – Тетово.
„Оваа симболична акција е израз на нашата институционална посветеност кон децата кои заслужуваат континуирана поддршка и најдобри можни услови за развој и образование. “- рече Гаши.
Тој изрази надеж дека оваа донација ќе придонесе за подобрување на образовната средина и ќе донесе мотивација и надеж кај учениците и образовниот кадар.
По тој повод, на учениците, наставниците и родителите им беа упатени искрени честитки за среќни новогодишни празници.

