Македонија
„Сите те сакаа тебе, златно дете“ – музичкото училиште во Струмица се прости со тапанарот на ДНК
Во основното музичко училиште во Струмица се одржа комеморација за Џоко Ѓоргиев, тапанар на групата ДНК, кој загина во пожарот во Кочани, а беше вработен и како наставник.
Неговите колеги и пријатели го поздравија со едноминутно молчење.
Директорката на музичкото во Струмица, Клара Патарова, рече дека поради неговиот поздрав наутро Goоооod morning, нивните срца секојдневно ѕвонеле. Неговиот однос бил полн со почит. Знааел да сподели ведрина и актуелна случка во градот.
„По 100 пати во денот ќе прашаше: ‘Треба ли нешто?’ Знаевме да ти кажеме: ‘Седни, одмори се’, а тој велеше: ‘Не директорке, јас не знам да седам, дадете ми обврски’“, раскажа директорката додавајќи дека во зградта сѐ потсетува на него.
„Грда е реалноста, тешко се прифаќа“, рече таа.
„Надвор од ова просторија има уште стотици, илјадници луѓе со истото чувство, дека загубиле дел од себе, некој свој, оти кој тебе не те сакаше, златно дете. Како и досега, ти умееш да ги сплотиш луѓето“, рече Патарова.
Претходно, од училиштето објавија дека тапаните биле неговиот живот, а загинал од огнените јазици додека ги ширел својата енергија, талент и љубов заедно со нив – своите тапани.
„Сакан и мил наш, веќе си ненадоместлив меѓу нас колегите, но и меѓу учениците, кои те обожаваа. Секојдневието ќе биде болно… тажно… празно. Ти испраќаме со болни и тажни воздишки“, напиша претходно средното училиште.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Град Скопје: Почнува пријавувањето за манифестацијата „Украсуваме по скопски“
Градот Скопје, по иницијатива на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, ја организира манифестацијата „Украсуваме по скопски“, со која жителите на главниот град се мотивираат и стимулираат да ги украсуваат своите домови придонесувајќи во разубавувањето на празничниот амбиент на градот за време на Новогодишните и Божиќните празници.
„Заинтересираните граѓани кои сакаат да учествуваат во манифестацијата, односно да се натпреваруваат за најинтересно и најкреативно новогодишно украсување, можат да се пријават на телефонскиот број 3297 265, од 9 до 16 часот, во периодот од 11 до 23 декември 2025 година.
Фотографиите од украсените објекти, заедно со податоците за сопствениците, телефонскиот број и адресата, учесниците можат да ги испраќаат на интернет-адресата [email protected], или на адреса: булевар Илинден бр. 82, со назнака за манифестацијата „Украсуваме по скопски“.
Град Скопје годинава ќе избере:
• Најубаво новогодишно украсен двор од индивидуална станбена куќа;
• Најубаво новогодишно украсена тераса од стан;
• Најубави раскази напишани од средношколците на тема новогодишни желби и празнувања.
Пријавените објекти ќе ги посети жири-комисија, која ќе биде составена од претставници на медиумите, коишто исто така ќе ги оценуваат и составите на средношколците.
Сите заинтересирани медиуми може да пријават свои претставници за членови во жири-комисиите на следнава интернет-адреса [email protected].
Градот Скопје за најдобрите во сите категории ќе обезбеди соодветни награди.
Наградите на најуспешните ќе им ги додели градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски“.
Македонија
Герасимовски: Децентрализацијата е темел на модерното управување, општините не смее да бидат заложници на политиката
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, учествуваше на панел-дискусијата „Перспективи за унапредување на децентрализацијата и локалното управување“, во рамки на Годишната конференција за локална самоуправа и децентрализација.
Во своето обраќање тој ја нагласи потребата од продолжување на процесот на децентрализација, јакнење на меѓуопштинската соработка, активната улога во ЗЕЛС и координацијата со државните институции во интерес на граѓаните.
„Без оглед на различните политички определби, јас верувам дека соработката меѓу централната и локалната власт мора да биде над дневната политика. Децентрализацијата е темел на современото управување, а општината е сервис на граѓаните, не место за политички блокади“, истакна Герасимовски.
Тој потсети дека Скопје во 2028 година ќе ја носи титулата Европска престолнина на културата и дека Општина Центар, како урбано и културно средиште, ќе биде главен домаќин на голем дел од програмските активности. Затоа, како што рече, е неопходно координирано делување меѓу градот, општините и извршната власт уште од раната фаза на планирање, бидејќи успехот на проектот зависи и од начинот на кој Центар ќе ја поддржи програмата што ќе ја претстави државата пред Европа.
Герасимовски ја нагласи и важноста на ЗЕЛС како клучен механизам преку кој градоначалниците ги доставуваат своите предлози и забелешки за закони и политики што директно ги засегаат општините.
Тој потсети на сите законски иницијативи што Општина Центар ги има доставено, меѓу кои предлог измените на Законот за градежно земјиште, иницијативата за измена на повеќе закони со цел општините поефикасно да се справуваат со малолетниот вандализам, прифатената измена на Законот за управување со конфискуван имот со што се овозможува пренамена на дивоградбите во објекти од јавен интерес, како и други предлози насочени кон јакнење на локалното управување.
Македонија
Ѓорѓиевски со Агелер: Само со транспарентност, отчетност и силни институции можеме да изградиме модерно и доверливо општество
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска беше домаќин на амбасадорката на Соединетите Американски Држави, Анџела П. Агелер, која за првпат во својство на амбасадорка официјално го посети градот. На средбата присуствуваше и делегација од Амбасадата на САД, а разговорот се одвиваше во отворена, пријателска и конструктивна атмосфера.
Средбата, како што соопштија од таму, претставува значаен чекор во продлабочувањето на долгогодишното стратешко партнерство со САД, со фокус на институционалниот развој, економскиот напредок, борбата против корупцијата и создавање нови можности за граѓаните.
Во делегацијата учествуваа и Дејвид Маерс, шеф на Политичко-економскиот оддел, како и Розита Мреношки, помошник за политичко-економски прашања.
„Ова е прва посета во градот Скопје на амбасадорката Агелер откако е на својата должност.
Ја информирав за изборната програма, за динамиката на нејзина реализација и тековните проекти кои Град Скопје ги спроведува.
Разговаравме отворено за предизвиците, визиите и стратешките приоритети за развој на градот во следните години.
Особено важно беше заедничкото согледување на потребата од бескомпромисна борба против корупцијата на сите нивоа.
Се согласивме дека само со транспарентност, отчетност и силни институции можеме да изградиме модерно и доверливо општество.
САД се наш докажан и долгогодишен стратешки партнер.
Поддршката што ја добиваме од Соединетите Држави во развојот на институциите, демократијата и економијата е од огромно значење за нашиот напредок.
Уверен сум дека ова партнерство ќе се продлабочува и ќе продолжи да создава нови можности за жителите на Скопје.
Продолжуваме заеднички да градиме силни врски, стабилност и перспективи, за Скопје што расте, се развива и го заслужува најдоброто“.

