Македонија
Сиљановска-Давкова им врачи признание „Инженерски прстен 2025“ на 14 најуспешни дипломирани инженери
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова им додели „Инженерски прстен 2025“ на 14 најуспешни студенти, дипломци на инженерски факултети во рамките на универзитетите: „Св.Кирил и Методиј“ – Скопје, „Св.Климент Охридски“ – Битола, „Гоце Делчев“ – Штип и Државниот универзитет – Тетово.
Свечената церемонија се одржа на платото пред црквата „Свети Климент и Пантелејмон“ – Плаошник, во Охрид.
Добитници на „Инженерски прстен 2025“ од УКИМ – Скопје, годинава се: Фросина Станковска – Архитектонски факултет, Марко Ѓорѓиоски – Градежен факултет, Харитина Сакова – Машински факултет, Васка Зарковска – Технолошко-металуршки факултет, Сара Ацковска – Факултет за земјоделски науки и храна, Димитар Пешевски – Факултет за информатички науки и компјутерско инженерство, Кирил Христовски – Природно-математички факултет, Теа Костадинова – Факултет за дизајн и технологии на мебел и ентериер, Рената Павлеска – Факултет за електротехника и информациски технологии.
Наградени студенти со „ Инженерски прстен“ 2025 од УКЛО – Битола се: Катерина Стојкоска – Технички факултет и Софи Гајтановска – Факултет за информатички и компјутерски технологии.
Од УГД Штип, носители на наградата се: Сара Панева – Факултет за природни и технички науки и Бојана Тасева – Факултет за информатика.
Од ДУТ, признанието го доби Гзим Дервиши – Факултет за применети науки.
Сиљановска-Давкова, честитајќи им го на добитниците престижното признание, ја истакна важноста од континуираната подршка на образованието и науката, како најдобра општествена инвестиција.
Таа ја реафирмира потребата од развојна образовна политика, компатибилна со регионалната и европската, насочена кон наша интегрирација во европската истражувачка сфера и афирмација на меѓународниот истражувачки пазар.
Според неа, само образовани и компетенти луѓе на политички и управувачки позиции можат да ја разберат и поддржат науката.
Андреј Лепавцов, претседателот на Инженерската институција на Македонија, им порача на најдобрите инженери во прстенот да гледаат не само признание, туку и обврска и предизвик за поголемо знаење и повисоки стандарди на квалитет.
„Наша должност е да ве поддржуваме во секоја фаза од вашата професионална кариера. Ние ќе бидеме тука да ве поврземе со индустријата, да ви помогнеме да ги продолжите вашите академски патеки“, рече тој и нагласи дека институцијата со која раководи ќе ги охрабрува да се вклучат во креирањето на инженерската политика на државата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ: Граѓаните ќе стават крај на криминалот и корупцијата на ДПМНЕ!
„АКТ откри корупциска мрежа, систем преку кој милиони евра пари на граѓаните завршуваат кај фирми блиски до власта преку наместени тендери. Додека тече грабеж на народот каснат исплатите за породилното, доцни поврат на ДДВ, доцни социјалната помош, се намалува буџетот за болните од ретки болести, нема пари за поголеми плати и пензии“, соопшти СДСМ.
„Граѓаните едвај врзуваат крај со крај а власта се богати преку наместени тендери и сомнителни зделки.
Само една фирма добила дури 161 тендер, во вредност од 5,3 милиони евра. Втора фирма инкасирала 9 милиони евра со двајца вработени и отворена лани.
Ова е организирано испумпување на граѓаните на кое мора да му се стави крај! АКТ најавува нова дигитална платформа нова алатка во борбата против корупцијата и криминалот.
Граѓаните ќе стават крај на криминалот и корупцијата. Власта ќе ја вратиме назад во рацете на граѓаните.
Не е крај кога ќе каже Мицкоски туку обратно, граѓаните кажуваат кога е крај! Тоа на сите нека им биде јасно! Сите ќе одговарате! Работата не е завршена“, се вели во соопштението на СДСМ.
Македонија
„Влен“: Правичната застапеност добива европски печат и наскоро ќе влезе во Парламентот
„ВЛЕН затвора еднаш засекогаш едно од најголемите поглавја на политичката измама против Албанците: прашањето за правична и соодветна застапеност. Новиот закон за правична и соодветна застапеност е најјасен доказ дека она што две децении се користеше како слоган, алиби и алатка за политичка уцена, денес станува законски, мерлив и применлив стандард“, велат од „Влен“.
„За прв пат, правичната застапеност не останува заложник на политичката волја на владите, партиските пазарења или изборните манипулации, туку е регулирана со јасен, обврзувачки и надгледлив закон. Со овој закон, ВЛЕН ја затвора клучната алка на Охридскиот Договор.
Фактите се неоспорни: Венецијанската комисија, највисокиот европски орган за уставни и правни прашања, исто така даде позитивно мислење за истиот закон. Ова дефинитивно ја побива пропагандата на ДУИ, која со години зборуваше за застапеност, но никогаш немаше храброст, волја и политичка чесност да ја регулира со закон.
ВЛЕН го направи она што другите само го ветуваа. Денес, правичната и соодветната застапеност се трансформира во правен механизам што гарантира вистинска еднаквост, транспарентност и правда за сите граѓани, без оглед на припадноста и без партиски посредници.
Се очекува законот наскоро да влезе во собраниска процедура, а ВЛЕН ги повикува сите пратеници, без исклучок, да се вратат на разумот, одговорноста и јавниот интерес. Ова не е партиски закон, туку закон за еднаквост, закон за правда и закон за европската иднина на земјата“, соопшти „Влен“.
Македонија
„Ако лажат британските медиуми и „нема легални и нелегални мигранти“ – Мицкоски нека ја потпише Резолуцијата!“, бара СДСМ
„Христијан Мицкоски тврди дека британските медиуми, кои објавија дека се договара прифаќање мигранти во Македонија за пари, лажат. Исто така, тврди дека „нема легални и нелегални мигранти“. Значи, според Мицкоски, сите лажат“, велат од СДСМ.
„Ако е навистина така, тогаш зошто Мицкоски не ја потпишува Резолуцијата? Што чека? Зошто одолговлекува и бега?
Еве, нека ја потпише Резолуцијата на СДСМ. Со само еден потпис ќе ги расчисти сите сомнежи и дилеми.
Ние сме конструктивни и транспарентни од првиот ден. Резолуцијата е јавно објавена и сите ја видоа.
Граѓаните бараат дела – конкретен чекор од Мицкоски, а не празни зборови.
Затоа што за граѓаните неговите зборови одамна не важат, поради сите ветувања што не ги исполни. Како и ветувањето дека ќе се повлече од политиката ако се докаже поврзаност со Агенцијата за обезбедување во Кочани. А има и многу други неисполнети ветувања. Списокот е долг.
Мицкоски веднаш нека ја потпише Резолуцијата, а не да ја руши со контра Резолуции. Потпиши и нема мигранти. Толку е едноставно.
Ако одбива да потпише – тогаш сè е јасно: Мицкоски не ја зборува вистината, а договор за мигранти сепак има“, соопшти СДСМ.

