Македонија
Сиљановска-Давкова на средба со судии на Уставниот суд на Косово и судии на македонскиот Уставен суд: разменети експертски мислења
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска ги прими претседателот на Уставниот суд на Република Косово, Неџми Реџепи и уставните судии Јетон Битиќи, Енвер Пеци, Ремзије Истрефи-Пеци, Бајрам Љатифи, Сафет Хоџа и Ветон Дуља, кои се во посета на македонскиот Уставен суд, придружувани од нивните македонски домаќини, претседателот на македонскиот Уставен суд, Дарко Костадиновски и судијката Ана Павлова- Данева.
На средбата, уставните судии ја запознаа со континуираната и плодна соработка на косовскиот и македонскиот уставен суд, денеска крунисана со потпишување на Меморандум за разбирање.
Посетата помина во размена на експертски мислења за современата улога на уставните судови во развојот на косовската и македонската демократија, за компаративното искуство, за научените лекции, како и за уставно-судските предизвици со коишто се соочени двата суда.
Судиите од Косово ја запознаа претседателката со работењето на судот во изминативе 16 години, потенцирајќи ја неговата клучна улога во заштитата на уставноста и законитоста, човековите слободи и права, поделбата на власта, фер и демократските избори. Според нив, врзаноста на Уставниот суд на Косово за директната примена на Европската конвенција за човекови права и судската пракса на Европскиот суд за човекови права, му дава европски карактер, заради отвореноста и заснованоста врз општопознатите меѓународни стандарди и можноста за широка интерпретација на правото. Тие посебно се осврнаа на судската пракса насочена кон гарантирање на родовата еднаквост, во духот на Истанбулската конвенција.
Претседателот Дарко Костадиновски ги презентираше досегашните чекори во соработката, оценувајќи ја како исклучително важна, а судијката, Ана Павлова- Данева изрази став дека релативно кусото косовско уставно-судско искуство, за разлика од долгото македонско искуство, чиј почеток е во 1963 година, не е хендикеп, туку е предност, заради заснованоста на најдобрите уставно-правни практики.
Сиљановска-Давкова, високо ја оцени работата на косовскиот Уставен суд, којшто иако е најмлад во регионот, одигра важна улога во заштитата на Уставот, законите и човековите слободи и права. Таа изрази посебен интерес за уставната пракса поврзана со широката надлежност на судот, во која е вклучена и обврската на претседателот на собранието да го достави амандманот до Уставниот суд , пред да биде усвоен во собранието; оценката на изборите и референдумите, како и на одлуките за вонредна состојба и уредбите со законска сила. Исто така, за неа е позитивно решението со кое во кругот на овластени иницијатори на уставно-судска постапка се вклучени граѓаните, со нивното право да покренат уставна тужба. И уставно загарантираната контрола на одлуките за воведување на вонредна состојба и уредбите со законска сила, е голем демократски чекор, што, за жал, не се случи кај нас по завршувањето на Ковид кризата.
Укажувајќи дека уставната правда е темел на правниот поредок, таа ја истакна потребата од продлабочување на комуникацијата меѓу двата суда, но и нужноста од регионалната уставно- судска соработка, заради унапредување на уставно-судската пракса, подобрувањето на ефикасноста на уставната контрола, како и градење институционална независност преку отпорност на политички влијанија.
На средбата беа разменети мислења и за политиката на проширување на Европската Унија, за македонскиот евроинтеграциски пат низ призма на конститутивните документи на ЕУ, како и за последиците од билатерализација на евроинтеграциите во регионален контекст.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сали во Брисел: Билатералните прашања не смеат да го кочат европскиот пат на земјата
Во рамките на официјалната посета на Брисел, Првиот заменик-претседател и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со европратеникот Матеј Тонин (EPP) во Европскиот парламент.
За време на средбата се дискутираше за напредокот на Северна Македонија во процесот на евроинтеграции и за спроведувањето на клучните реформи, вклучувајќи го владеењето на правото, јавната администрација и правата на заедниците. Истакната е важноста билатералните прашања да не го попречуваат напредокот на земјата кон ЕУ.
Исто така, беше оценет постигнатиот напредок во Планот за раст и дигитализацијата на услугите, вклучително и проектот WiFi4WB и приклучувањето во SEPA, како и соработката со Претседателството на Кипар и европските партнери за решавање на предизвиците со транспортерите по воведувањето на Системот Entry/Exit.
Првиот заменик-претседател Сали повторно ја потврди посветеноста на Северна Македонија кон европскиот пат и подготвеноста за натамошно унапредување на секоја реформа со европските партнери.
Македонија
Во наредните денови дожд, на планините снег – температурите растат
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб ветер, а долж Повардарието умерен ветер од југоисточен правец. Минималните температури ќе се движат од -4 до 3 степени, додека максималните ќе достигнат од 6 до 11 степени.
Во Скопје се очекува променливо облачно време со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1 степен, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во наредните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини и од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер, а во среда повремено засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.
Македонија
Сиљановска-Давкова на Светскиот самит на лауреати: Во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи
Промената во светот бара промена во образованието, гледање на реалноста низ очите на новите генерации, рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во своето обраќање на Светскиот самит на лауреати, што денеска се одржува во Дубаи, во пресрет на Светскиот самит на владите.
На еминентниот собир, на којшто учествуваат околу 150 врвни научници, вклучувајќи Нобеловци и лидери на истражувачки институции од целиот свет, Сиљановска-Давкова посочи дека во време на подем на вештачката интелигенција, образованието повеќе не е еднонасочна улица на пренесување и помнење на факти и посочи на потребата фокусот на образованието да се префрли на критичко и креативно размислување.
„Вештачката интелигенција е дел од новиот модел на образование. Таа не може и не треба да биде забранета. Сепак, тоа треба да се регулира, бидејќи носи бројни ризици, меѓу коишто е зависноста“, рече претседателката.
Според неа, образованието мора да почне да се фокусира на менталната стабилност, емоционалната интелигенција и етичкото и моралното расудување, што ѝ недостасува на вештачката интелигенција.
„Ни треба глобален консензус дека вештачката интелигенција во образованието и во секојдневниот живот мора да биде транспарентна, фер и водена од човекот. Вештачката интелигенција мора да биде алатка, а не господар“, рече Сиљановска-Давкова.
Претседателката смета дека промена на парадигмата е потребна и во македонскиот образовен систем.
„Верувам дека во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи. Имаме луѓе со одлични идеи. Имаме хемичари и физичари кои се меѓу првите 2% од најцитираните научници на глобално ниво. Имаме жени во STEM кои ги надминуваат регионалните и европските нивоа. Имаме талент и потенцијал, но не можеме да го направиме тоа сами. Ни треба вашата поддршка, идеи, а најважно од сè, вашиот совет. Македонската академија на науките и уметностите, нашите универзитети и факултети се отворени за соработка во истражувачки и развојни проекти од коишто сите би можеле да имаме корист“, рече претседателката на самитот.

