Македонија
Синдикат на Клинички центар до Филипче: Остварете ги ветувањата и спречете го одливот на лекари од земјава
Синдикатот на Клиничкиот центар испрати соопштение во јавноста во кое информира за состојбите во здравството и јавно побара од министерот за здравство, Венко Филипче, да ги оствари дадените ветувања за поголеми плати и да го спречи одливот на здравствениот персонал од јавните здравствени установи во западноевропските земји или нивниот потенцијален трансфер во приватните болници преку проектот јавно приватно партнерство.
,,Господине министер, одамна истече времето за изградба на двете катни гаражи и намалувањето на цената на паркинг-картичките или нејзино укинување за вработените во Клинички центар. Дали мислите дека вработените во Клинички центар заборавија на Вашето ветување. Зарем мислите дека се намалил револтот. Не, туку ја изгубивте огромната доверба што ја имавте кај вашите довчерашни соработници, се надеваме и понатамошни. Истекува и времето докторите специјалисти во терциерно здравство да ги добијат ветените 100 000 денари основна плата од која се многу далеку”, се вели во соопштението.
Според синдикатот, докторите со 90 до 100 илјади денари плата ги пополнуваат празните места во градовите каде недостигаат доктори од пооделни специјалистички области. Всушност, поради двојната работа ја земаат и платата на оние што ги нема во тие градови, а треба да ги има.
„За волја на вистината, согласно важечкиот колективен договор, докторите специјалисти во Клинички центар имаат 44517,00 денари основна нето-плата. Истекува и времето медицинските сестри и другите здравствени работници да го добијат двојното покачување на платите. Не сакаме да поверуваме дека не знаевте дека ФР Германија до 2025 година ќе има потреба од 150.000 нови медицински сестри. Сигурно некој Ве запознал или бар требало да Ве запознае со стратегијата за решавање на тоа прашање, преку проект кој им нуди на странците интеграција во првите три месеци или тн. Triple Win проект. Најверојатно, мислевте дека проблемот комплетно ќе го решат со кандидати од БиХ, Тунис и Филипини, како што беа првичните огласи. На толкава бројка?
Излезете веќе еднаш јасно и недвосмислено пред нашите и Ваши административни работници да ги кажете Вашите и на Владата на Република Северна Македонија планови за нивната понатамошна судбина. Ветивте дека ќе водите политичка борба во Владата за нивно изземање од останатата јавна администрација. Да Ве информираме дека нашата обврска за утврдување правна регулатива по ова прашање е изработена и е доставена до од Вас назначениот координатор за изготвување на законски измени и дополнувања со кои правно ќе се овозможи оваа цел. И како што знаете, административните работници го чекаат покачувањето од 5% на нивната основна плата.
Господине министер, исправете ја сликата и почнете да се однесувате сериозно кон ресорот што го водите. Со стратегија на тековно, а не планско решавање на проблемите и оставање за некое идно време, ќе се соочиме со уште поголем одлив и недостиг на здравствен персонал, и ситуација која тешко ќе може да се контролира. Како основач на јавното здравство, Ваша обврска е да го спречите одливот на здравствениот персонал од јавните здравствени установи во западноевропските земји или нивниот потенцијален трансфер во приватните болници преку проектот јавно приватно партнерство.
Дали заборавивте дека спротивно на Вашите програмски определби за целиот изминат период основната плата на докторите специјалисти ја покачивте за само 15%, на медицинските сестри и другите здравствени работници и соработници од 10 до 13% и на вработените во администрација за 5%. Како што рековме, времето истекува.И, оставете ги дежурствата. Докторите би Ви биле благодарни да ги укинете дежурствата, и да воведете сменска работа. Но, знаете дека тоа е неизводливо поради недоволен број доктори”, се вели во соопштението.
Синдикатот на Клинички центар потсетува дека последните преговори со министерот ги имале на 15.01.2019 година. „Со ваквиот однос порачувате дека синдикатот на Клинички центар е непосакуван социјален партнер, а со тоа дека не сакате да се соочите, а уште помалку да ги решите проблемите на вработените во Клинички центар.Немаме намера да Ве ‘придобиваме’ со прикажување на нереална вистина. Подобрувањето на статусот на здравствените работници е наша заедничка цел, која нè обврзува на континуиран социјален дијалог. Единствено на тој начин ќе успееме да ги реализираме барањата и потребите на вработените во јавните здравствени установи, како и политиката на Владата 2017 – 2020 година во делот на здравството”, е ставот на синдикатот на Клинички центар.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Угинат балкански рис најден на патот Ресен – Охрид, постојат само 50-тина единки од овој вид
Угинат рис денеска е пронајден на патот Ресен – Охрид. Од Македонското еколошко друштво (МЕД) велат дека ваквиот случај не треба да нè остави рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-ина единки на балканскиот рис.
„По дојава од Здружението на ловци „Преспа-Ресен“, денеска на терен констатиравме дека е угинат рис на патот Ресен-Охрид. Во тек е координирана акција со Министерството за животна средина и просторно планирање, Државниот инспекторат за животна средина, Агенцијата за храна и ветеринарство и Македонското еколошко друштво со цел земање примероци за анализа и транспортирање на угинатото животно на Факултетот за ветеринарна медицина при УКИМ – Скопје заради обдукција“, велат од МЕД.
Од таму велат дека за зачувување на загрозените видови потребно е да се изградат зелени мостови.
„Ваквите случаи не нè оставаат рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-на единки на балканскиот рис. Истовремено, се јасен показател дека ако сакаме да ги зачуваме загрозените видови, мора да се планираат и градат зелени мостови преку кои животните ќе можат безбедно да се движат и да ги надминуваат пречките создадени од човекот“, велат од МЕД.
фото/Facebook/Македонско еколошко друштво
Македонија
Ѓорѓиевски на ифтарска вечера: Ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, присуствуваше на ифтарска вечера.

„Таму каде што почитта нè обединува! Вечерва, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, Реис ул-Улема, присуствував на традиционалната ифтарска вечера со нашите браќа и сестри од исламска вероисповед. Во духот на меѓусебната почит, разбирање и искрена човечка блискост, вечерта помина во пријатна и топла атмосфера, испраќајќи силна порака за соживот, толеранција и заедништво. Токму ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство, а почитта, наш заеднички темел“, напиша Ѓорѓиевски.

Додаде дека рамазанските денови се денови на духовна сила, добрина, солидарност и обединување, денови кога се отвораат срцата, кога се помага на ближниот и кога уште повеќе се зацврстуваат врските меѓу луѓето.
„Да продолжиме да се почитуваме, да се поддржуваме и да останеме сплотени, за заедно да ја оствариме нашата мисија – силно и модерно Скопје и просперитетна Македонија“, напиша градоначалникот.
Македонија
Предлогот за минимална плата од 600 евра не помина на Комисија во Собрание
Предлогот минималната плата да се зголеми на 36.960 денари (600 евра) од март, денеска не помина на седницата на собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика, откако официјално беше поднесен од пратеничката група на СДСМ.
Од опозицијата обвинија дека власта освен предлогот за јавна расправа го одбила и разговорот меѓу синдикатите, работодавачите и Владата.
„Предлогот за изменување и дополнување на Законот за минималната плата, поднесен од пратениците на СДСМ денеска не беше прифатен на собраниската Комисија за економски прашања. За законот дебатираа само пратениците од опозицијата. Власта го одби и предлогот за јавна расправа, одби разговор меѓу синдикатите, работодавачите и Владата. Одбија решение за работниците. Одбија 600 евра минимална плата“, велат од СДСМ.
Според нив, власта има пари за луксузирање, за мебел, чанти, авион ама нема за поголеми плати за раотниците.
„Парите за авионот не е исфрлени, нема реабаланс на Буџетот, затоа што немаат намера да се откажат. Гледаме координирана кампања на 40% од медиумите кои ги држат во сопственост преку Орбан, со наратив дека „потребен е авион“. Не запираат. Има за авион. Има за мебел. Нема за плати. Дефокус не го полни фрижидерот. Со дефокус не можете да ја оттурнете главната тема и да ги оставите работниците без леб. Мислите дека со дефокус ќе се избрише сеќавањето на авионот, часовниците од 65.000 евра, чантите од 30.000 долари?“, прашуваат од СДСМ.

