Македонија
Сиљановска-Давкова: Кирил и Методиј ни ја подарија не само глаголицата, туку со неа изградија силен сесловенски културен и цивилизациски темел
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова упати честитка по повод 24 Мај, Денот на сесловенските просветители светите браќа Кирил и Методиј.
„Дозволете ми од срце да ви изразам искрени честитки по повод 24 Мај, денот кога го славиме споменот на Светите рамноапостоли Кирил и Методиј – сесловенски просветители, заштитници на Европа, браќа и учители.
Овој ден е силен потсетник за трајната вредност на нивната мисија – вредност чии корени лежат длабоко во културата, знаењето и духовната сплотеност. Светите Кирил и Методиј ни ја подарија не само глаголицата, туку со неа изградија силен сесловенски културен и цивилизациски темел што продолжува да го потпира нашиот идентитет и до ден денес. Преку нивната посветеност и визија, го отворија патот кон писменоста и учењето на сопствен јазик – дар што омоќни многу генерации и го зачува нашиот глас низ вековите.
Да го чествуваме и чуваме нивниот спомен преку негувањето на вредностите коишто тие ги отелотворија: мудрост, вера, образование и обединетост. Славејќи ги нивните дела, да ја зацврснеме нашата заложба за градење на општество засновано врз знаење, меѓусебно почитување и достоинство.
Нека овој ден нè поттикне и понатаму да се гордееме со нашето културно и духовно наследство, да го чуваме, збогатиме и да им го предадеме на идните генерации изворот на знаењето што ни го дале нам нашите предци, а ним Светите Кирил и Методиј – секогаш чист, секогаш постојан, вечно жив!“, се вели во честитката на Давкова.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Кривична пријава за директор на студентски дом поради несовесно работење
Полицијата поднесе кривична пријава против Н.Ј. (57) од селото Таринци, општина Карбинци, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“.
Според пријавата, на 29 и 31 мај 2024 година, Н.Ј., во својство на директор на Државен студентски дом „Браќа Миладиновци” во Штип, постапил спротивно на член 40 од Законот за јавни набавки.
Тој извршил плаќање на фактури во вкупен износ од 84.320 денари за сместување, односно ноќевање за себе и за ученици од студентскиот дом во два хотели во Охрид, без да спроведе соодветна постапка за јавна набавка, соопшти полицијата.
Македонија
Кривична за поранешен градоначалник на Чашка поради сомнеж за злоупотреба
Полицијата поднесе кривична пријава против Г.С. (47) од Велес, поранешен градоначалник на Општина Чашка, и против М.А., раководител на финансиското одделение во истата општина, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување.
Според пријавата, Г.С. во текот на 2021 и 2022 година, во повеќе наврати, свесно и со умисла ја ангажирал второпријавената да извршува работни задачи подолго од нејзиното работно време, иако таа била вработена со скратено работно време, што е спротивно на Законот за работни односи, кој забранува прекувремена работа за лица со скратено работно време.
Од СВР Велес информираат дека М.А., и покрај известувањето од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија и донесеното решение за четиричасовно работно време поради здравствени причини, прифатила да биде дополнително ангажирана.
За извршените активности ѝ биле исплатени 50.109 денари, со што, според пријавата, е нанесена штета на буџетот на Општина Чашка.
Македонија
„Нокаут“ ќе ги забавува битолчани за Нова Година
Општина Битола одлучи да нема огномет на прославата на дочекот на Новата година.
Со ова, општината се приклучува кон другите општини кои, исто така, одлучија на прославите за дочекот на новата година да нема огномети и заради барањата на поедини здруженија на граѓани.
Организираниот дочек како и изминатите години ќе биде на платото на Офицерскиот дом, каде ќе има музичка програма која е дел од „Зимската приказна“.
На последниот ден од годината дневната програма ќе започне во 11:00 часот на платото на Офицерскиот дом, а од 12:00 часот во Старата чаршија.
Вечерната програма пред Офицерскиот дом ќе биде од 20:30. На почеток забава со Борче Наумовски, потоа „Кабаре за раѓањето и вечноста“, „Баркод бенд“ и од 23:00 до 1:00 часот по полноќ со групата „Нокаут“.

