Македонија
Силјановска-Давкова на средба со Дуда: Полските искуства ќе ни бидат од голема корист за пристапниот процес кон ЕУ
Претседателката на државата Гордана Силјановска-Давкова, во рамки на учеството на Самитот за мир во Украина што се одржува во Швајцарија, денеска остварила средба со претседателот на Република Полска, Анджеј Дуда.
Кабинетот на Слјановска-Давкова информира дека на средбата биле разменети мислења за билатералните односи, за состојбите во регионот, европските интеграции и за глобалните безбедносни предизвици, како и соработката на двете држави како сојузнички во НАТО.
-Соговорниците изразија задоволство од одличната соработка воспоставена на традиционално пријателство и констатираа дека двете држави споделуваат врска создадена во текот на три децении соработка, меѓусебна почит, доверба и разбирање. Беше посочено дека оваа година славиме 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи, што е доказ за трајно партнерство и заедничките вредности, се наведува во соопштението.
Претседателката ја поздравила „недвосмислената поддршка од Полска на долгиот македонски пат кон ЕУ“ и ја нагласила „важноста од континуираната и отворена поддршка на Полска на македонскиот евроинтеграциски пат“.
Упати благодарност за досегашната поддршка, посочувајќи дека полските искуства ќе ни бидат од голема корист за пристапниот процес кон ЕУ. Таа нагласи дека недвосмислено сме посветени на агендата за интеграција во ЕУ и во тој контекст изрази очекување за силна поддршка од меѓународните партнери и институциите на ЕУ за да се осигуриме дека процесот на нашето членство ќе продолжи непречено. Претседателката Силјановска-Давкова порача дека е клучно европската перспектива на земјите кандидати да не биде попречувана од вето поради ирационални билатерални прашања, туку процесот треба да се води исклучиво низ призмата на исполнување на копенхагенските критериуми, информира Кабинетот на Силјановска-Давкова.
На покана на претседателката на Швајцарската Конфедерација, Виола Амхерд, денеска и утре во Бургеншток на езерото Луцерн во Швајцарија Силјановска – Давкова, учествува на Самитот за мир во Украина.
Целта на собирот е да воспостави форум за дијалог на високо ниво за начините за постигнување сеопфатен, праведен и траен мир за Украина во согласност со меѓународното право и Повелбата на ОН, да промовира заедничко разбирање за можна рамка за постигнување на оваа цел и да дефинира патоказ за тоа како да се вклучат двете страни во иден мировен процес.
На конференцијата, што се одржува на иницијатива на Украина, учествуваат високи претставници на околу сто земји и на меѓународни организации.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сопствениците на кучиња да го почитуваат законот и да ги микрочипираат милениците, апелира АХВ
Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) апелира до сопствениците на домашни миленици – кучиња за исполнување на законската обврска за идентификација на миленикот со микрочип и негова регистрација во модулот за домашни миленици на Информативниот систем на Агенцијата за храна и ветеринарство, за што се издава и пасош за домашен миленик.
Апликацијата на микрочипот е еднократна, односно, миленикот чипот го носи до крајот на животот. Микрочипирањето е основа за дефинирање на сопственоста на домашниот миленик, за обезбедување навремена и квалитетна здравствена заштита на животните и поголема безбедност за сопствениците, од аспект на пренесување на заразните болести од животните на луѓето, велат од АХВ.
„Сопствениците кои ги имаат микрочипирано домашните миленици ги потсетуваме дека имаат законска обврска секоја промена во однос на податоците за животното, или сопственикот да ја пријават до надлежното ветеринарно друштво кое треба да изврши промена во електронската база на податоци. Во базата на податоци треба да се евидентира и угинувањето, губењето или купопродажбата на животните.
Микрочипирањето на милениците има за цел трајна идентификација на животните, спречување на нивно напуштање и контрола на нивното размножување, но и нивно полесно пронаоѓање во случај на губење или кражба“, се наведува во соопштението на АХВ.
Македонија
„Сега кога не се купува нов авион има пари за минимална плата од 600 евра“, велат од СДСМ
„Законот за минимална плата поднесен од пратеничката група на СДСМ и коалицијата е на дневен ред во Собранието. Овој закон е реален и конкретен одговор на барањата на синдикатите и на работниците – 600 евра минимална плата за достоинствен живот. Сега кога не се купува нов авион има пари за минимална плата од 600 евра“, велат од СДСМ.
„Дополнително, пратеничката група на СДСМ веќе предложи конкретни буџетски ставки од кои може да се обезбедат средства за зголемување на минималната плата.
Тоа значи – пари има, потребна е само политичка волја.
Нема повеќе оправдување дека нема пари.
Сите пратеници да дадат поддршка на Законот и да гласаат за 600 евра минимална плата.
Без изговори. Без калкулации.
Време е да се укине луксузот на власта, а работниците да добијат плати какви што заслужуваат“, соопштуваат од СДСМ.
Македонија
Утрово најстудено во Берово и Крива Паланка
Утрово најстудено било во Берово каде што се измерени -7 степени, -5 било во Крива Паланка, -4 во Скопје – Петровец и Демир Капија, -3 во Гевгелија, Прилеп и Тетово, -2 во Охрид, Виница и Крушево.
Времето денеска
Променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен, а наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец. Во текот на ноќта почнувајќи од западните делови ќе има врнежи од дожд, на повисоките места од дожд и снег, а на планините од снег. Пообилни врнежи ќе има во западните делови, особено на планините каде што ќе се зголеми снежната покривка.
Максималната температура ќе биде во интервал од 8 до 14 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Максималната температура ќе достигне до 11 степени.

