Македонија
Силјановска-Давкова присуствуваше на фестивалот Хид Бах Шен Фест по повод прославата на празникот на турската заедница Хидрелез
Во рамките на активностите во кампањата за вториот избор круг од претседателските избори, проф. д-р Гордана Сиљановска-Давкова, присуствуваше на фестивалот Хид Бах Шен Фест по повод прослава на празникот на турската заедница, Хидрелез во с. Чалакли, Валандово. Во прилог интегрален текст во кој професорката Гордана Сиљановска – Давкова ги сподели своите впечатоци:
– На покана на турската заедница од Македонија, имав особена чест, заедно со амбасадорот на Република Турција во Република Македонија, н.е. г-динот Фатих Улусој, поранешниот претседател на Република Македонија, проф. д-р Ѓорге Иванов, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и носител на пратеничка листа во ИЕ4, г-динот Александар Николоски и граданочалникот на Општина Валандово, г-динот Перо Костадниов, да присуствувам на фестивалот Хид Бах Шен Фест (Bahar Şenlikleri HID BAH ŞEN FEST) кој се одржува во селото Чалакли Валандово, а по повод празникот Хидрелез. Хидрелез е празник кој го слави турското население, а го означува почетокот на пролетта. Во една подлабока смисла, празникот Хидрелез одразува силна симболика на будењето на природата, а со тоа и на новиот циклус на обновување, не само на природата, туку и на животот.
Со задоволство ги проследив богатите церемонии, убавите танци и особено предизвикувачкото пеливанско борење, сето одраз на една богата културна традиција која се негува тука, во Македонија, Она што за нас Македонците е познато како Ѓурѓовден, турската заедница го препознава како Хидрелез. Па оттука, културната идентификација е потполно иста што претставува своевидна апотеоза на природната хармонија помеѓу македонскиот и турскиот народ на овие простори. Во знак на ваквото единство, важно е да се спомене дека на заедничка иницијатива на Република Македонија и Република Турција, празникот Хидрелез во 2017 година беше прогласен за културно наследство на човештвото и истиот е запишан на листата на нематеријалното културно наследство на УНЕСКО.
Ако зборуваме за европски и цивилизациски вредности, тогаш токму апотеозата на Хидрелез и Ѓурѓовден и нашето културно единство како Македонци и Турци, се вредностите кои Македонија може да ги понуди на Европа. Среќна сум што овој шаренолик мозаик, наречен Македонија е јадрото кое не обединува сите нас кон подобра и горда иднина!
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ампутации, рани, изгореници, кај седум лица било интервенирано на новогодишната ноќ; Алиу со апел, петардите не се играчка, нивното користење е забрането
Со презентацијата на директорката на Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија, Јасмина Ѓоргиевска Павловска ја заокруживме едукативната кампања за подигнување на свесноста за опасностите од употреба на пиротехнички средства, што се реализира под мотото „Создавај спомени без повреди – кажи НЕ за пиротехнички средства“, истакна министерот за здравство Аѕир Алиу.
Денес уште еднаш сакаме да укажеме на опасноста од нивно недозволено користење. Затоа уште еднаш упатуваме апел до граѓаните да не се користат пиротехнички средства за преостанатиот дел празниците, кои може да доведат до сериозни последици по здравјето и до траен инвалидитет. Петардите не се играчка, нивното користење е забрането, можат да предизвикаат сериозни повреди на очите, на дланките, изгореници и тешки повреди на телото како резултат на недозволено користење пиротехнички средства“.
Во рамките на кампањата, како што информираше, беше воспоставена поширока меѓуинституционална соработка и координација, во која активно се вклучија доктори од Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија, матични лекари, студенти по медицина и специјализанти, како и претставници од Министерството за внатрешни работи.
Кажа дека преку заеднички план на активности и усогласени едукативни пораки, во текот на декември, минатата година, биле одржани предавања во 137 основни и средни училишта во 27 градови низ државата, со кои биле опфатени 14 илјади ученици.
„И покрај вложените институционални напори и обемот на едукативните активности, пораката мора да се повторува, затоа што последиците од недозволената употреба на пиротехнички средства и понатаму се реални. Лекарите посочуваат дека за време на новогодишната ноќ кај седум лица (двајца возрасни и пет деца) било интервенирано заради посериозни повреди на врвовите на прстите, извршена била ампутација на дел од прсти, со рани и изгореници на дланките. Од нив, три деца биле примени во Ургентниот центар, двајца возрасни на Клиниката за пластична хирургија и две деца на Клиниката за детска хирургија. Овие седум интервенции се потсетник дека за секоја повреда следуваат процес на лекување и трајни последици.
Фактот дека меѓу повредените има деца, кај дел од нив била потребна ампутација, доволно зборува за тежината на последиците врз здравјето. Затоа, упатувам посебен апел и до родителите да не дозволуваат пиротехника во рацете на нивните деца и празниците да ги завршат со насмевки, а не во хируршки сали.
Македонија
Запленети над 252.000 парчиња пиротехника и поднесени 37 кривични пријави, кажа Тошковски
Министерството за внатрешни работи, во соработка со Министерството за здравство и Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија, денеска ги презентираше резултатите од заедничката кампања „Кажи НЕ на пиротехника“, насочена кон подигнување на јавната свест за опасностите од употребата на пиротехнички средства, особено кај децата и младите.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски потенцираше дека во рамки на кампањата беа реализирани бројни превентивни и едукативни активности во основни и средни училишта низ државата, при што полициски службеници и лекари директно им ги презентираа ризиците и последиците од неправилната употреба на пиротехнички средства.
„Оваа кампања ја градиме како долгорочен процес, со јасна цел – да развиеме свест дека пиротехниката не е забава, туку сериозна закана по здравјето и безбедноста, особено кога станува збор за децата“, истакна министерот Тошковски.
Тошковски нагласи дека паралелно со превенцијата, МВР презеде и засилени активности за откривање и сузбивање на нелегалната продажба и дистрибуција на пиротехнички средства.
„Во текот на 2025 година запленивме над 252.000 парчиња пиротехника и поднесовме 37 кривични пријави против 37 лица за недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи. Само во една од последните акции беа одземени над 35 тони пиротехнички средства, при што беше приведен и полициски службеник, што јасно покажува дека законот важи за сите“, нагласи Тошковски.
Тoj уште еднаш испрати апел до родителите за одговорно однесување и недозволување пристап на децата до пиротехнички средства, со цел спречување на несакани и трајни последици.
Кампањата „Кажи НЕ на пиротехника“ ќе продолжи и во иднина како дел од континуиран и системски пристап кон јакнење на јавната безбедност и културата на одговорно однесување.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Среќа што СДС не е на власт, инаку ќе бевме кандидати за влез во ЕУ како малцинство во Бугарија, кое зборува бугарски јазик и има бугарска историја
СДС не се на власт поради тоа што го погазија македонскиот идентитет, јазик и историја. Го променија знамето, името и Уставот. И кога СДС говори за евроинтеграции најголемиот успех е сликата од авионот, истакнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Нивните “успеси” се срам за македонските граѓани.
Среќа што СДС не е на власт, инаку ќе бевме кандидати за влез во ЕУ како малцинство во Бугарија, кое зборува бугарски јазик и има бугарска историја. До толку ја сакаат власта да би прифатиле да бидеме и бугарска покраина, а за Гоце, Даме, Сандански уште утре ќе напишат дека се Бугари.
Но, затоа и не се на власт“.
Затоа што, како што додаваат од партијата на власт, граѓаните ја дадоа поддршката на ВМРО-ДПМНЕ, партија која ќе ја внесе Македонија во ЕУ, без да се погази волјата на граѓаните.

