Македонија
Сиљановска-Давкова од Севиља: Потребно е фер финансирање за да се справиме со глобалните предизвици
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на Четвртата меѓународна конференција за финансирање на развојот, којашто под покровителство на ОН се одржува во Севиља.
Во своето обраќање, таа ја истакна важноста на мултилатерализмот и заедничките глобални напори за справување со сиромаштијата, климатските промени, нееднаквоста и социјалната неправда.
Сиљановска-Давкова предупреди дека постојат сериозни геополитички и економски ризици коишто ги поткопуваат досегашните достигнувања, изрaзувајќи верба во можноста од подобар и поодржлив свет.
Според неа, пристапот до праведно финансирање е клучен услов за успех и за доверливи партнерства. Во новиот Пакт за иднината, претседателката препознава обновен глобален општествен договор. Таа укажа на потребата од споделена одговорност на сите засегнати страни.
Потенцирајќи дека речиси две третини од Целите за одржлив развој се поврзани со реформите на Европската Унија, претседателката информираше дека нашата Национална стратегија за развој 2024-2044 е усогласена со најновата Рамка за соработка за одржлив развој на ООН.
Сиљановска-Давкова им се заблагодари на ОН, ЕУ и развојните агенции од повеќе земји, како и на меѓународните финансиски институции – ЕБОР, Светска банка, ЕИБ и Инвестицискиот фонд за Западен Балкан за суштинската поддршка преку проектите во областите на зелената транзиција, здравството, образованието и инфраструктурата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поради поголем пламен и отпаднати делови од приколка на возило делницата од автопат А1 Велес – Градско е затворена
Поради поголем пламен и отпаднати делови од приколка на возило, во 01:20 часот делницата од Автопат А1 Велес – Градско е затворена и возилата се пренасочуваат по експресниот пат Градсско – Дреново до локализирање и ликвидирање на пожарот, извести АМСМ.
Сообраќајот на магистралниот пат Прилеп – Градско се одвива наизменично.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Македонија
Без струја делови од Петровец, Чаир и Гази Баба
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08.30 до 11.30 часот, корисниците од селата Градманци, Летевци, Катланово и Брезница, општина Петровец;
– во периодот од 08.30 до 15.00 часот, корисниците од улицата Ордан Чопела, улицата Петре Георгиев и улицата Челопек, општина Чаир;
– во периодот од 09.00 до 13.00 часот, корисниците од улицата Вера Вучковска Жезељ во населба Хиподром, општина Гази Баба.
Македонија
Делови од Центар и Карпош денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради дефект во шахта од ф – ¾ на улицата Ацо Караманов бр. 10, во периодот од 09.00 часот па се до отстранување на дефектот без вода ќе останат дел од корисниците од улицата Ацо Караманов, како и објектот на Американската Резиденција, општина Центар.
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека исто така денеска поради уличен дефект на улицата Девол бр. 15, во периодот од 09.00 часот па се до отстранување на дефектот без вода ќе останат корисниците од улицата Девол, општина Карпош.

