Македонија
Синдикатите реагираат: Неприфатливо е ПЦР-тестовите да бидат на трошок на вработените, а вакцинирањето треба да е личен избор
Синдикатите реагираат против најновите мерки што ги предлага Комисијата за заразни болести, а се однесуваат и на тоа вакцината да биде задолжителна за сите здравствени работници, а трошоците за ПЦР-тестовите да бидат на трошок на вработените.
Од Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) наведуваат дека вакцинацијата мора да биде резултат на лична определба на работниците и не смее да се спроведува присилно.
„Процесот на имунизација не смее да се спроведува на штета на елементарните права на граѓаните гарантирани со Уставот, меѓународните конвенции и закони и против војата на поединецот“, се вели во реакцијата на ССМ.
До Синдикатот периодов пристигнале обраќања од работници кои не се вакцинирани, а во кои укажуваат дека не им е дозволено да влезат на работа без сертификат за вакцинација или негативен тест направен на нивни трошок. Поради ова, од ССМ се обратиле до Државниот инспекторат за труд.
„Во врска со пријавите од ССМ добивме и известување од Државниот инспекторат за труд со кое сме информирани дека ваквите однесувања на работодавачите кои забрануваат влез за невакцинирани работници или ги задолжуваат да донесат негативен ковид-тест на свој трошок како услов да дојдат на работа, се незаконити. ДИТ постапувајќи по пријавите на ССМ, правилно ги применил законите и по спроведен инспекциски надзор ги укинал спорните одлуки на работодавачите“, се вели во соопштението од ССМ.
Реакција стигна и од Конферерацијата на слободни синдикати (КСС). Оттука реагираат за прелогот на Комисијата за заразни болести што се однесува на тоа сите вработени во јавниот сектор и во локалната самоуправа за да одат на работното место, да прикажат сертификат за барем една доза примена вакцина, направен ПЦР-тест не постар од 72 часа на своја сметка, потврда за прележан Ковид-19 во последните 45 дена или потврда дека не можат да примат вакцина поради здравствени причини.
„Предлогот на Комисијата, трошоците за ПЦР-тестовите да бидат на трошок на вработените за нас е неприфатлив, со оглед на тоа дека над 80.000 вработени во јавниот сектор се на минимална плата која не е доволна да се преживее во текот на месецот. Недозволиво е на осиромашените работници да им се наметнуваат дополнителни трошоци, а притоа да се прекршуваат и нивните човекови права“, велат од КСС.
Доколку бидат прифатени предложените мерки, КСС најавува дека ќе ги искористи сите синдикални мерки што ѝ се на располагање за да не се применуваат, се вели во нивното соопштение.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Променливо облачно време со повремени врнежи од дожд
Синоптичарите за денеска најавуваат променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, локално пообилни (над 20 литри на метар квадратен). Претежно во источните региони ќе има услови за појава на нестабилност со пороен дожд, грмежи и силен ветер (над 70 километри на час). Попладне на планините во северните делови врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег. Претпладне ќе дува умерен до засилен ветер од јужен, а попладне од северен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 5 до 11, а максималната ќе достигне од 11 до 18 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд. Во делови од котлината ќе има услови врнежите да бидат проследени со појава на ретки грмежи. Претпладне ќе дува умерен до повремено засилен ветер од јужен, а попладне од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 7, а максималната ќе достигне до 16 степени.
Според УХМР, утре кон крајот на денот, во текот на ноќта и во вторник ќе има заладување со нови пообилни врнежи кои на планините и на повисоките места ќе бидат од снег. На планините ќе се зголеми висината на снежната покривка, а нова се очекува да се формира и во некои од повисоките места. Во вторник и среда ќе дува засилен северен ветер (над 60 километри на час).
Македонија
Средба Мицкоски-Зеленски: Само праведен мир носи стабилност
Премиерот Христијан Мицкоски во Минхен оствари средба со претседателот на Украина, Володимир Зеленски, со кого, како што објави, разговарале за актуелните безбедносни предизвици во Европа, за потребата од единство и солидарност, но пред сè, за праведен мир.

– Веруваме дека мирот мора да биде изграден врз правда, почитување на достоинството на народите. Само таков мир носи стабилност и сигурна иднина за Европа, напиша Мицкоски во објава на Фејсбук.

Мицкоски и Зеленски разговарале и за продлабочување на соработката, економска размена и поддршка во процесите за напредок на државите.

– Напредокот е можен кога има визија, храброст и јасна определба. Македонија ќе продолжи да биде глас на разумот, партнер на стабилноста и поддржувач на праведниот мир, порачува Мицкоски.

На вториот ден од 62-та Минхенска безбедносна конференција Мицкоски оствари средби со Ричард Гренел, специјален пратеник на претседателот на САД Доналд Трамп за специјални мисии, со холандскиот премиер Дик Схоф, со Џаред Коен, претседател за глобални прашања и ко-раководител на Глобалниот институт Голдман Сакс и со Тед Дојч од Американско-еврејскиот комитет.
Македонија
Пациенти со хемофилија со месеци без „фактор 8“, се бара одговор од МЗ
Од Левица велат дека пациентите со хемофилија повеќе од шест месеци се без неопходниот лек „фактор 8“ поради нераспишан тендер, што, според нив, ги доведува во сериозна здравствена состојба.
Пратеничката Јована Мојсоска преку социјалните мрежи се обрати до министерот за здравство Азир Алиу и директорот на Институтот за трансфузиона медицина Амир Елези, потсетувајќи дека на седница за пратенички прашања било најавено дека лекот ќе биде обезбеден.
Според неа, пациентите со хемофилија живеат во тешки услови додека го чекаат лекот, а добила и повик од лице кое подолг период е врзано за кревет поради недостиг од терапија.
Мојсоска прашува кој ќе сноси одговорност доколку настанат сериозни последици по здравјето на пациентите поради пролонгирањето на постапката.

