Македонија
Синоќа казнети над 170 возачи во Скопје

Над 170 возачи биле казнети синоќа во Скопје за брзо возење, алкохол и други сообраќајни прекршоци, информираат од МВР.
При контролата што ја спровело Одделението за безбедност на сообраќајот, биле санкционирани 12 возачи кои ја пречекориле брзината, а утврдено било присуство на алкохол кај 32 учесници во сообраќајот низ сокпските улици.
Според информациите од полицијата, казнети се и тројца возачи на мотори.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Филипче: Веднаш по преземањето на одговорноста, Вардариште ќе биде ставено под контрола

Скопјани повеќе немаат време за чекање и лажни ветувања од ВМРО-ДПМНЕ, порача претседателот на СДСМ Венко Филипче, кој денеска заедно со кандидатите за градоначалници на Аеродром и Гази Баба, Александар Трајановски и Влатко Митовски, изврши теренска посета на депонијата Вардариште.
„Четири години неспособната локална власт на ВМРО-ДПМНЕ не успева да реши една дива депонија што шири зараза и смрт. Ова е врв на неработење, негрижа и криминална рамнодушност“, рече Филипче.
Филипче при теренската посета испорача сет конкретни решенија за кои рече дека ќе се спроведат веднаш по преземањето на одговорноста во локалната власт:
Воведување механизација за покривање на отпадот со земја и глина, компактирање и затворање на жариштата за елиминирање на кислород и влага, систем за извлекување и согорување на метанот и формирање стручен штаб со експерти за управување со отпад.
„Мора службите на Град Скопје веднаш да добијат задачи за надминување на проблемот со горење на отпадот. Не може Советот на Градот да биде на страна, а скопјани да се гушат“, порача Филипче.
Тој потсети дека токму советничката група на СДСМ побарала итно свикување на седница за Вардариште, но ВМРО-ДПМНЕ молчи.
Македонија
Студентското собрание на УКИМ бара подобри услови за вселување во државните домови

Универзитетското студентско собрание на УКИМ со загриженост реагира на неповолните услови и недоволната организација при процесот на вселување во државните студентски домови, кој започна на 9 септември 2025 година.
Најголеми гужви и проблеми се забележани во студентските домови „Гоце Делчев“ и „Пелагонија“, каде што, како што велат од студентското собрание, дел од студентите беа принудени да чекаат повеќе од 12 часа – од преземање на документи до добивање на соба – на температури над 25 степени.
УСС-УКИМ бара:
– Отворање на повеќе пултови за преземање на документи, за да се намали времето на чекање и да се обезбеди побрз прием.
– Поголем временски интервал меѓу објавувањето на конечните резултати и самиот почеток на вселувањето, за домовите да можат навремено да се подготват.
– Присуство и активен мониторинг од страна на Министерството за образование и наука на самото место, за да се гарантира правилна и фер распределба на собите.
– Дигитализација на процесот на вселување, со што би се намалило времето на чекање и би се вовеле современи стандарди во управувањето со домовите.
Како заклучок, Универзитетското студентско собрание на УКИМ е подготвено да предложи студенти кои би помогнале во целиот процес на вселување, а апелираме институциите да развијат соработка со факултетите, кои можат да понудат стручна поддршка за дигитализација на системот.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Боли егзодусот на најдобрите лекари

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на свеченото одбележување на 80-годишнината од постоењето на Македонското лекарско друштво, што вчеравечер се одржа во Македонскиот народен театар во Скопје.
Таа упати честитки по повод значајниот јубилеј и потсети дека улогата на Македонското лекарско друштво, како претходник на Медицинскиот факултет, зачетник на медицинската едукација и иницијатор и основач на Лекарската комора, е важен дел од историјата на здравствениот систем во државава.
За неа, јубилејот означува осум децении макотрпна и посветена работа, континуирана, силна поддршка на здравството и на лекарската професија, храбра борба за поздрави граѓани, за функционална и ефикасна здравствена заштита, за пристојно здравство.
Сиљановска-Давкова истакна дека егзодусот на најдобрите лекари, медицински сестри и друг медицински кадар е тешка општествена болест и укажа на итната потреба од негово лекување, преку одлучна битка за задржување на најдобрите дома, во македонските здравствени установи како нејефикасен здравствен процес за надминување на опасната криза на недостиг на кадар, нужен за подобрување на нарушеното здравје на нацијата.
Според неа, мора да знаеме дека здравјето не цвета во разорено и дезорганизирано општество, ниту во партизиран и политизиран здравствен систем во којшто, прети опасност да зацарува профитната логика, па здравствената услуга да се купува и продава, пациентите да не се третираат како личности, а некои лекари да ја заборават светата Хипократовата заклетва.
„Здрави граѓани се раѓаат и развивааат во здрави држави и здрави општества, во коишто болеста се превенира со здрав животен стил во здрава животна средина, со загарантирана здравствена и социјална заштита, со посебна грижа за децата и за семејството, но и со адекватен здравствен работен амбиент”, рече таа.
За претседателката, лекарската професија останува најпочитуваната, најхумната, најпосакуваната.
Таа им упати длабока благодарност на сите лекари за секој спасен живот, секоја победена болест, секој излекуван пациент и изрази восхит кон нив за решеноста и способноста стоички и достинствено да го носат товарот на професијата.