Македонија
Силјановска-Давкова: Тонеме во жив песок, без одговорност нема правна држава
Сведоци сме деновиве на засилена сеизмичка активност во Македонија, секој ден има земјотреси, но соочени сме и со еден со сила на земјотрес, шок што дојде од „Транспаренси интернешнл“ бидејќи да се најдете на 111. место на листата на корупција значи да бидете во слободен пад, значи да се одвоите тектонски од европската политичка, демократска и правна почва и да се преселите во Евроазија и Африка во друштво на Монголија, Панама, Сиера Леоне, изјави професорката Гордана Силјановска-Давкова.
„Можеби е ова момент за катарза. Зошто го велам ова? Бидејќи сличен феномен може само во летературата да најдете кај Данте Алигери во ‘Пеколот’. Зошто ги посочив двете личности како најодговорни за корупцискиот жив песок во кој тонеме како веројатно најкорумпираната европска држава и една од најкорумпираните во светот.
Ние сме редок пример на Влада во која има министер со посебна одговорност да се бори со корупцијата. Во случајот ако сме на 111. место, формирањето на посебното министерство за мене е институционален илузионизам. Мислите дека ако формирате институција, проблемот сам од себе ќе се реши. Кога е во прашање, пак, министерот за правда, во случајот низ призма на ова срамно место, министер за неправда, тогаш исто така се поставува прашањето како е можно да не се предвиди овој настан бидејќи ништо не настанува од вчера за денес, може да се види во овие четири години како се продлабочувала корупцијата“, рече Силјановска-Давкова.
Според неа, корупцијата е системски феномен во оваа држава и не е врзана само за психологијата на сторителите, туку, како што вели, социјалниот и политичкиот амбиент создаваат и поддржуваат корупција.
„Ние сме сведоци на постојано толерирање на концептот што се вика владеење на луѓе, личности, наместо владеење на законите. Зошто? Затоа што имаме филозофија на несанкционирање. Тогаш таквата филозофија стимулира корупција и криминал. Ако нешто шокира најмногу, тоа е изјавата на министериот кој треба да се справува со корупцијата. Замислете, значи перцепција била тоа, небаре граѓаните перцепциите ги градат како социјална фантастика, а не грубата реалност што секој ден ја доградува и зацврстува перцепцијата за едно од најкорумпираните општества. Без одговорност, нема правна држава. Одговорноста може овие министри да ја сфатат како објективна, значи тоа се случило во време кога тие биле персонификација за правна држава, а не биле. Не говорам за субјективна одговорност, таа ќе се утврди на друг начин, но тоа може да биде почеток на системското решавање на корупцијата почнувајќи од правното образование, па до санкционирањето.
Затоа јас мислам дека би било најдобро, наместо постапка за интерпелација, ние да доживееме оставки како еден чин на катарза од страна на двајцата министри“, истакна Силјановска-Давкова.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поради јазични бариери одложено продолжението на конститутивната седница на работната група за реформи во изборното законодавство, кажа Филков
Поради технички причини денешната конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство беше одложена за следната недела. Министерот за правда Игор Филков изјави дека членовите на работната група не се впуштиле во материјална расправа затоа што прво треба да се утврди дневниот ред.
,,Иако денес требаше да биде одржана првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборно законодавство на која требаше да се избере претседател, како и да се донесе предлог-деловник за утврдување на методологијата и динамиката на работење, сепак тоа не се случи поради одредени јазични бариери. Од дел од присутните претставници на политичките партии беше побарано материјалите да бидат преведени за полесно да можат да се разберат’’, рече Филков.
Филков се надева дека следната недела членовите ќе се усогласат за термин , ќе се избере претседател на работната група и ќе се отпочне со работа каде што сите ќе имаат можност да ги дадат своите предлози и сугестии за реформите во изборното законодавство.
Македонија
Сиљановска-Давкова-Грлиќ Радман: потврдена подготвеноста на Хрватска да придонесе кон забрзување на македонскиот евроинтеграциски процес
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Гордан Грлиќ Радман, министер за надворешни и европски работи на Република Хрватска, кој престојува во официјална посета на земјава.
Обајцата го потврдија цврстото македонско-хрватско пријателство коешто двете земји го негуваат повеќе од 3 децении, втемелено на взаемна почит и разбирање и реализирано низ политички дијалог и конструктивна соработка.
Претседателката искажа искрена благодарност за хрватското отворено и континуирано разбирање и поддршка на македонската интеграција, како и на принципиелниот став на Хрватска дека проширувањето на Унијата со Западен Балкан треба да се темели на реални заслуги, без билатерализација и вето.
Министерот Радман ја потврди подготвеноста на неговата држава да придонесе кон забрзување на македонскиот евроинтеграциски процес во рамките на Копенхашките критериуми, потенцирајќи дека македонската држава доби статус на кандидат за членство во ЕУ во март 2005 година, односно неколку месеци пред Хрватска.
Соговорниците очекуваат дека партнерството дополнително ќе се зајакне со Договорот за стратешка соработка со Владата на Република Хрватска, како и со претстојната официјална посета на Претседателката Сиљановска-Давкова на пријателска Хрватска, кон крајот на март.
Македонија
Уапсен тетовец: осомничен за лажни дојави за поставени бомби во образовни институции
Утрово во 09:10 часот во с.Палатица, тетовско, полициски службеници од одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при Министерството за внатрешни работи во координација со полициски службеници од СВР Тетово го лишиле од слобода М.Р.(18) од село Палатица.
Тој се сомничи дека во повеќе наврати испраќал електронски пораки на повеќе образовни институции во Тетово дека во институциите има поставено експлозивни направи.
Полицијата соопшти дека по преземени мерки и извршени проверки е констатирано дека сите дојави за поставени бомби биле лажни.
Денеска, со сдуска наредба, бил извршен и претрес во неговиот дом во селото, при што биле одземени повеќе електронски уреди.
Лицето било приведено во полициска станица и по целосно расчистување и документирање на случаите, во координација со јавен обвинител против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

