Македонија
Силјановска-Давкова пред пратениците: Време е за единство, ќе бидам претседателка и на левите и на десните
Силјановска Давкова претпаднево во Собранието даде свечена заклетва дека дека функцијата ќе ја извршува совесно и одговорно, дека ќе ги почитува Уставот и законите и дека ќе ги штити независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на земјата, без притоа, да употреби Северна во името на државата.
При давањето на заклетвата повторувајќи по претседателот на Собранието, Јован Митрески кој го користеше уставното име на земјата Република Северна Македонија, Силјановска-Давкова употребуваше само Македонија.
Давкова по заклетвата се обрати пред пратениците, а говорот во најголем дел им го посвети на жените.
Новата претседателка на почетокот кажа дека нејзините зборови се во битка со емоциите, и не можела да замисли дека ќе ја добие довербата на повеќе од 500.000 гласачи, а единствениот кој тврдел дека ќе дојде до таков резултат бил првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кому му се заблагодари што верувал во неа.
Сепак, како што истакна Силјановска, таа ќе ја оправда довербата, но не заради одговорност или долг кон партија или политика. Вети дека ќе биде претседателка и на левата и на десната страна во парламентот и на сите граѓани и нема да прави разлика помеѓу нив по било која основа.
„Време е за единство. Единствното може да значи и женска филозофија, женска автентичност. Како жени, умееме да се грижиме не само за себе, туку пред се’ за сите останати. Првите честитки стигнаа од жени. Имавм прекрасен женски разговор со претседателката на Словенија. Роденденот го поминав со амбасадорката на САД, исто во еден женски разговор. Тоа се нешта кои ќе ги носам со себе“, рече Силјановска-Давкова.
Најави дека во нејзиниот мандат, кога ќе предлага членови на судски совет и уставен суд, ќе трга од стручноста и компетентноста.
Рече и дека жените се на функции каде се ценат стручноста и компетентноста, но за жал ги нема во политиката, каде досега сме немале жена премиерка, жена претседателка, или претседателка на законодавниот дом.
„На Западен Балкан се’ уште е жив патријархатот. Силните жени на поинаков начин можат да ги решаваат проблемите. Цврсто верувам во тоа. Оваа држава, не ја бранеле или не ја имаме само благодарение на комитите, туку и комитките, не само партизаните, туку и партизанските. Многу храбри и умни жени сме виделе во овој парламент,но се чудев зошто немаме жена на оваа функција. Ќе го пробивам патот. Насекаде гледам многу умни, посветени жени, кои ќе ги носам во срцето“, рече Давкова.
Таа во обраќањето рече и дека зад сите успешни жени стојат прекрасни мажи како нејзиниот сопруг, а ги спомена и волонтерките и волонтерите кои работеле со неа во кампањата.
„Моето мото е не опкружувајте се со обожавателки, туку со критичарки“, рече таа.
Наглси дека во нејзиниот тим, како и програмата отпечатена на сите јазици имало Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи, а таков ќе биде и нејзиниот кабинет. Сепак, како што рече Давкова, првиот и основен критерум за неа се стручноста и комптентноста, а потоа припадноста.
„Ние мораме не само да ја феминизираме политиката, туку и да им помогнеме на мажите да сфатат дека не смееме да се откажуваме. Треба да го следиме ритамот на природата, таа е совршен креатор. Не го знам точно соодносот на мажите и жените во слендиот парламентарен состав, но сакам да направиме чекор напред од оние 42 проценти. Иамло тука прекрасни моменти, имало и судири. Но, ние жените тука и во клубот на пратеничките и кога одевме надвор умеевме да ја претставиме Македонија како умна, стамена, достоинствена жена. Не служајно држава, политика, демократија и Македонија се во женски род. Помогнете им пратеници – витези на жените да го изразат тоа што го имаат, а не можеле досега. Сите вие ќе бидете горди на Македонија, како што јас сум на мојот народ“, рече Давкова.
Давкова го спомена и експремиерот од редовите на СДСМ, Димитар Ковачевски, дека се одважил да и’ се јави, наместо само да и упати честитка преку „Фејсбук“ и дека разговарале, а потоа додаде дека со жените ќе се менуваат и мажите политичари.
Од пратениците побара да имаат разбирање за нејзината меритократија во надворешната политика, разбирање за потребата од владеењето на правото, или, пак, нејзините евентуални вета.
По нејзиното обраќање, седницата беше завршена.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Првите подводни археолошки истражувања во Преспанското Езеро открија редок органски материјал
Преспанското Езеро годинава е во фокусот на значаен археолошки настан, откако за првпат во овој регион беа реализирани подводни археолошки истражувања, кои донесоа исклучително вредни откритија за културното наследство на Северна Македонија.
Истражувањата се спроведуваат од НУ Завод и музеј – Битола и Граѓанската организација за развој на алтернативен туризам „Љубојно“, во рамките на проектот ACT4PRESPA. Целта е идентификација, документација и заштита на археолошките богатства во и околу Преспанското Езеро.
Во првите две фази, стручен тим спроведе рекогносцирање на македонскиот дел од преспанското крајбрежје, од границата со Република Грција до границата со Република Албанија. При тоа беа евидентирани и документирани 11 археолошки локалитети. Како најзначаен се издвојува локалитетот во близина на селото Наколец, каде што започнаа сондажни археолошки истражувања, реализирани во два циклуси.
„Ова е исклучително значаен момент за Преспа. За првпат имаме можност да навлеземе во археологијата на езерото и да откриеме слоеви од минатото кои досега беа целосно непознати“, изјави Орданче Петров, раководител на тимот за подводна археологија.
Поради повлекувањето на нивото на езерото, дел од локалитетите излегоа на копно, што овозможи детални сондажни истражувања. На локалитетот кај село Наколец е откриен дел заштитен со дрвена палисада, како и голем број движни археолошки предмети. Особено значајно е откривањето на предмети изработени од органски материјали – дрвени алатки, рачки, чешли и конструктивни елементи.
Станува збор за прв и засега единствен пример на зачувани органски материјали од археолошки локалитет во Македонија, датиран од крајот на XIII до крајот на XIV век. Локалитетот кај Наколец претставува и прв познат пример на благороднички имот во македонската археологија од XIV век.
„Зачувувањето на органски материјали е навистина невообичаено. Милот и тињата на езерото создаваат средина без кислород која ги штити објектите од распаѓање, што ни овозможува уникатен увид во минатото“, објаснува Петров.
Првичните анализи укажуваат дека средновековните жители на Преспа претежно се занимавале со земјоделство, а не со риболов, што е неочекувано со оглед на близината на езерото. Податоците, исто така, сугерираат дека Преспанското Езеро во минатото било значително помало.
„Исклучителните наоди од истражувањата кај село Наколец се од непроценлива важност не само за македонската, туку и за балканската и европската археологија. Тие го збогатуваат културното наследство на Преспа и претставуваат значаен потенцијал за развој на културниот туризам во регионот“, изјави д-р Мери Стојанова, координатор на проектот ACT4PRESPA од НУ Завод и музеј – Битола.
Керамичките и металните предмети се депонирани во Завод и музеј – Битола, додека органските материјали се испратени на специјализирани конзерваторски истражувања во Лајбниц-центарот за археологија во Германија. Процесот се очекува да трае најмалку една година, по што предметите ќе бидат презентирани пред јавноста.
Истражувањата се реализираат со активна поддршка од локалната заедница, која во повеќе наврати пријавувала пронајдоци и учествувала во заштитата на локалитетите.
Проектот ACT4PRESPA се спроведува во рамките на програмата на Европската Унија за одржлив развој на регионот на Преспанското Езеро, преку Инструментот за претпристапна помош за рурален развој.
Македонија
Дел од Општина Центар утре без вода поради уличен дефект
Од ЈП „Водовод и канализација“ информираат дека утре, 16 декември 2025 година (вторник), поради уличен дефект на булеварот „Св. Климент Охридски“, спроти Соборниот храм, ќе има прекин на водоснабдувањето.
Без вода ќе останат корисниците на потегот од крстосницата со булеварот „Партизански одреди“ до паркингот ЈАТ.
Прекинот е најавен во периодот од 08:30 часот до завршување на санацијата на дефектот, соопштуваат од претпријатието.
Засегнато подрачје е Општина Центар.
Македонија
СДСМ: Судот го потврди пуштањето на Јанева, сценариото на ДПМНЕ се реализира
Денеска Кривичниот суд и официјално потврди дека на Катица Јанева ѝ е одобрен условен отпуст од затвор, велат од СДСМ.
„Отпустот започнува од 21.12.2025 година и трае до 21.08.2026 година. Од вкупната затворска казна од 7 години, дозволен е условен отпуст од 8 месеци.
Овие факти и периодот токму сега и до летото наредна година, во целост го потврдува сценарио од стратегијата на ДПМНЕ кое целосно го разоткивме.
Зошто сега?
Затоа што темата со мигрантите за пари стана национална тема, корупциските скандали за наместени тендери покажуваат како се крадат 14,5 милиони евра преку 161 тендер, затоа што кога нема пари во буџетот за плати и пензии а граѓаните тоа го чувствуваат секој ден.
Затоа што сега и гори на власта под нозе“.
Нивното сценарио, додаваат од партијата, е до изборите кои ги планираат наредната година.
„Јанева треба да биде искористена како алатка на ДПМНЕ во нивната црна кампања и во нападите врз СДСМ.
Кривичните пријави и политичкиот прогон, лажните вести и манипулациите, нападите врз медиумите и спроведувањето на српското сценарио во Македонија веќе не се доволни. Власта ја губи контролата и затоа мора да ги засилува нападите.
Како? По добро познати српски рецепти.
Исто како случајот со Дијана Хркаловиќ во Србија. Копи-пејст медиумска стратегија, со истите методи, истите наративи и истата цел: дефокус од суштинските проблеми и напад врз опозицијата“.
СДСМ, како што истакнуваат, јасно порачува: „Нема да ви помине Катица. Нема да ви поминат мигрантите за пари. Нема да ви помине ниту едно сценарио за манипулација и дефокус. Народот ви подготвува крај“.

