Македонија
Синдикатот на УКИМ на 30 јуни со мирен протест пред Влада

Сојузот на синдикати на вработените на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје преку соопштение информираше дека на 30 јуни од 19 часот ќе организира мирен протест пред Влада. Целта на протестот е да се изрази незадоволство од, како што наведува, „драматично влошената материјална состојбата на вработените на Универзитетот“.
„Платите на вработените на УКИМ се исклучително ниски и се неколкупати помали од платите на универзитетите во регионот. Никогаш во својата историја вработените на УКИМ не биле во потешка материјална состојба од денес“ – соопштија од Синдикатот на УКИМ.
Претходно, на 2 јуни одржаа предупредувачки протест пред Ректоратот на УКИМ. Таму побараа од Владата зголемување на платите.
Сојузот на синдикати на вработените на УКИМ ги повикува и граѓаните да им дадат поддршка на протестот пред Влада за да се обезбедат подобри услови и квалитет во високото образование.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Ветрот го сменил правецот од Дрисла, Скопје вечерва мириса на изгорено

Вечерва ветрот го смени правецот и дува од депонијата Дрисла во насока на Скопје поради што во делови од главниот град се чувствува силен непријатен мирис, информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.
Соопшти дека и вечерва продолжуваат активностите за затрупување на депонијата Дрисла, а ќе бидат дополнително засилени рано наутро.
За утре се планирани и повеќе дополнителни активности на дивата депонија Вардариште, најави Ангелов.
Преходно денес беше соопштено дека пожарот на депонијата „Дрисла“ се гасне со затрупување на најкритичните делови.
Премиерот Христијан Мицкоски рече дека е потпален, а како причина за тоа ги наведе физичките процеси на распаѓање на отпадот, кога се ослободува метан – штетен гас кој е лесно запалив, поради што Мицкоски вели дека е доволен само еден отпушок за да се предизвика пожар.
Граѓаните од главниот град вечерва се жалат на миризбата надвор која им предизвикува отежнато дишење. Ситуацијата, според мерните станици, особено е алармантна вечерва во Аеродром и во Ново Лисиче.
Македонија
Фетаи ќе раководи и со новоформираниот совет за конфискација на имот

Владата вчера ја усвои Одлуката за формирање на Национален совет за финансиски истраги и конфискација на имот, со што се предвидува дополнителна алка на врвот на координациската структура, покрај Националната комисија за финансиски истраги и конфискација на имот како највисоко експертско тело.
Со Националниот совет за финансиски истраги и конфискација на имот ќе раководи вицепремиерот за политики за добро владеење, Арбен Фетаи, а членови ќе бидат: министерот за внатрешни работи, министерот за правда, министерот за финансии, јавниот обвинител, претседателот на Врховниот суд, раководителот на Канцеларијата за поврат на имот, директорот на Бирото за јавна безбедност, директорот на Царината, директорот на Управата за финансиска полиција, директорот на Агенцијата за управување со одземен и конфискуван имот и претседателот на Националната комисија за финансиски истраги и конфискација на имот.
„Кабинетот на вицепремиерот Фетаи ќе продолжи да обезбедува политичка, административна и техничка поддршка за работата на Националната комисија за финансиски истраги и конфискација на имот. Процесите и стратешките одлуки кои континуирано се реализираат се доказ за посветеноста на Владата во градењето институционални капацитети и обезбедување услови за спроведување финансиски истраги, конфискација и поврат на имот, како и управување со конфискуваниот имот“, велат од Кабинетот на Фетаи.
Како што се додава, државата се гради секој ден, а граѓаните мора да бидат сведоци на конфискација на нелегално стекнатата имотна корист и да имаат можност истата да ја користат преку нејзина социјална пренамена.
Македонија
Меџити: Инвестиција од над 6 милиони денари во населбата Гази Баба за одржливо водоснабдување

Првиот заменик на претседателот на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, денеска изврши увид во работите кои се одвиваат на улицата „Бајрам Шабани“ во населбата Гази Баба во Општина Чаир.
Проектот, поддржан од Министерството за животна средина, има за цел подобрување на снабдувањето со вода за пиење за жителите од оваа област. Оваа инвестиција, во вредност од над 6 милиони денари, опфаќа изградба на нов цевковод со профил DN 280 мм и должина од 235 метри, со што ќе се замени постојната дотраена мрежа.
„Со оваа интервенција се елиминираат честите прекини и недоволното снабдување, обезбедувајќи стабилна вода за пиење со подобрен притисок долж целата улица,“ изјави Меџити при средбата со жителите на населбата.
Проектот се реализира од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање, во соработка со Општина Чаир, со цел да се гарантира постојан и квалитетен пристап до вода за пиење за жителите на оваа зона.