Македонија
Силјановска-Давкова го додели мандатот за состав на нова влада: Мицкоски има рок од дваесет дена да ја формира
Претседателката Гордана Силјановска-Давкова денеска му го додели мандатот за состав на нова влада на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„Според Уставот, односно според член 84, став 1, алинеја 1, една од надлежностите на претседателот е доделување мандат за состав на влада.
Во согласност со член 90, став 1, алинеја 1, мандатот задолжително се доделува во период по истекот на десет дена од конституирањето на Собранието, и тоа на лидерот на партиите што имаат мнозинство во Собранието. Сведоци сме дека денеска истекува десетиот ден“, нагласи претседателката на чинот на доделување на мандатот.
„При конституирањето на Собранието, претседателот на Собранието беше избран со 76 гласа ‘за’. Овој резултат и преговорите што се во тек ми даваат право основано да сметам дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, има сериозна можност да формира влада, односно да освои 61 глас зад својата програма и зад составот на владата, што, се разбира, ќе го предложи во следните 20 дена“, нагласи Силјановска-Давкова.
Задоволство ми е со сигурност да верувам, рече претседателката, дека чекорот што го преземам на Христијан Мицкоски е вистински правен и политички.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Водата се повлекува во повеќе региони, дел од патиштата затворени поради поплави, одрони и снег
Центарот за управување со кризи информира дека по обилните врнежи, состојбата на терен е стабилизирана во дел од регионите, а водата постепено се повлекува од поплавените подрачја. Информацијата се однесува на состојбата до 8 часот.
Во Пелагонискиот регион, во општините Битола, Могила и Новаци, водата се повлекува од површините каде што претходно имало излевање. Нивото на реката Црна кај селото Новаци во 18:00 часот изнесувало 320 сантиметри. Во Демир Хисар, поради оштетување на мостот на Боишка река, затворен е локалниот пат кон селото Мренога. Излевање сè уште има на реката Црна во атарот на селата Жван и Единаковци, каде се поплавени поголеми земјоделски површини. Во Ресен се поплавени земјоделски површини, а во текот на денот интервенирано е со градежна машина за расчистување на коритото на Голема Река.
Во Југозападниот регион, во Охрид, на реката Сушица е изграден заштитен насип со багер, со што е спречено понатамошно излевање, но сè уште има поплавени подрумски простории и дворови. Во струшкото село Мислешево поплавени се дворови и обработливи земјоделски површини, а санацијата е отежната поради неможност за изведување пропуст за истек на водата. Во селото Калишта има поплавени дворови и подруми, при што се преземаат дополнителни мерки за санација. Во Дебар, реката Радика има зголемен водостој, но засега нема опасност од излевање, а патните правци се проодни со појава на помали одрони на делниците Жировница – Дебар и Дебар – Струга.
Во Западниот регион, во Кичево, водостоите на Зајашка река и реката Треска се намалени и нема опасност од нови поплави. Во тек е расчистување на поплавените домови и дезинфекција, а евакуираните лица се сместени во спортската сала „Христо Узунов“.
Во Вардарскиот регион, во Кавадарци, интервенирано е со механизација на повеќе ридско-планински патни правци, каде снежната покривка достигнува до 15 сантиметри.
Во Североисточниот регион, патниот правец меѓу селата П’клиште и Герман во општина Ранковце е непрооден поради снежни наноси, а во тек е негово расчистување.
Во Полошкиот регион, на патот Тетово – село Бањиче била падната голема карпа, по што сообраќајот е нормализиран, додека на патот кон Маврово кај каменоломот е евидентиран одрон и се преземаат активности за негово расчистување.
Македонија
ВЛЕН: Албанците зборуваа со еден глас, 10 општини за промени, им честитаме на Лимани и Шабани
„ВЛЕН е апсолутен победник на локалните избори, со 10 освоени општини, силно потврдувајќи ја граѓанската доверба и широката поддршка што Албанците ја дадоа за промените“, велат од ВЛЕН.
„Го поздравуваме официјалното завршување на локалниот изборен процес, кој заврши вчера со повторените избори во Гостивар и Врапчиште. Во оваа пригода, им честитаме на кандидатите на опозицијата, Валбон Лимани и Исен Шабани, за нивната победа.
Овие избори јасно докажаа дека Албанците зборуваа со ЕДЕН ГЛАС. Десетте освоени општини се неоспорен доказ дека ВЛЕН е политичката локомотива на Албанците, силата што води, обединува и носи долгоочекувана промена на локално ниво.
ВЛЕН ќе продолжи да работи одговорно, за граѓаните и во интерес на Албанците насекаде, трансформирајќи ја оваа доверба во конкретна работа и вистински развој“, се додава во соопштението на ВЛЕН.
Македонија
Алиу: Предлог-законот за заштита од пушење објавен на ЕНЕР, отвораме јавна расправа пред неговото усвојување
Министерството за здравство информира дека предлог-законот за заштита од пушење е објавен на електронскиот национален регистар на прописи (ЕНЕР), каде сите заинтересирани граѓани и организации можат да учествуваат во јавната расправа пред неговото усвојување.
-Со овој закон отвораме суштинско прашање што директно го засега здравјето и иднината на нашите деца и младите. Фактите се јасни и неспорни – тутунот и никотинот остануваат водечка причина за превентабилна смрт, изложеноста на чад и аеросоли ги оштетува и тие кои не избрале да пушат, а новите никотински производи, аромите, агресивниот маркетинг и дигиталната промоција се насочени токму кон младите. Затоа, Министерството за здравство изготви нов Закон за заштита од пушење, чија намера не е казнување, туку превенција, јавно здравје и заштита на најранливите категории граѓани, оценува министерот за здравство, Азир Алиу.
„Целта на новите законски измени е воспоставување контрола врз појавата и ширењето на новите тутунски и никотински производи, особено нивната агресивна промоција и лесна достапност. Истовремено, се воведува целосна забрана за рекламирање, промоција и спонзорство, се ограничуваат продажбата и изложувањето на тутунски и никотински производи, како превентивни мерки за поддршка на откажувањето од зависноста, и конечно, се зајакнува забраната за пушење во јавни и работни простории.
Со овој закон, испраќаме јасна порака дека здравјето е повисока вредност од било кој комерцијален интерес, дека здравјето на децата не може да биде предмет на профит, дека јавниот простор мора да биде безбеден простор.
Воедно, законското решение е усогласено со европската регулатива и со меѓународните обврски што државата ги има преземено, принципите на Рамковната конвенција на Светската здравствена организација“, се наведува во соопштението од Министерството за здравство.

