Македонија
Сиљановска-Давкова го пречека Пелегрини, во фокус соработката и евроинтеграциите
Започна официјалната посета на словачкиот претседател Пелегрини
Со највисоки државни и воени почести претседателката Гордана Сиљановска-Давкова го пречека словачкиот претседател, Петер Пелегрини, кој престојува во дводневна официјална посета на земјава.
По тет-а-тет средбата, се одржа пленарен состанок на македонската и на словачката делегација.
Соговорниците се заложија за унапредување на билатералните односи, продлабочување на економската соработка, забрзување на македонскиот и регионалниот евроинтегративен процес и превземање итни чекори за подобрување на европската и глобалната безбедност.
Обајцата ја потврдија одличната соработка, втемелена во заедничкото духовно наследство, културната блискост и искреното пријателство.
Претседателката му се заблагодари на словачкиот претседател за континуираната поддршка на македонското членство во Европската Унија, повторувајќи дека процесот на проширување мора да се темели на Копенхагенските критериуми, без дополнителни билатерални условувања.
Со оглед на бројните глобални предизвици, претседателите укажуваат на потребата од поголема доверба, солидарност и заедништво на државите и нациите во рамките на ЕУ, НАТО и Обединетите нации.
На средбата со претседателот Пелегрини, Сиљановска-Давкова изрази жалење за вчерашната железничка несреќа во Словачка, во којашто се повредени околу 100 лица и посака нивно побрзо закрепнување.
За време на посетата на претседателот Пелегрини, македонскиот министер за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски и државниот секретар во словачкото Министерство за економија, Владимир Шимоњак, потпишаа Меморандум за соработка во областа на економијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Голема полициска акција: претреси во Скопје, Куманово и на други локации
Во координација со Основното јавно обвинителство Скопје во тек е полициска акција со претреси во Скопје, Куманово и на други локации, поради сомненија за кривично дело злоупотреба на службена должност.
Обвинителството најави повеќе информации по завршување на акцијата.
Македонија
Поради одрон во прекин е сообраќајот на регионалниот пат Ресен- Граничен премин Стење
Денеска од 07:55 часот, поради одрон на патот помеѓу селата Царев Двор и Отешево, во прекин е сообраќајот во двата правци на регионалниот пат Ресен – Граничен премин Стење.
„Апелираме до граѓаните да не се упатуваат кон овој пат, а надлежните институции преземаат мерки и активности за чистење на патот и нормализирање на сообраќајот, за што јавноста ќе биде соодветно известена“, велат од МВР.
Македонија
Без струја денеска делови од Чаир и Студеничани
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 08.00 до 16.00 часот, корисниците од улиците број 90, 131 и 191, корисниците од околните згради и продавниците кај 26 Јули, објектите на хотелите Хамбург и Аен, казиното Сенатор и адвокатското друштво Калач. (општина Чаир)
· во периодот од 09.00 до 16.00 часот, корисниците од селата Драчевица, Цветово и Алдинци, вили Китка, Мала Река, Принцес, Караџица и Солунска Глава. (општина Студеничани)

