Македонија
Силјановска-Давкова – Пејчиновиќ-Буриќ: нагласени заложбите за владеењето на правото за напредокот на македонското општество
Претседателката Гордана Силјановска-Давкова оствари средба со генералната секретарка на Советот на Европа, Марија Пејчиновиќ-Буриќ, на маргините на Конференцијата за обнова на Украина, што се одржува во Берлин.
На средбата беше разговарно за плодната соработка со Советот на Европа во клучните реформски процеси во земјата, за високата заемна посветеност, како и за проектите кои преку програмската канцеларија на Советот на Европа во Скопје успешно се реализираат во разни области, а во насока на остварувањето на македонските аспирации за членство во Европската Унија.
Силјановска-Давкова, осврнувајќи се на демократскиот капацитет на нашите институции, ги нагласи заложбите за унапредувањето на човековите права и владеењето на правото како едни од базичните предуслови за напредокот на македонското општество.
На средбата беше истакната важноста на темата родова еднаквост и спроведувањето на Истанбулската конвенција.
Двете соговорнички разменија мислења и за европската перспектива на регионот, како и за нашиот значаен придонес во обезбедувањето на мирот и стабилноста на Европа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Отворен почесен конзулат на Австрија во Битола
Денеска во Битола беше отворен конзулатот на Австрија, а функцијата почесен конзул ќе ја врши битолчанецот Игор Божиновски. Конзулатот на Австрија се наоѓа на улицата „Виенска“.
На свеченоста која се одржа се обрати австрискиот амбасадор Мартин Памер, македонскиот министер за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, конзулот Игор Божиновски и градоначалникот на Битола Тони Коњановски.
Градоначалникот Коњановски пред присутните ја истакна важноста на отворањето на уште еден конзулат во Битола, а со тоа и интензивирање на соработката со Австрија.
„Битола од денеска е побогата за уште еден конзулат, сега од пријателската држава Австрија, со што го враќаме епитетот Битола конзулски град“, истакна Коњановски пред присутните гости, дипломатскиот кор, пратеници и други гости.
Со ова Битола има седум почесни и два генерални конзулати.
Македонија
Николоски и Мисајловски во посета на Република Унгарија
Владина делегација предводена од вицепремиерот и министер за транспорт и министерот за одбрана, Александар Николоски и Владо Мисајловски, денеска се во работна посета на Унгарија.
За време на посетата министрите Мисајловски и Николоски остварија средби со главниот советник за национална безбедност, Марцел Биро и со Мате Лога, државен советник во Министерството за национална економија, за економски развој и национални финансиски сервиси.
Денешната работна посета е во насока на зајакнување на меѓусебната севкупна соработка меѓу двете земји особено на полето на одбрана и безбедноста и на економските врски.
Во рамки на денешната посета, како дел од македонската делегација, началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски оствари средба со својот унгарски колега генерал Габор Боронди, а државниот секретар во министерството за одбрана Елизабета Чуповска Ристова оствари средба со заменик-министерот за одбрана, Тамаш Варга.
Македонија
Населбата Бел Камен добива нова водоводна мрежа
Населбата Бел Камен добива нова водоводна мрежа, со што се решава долгогодишниот проблем со водоснабдувањето, изјави градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
„По даденото ветување за време на изборниот период, денес започнуваат градежните активности за поставување на нова водоводна мрежа во должина од повеќе од 600 метри, во соработка со Општина Бутел и ЈП „Водовод и канализација“, со што ќе се обезбеди сигурно, квалитетно и континуирано снабдување со вода за пиење за домаќинствата во Бел Камен“, вели Ѓорѓиевски.
Според него, овој зафат значи сигурно, квалитетно и континуирано водоснабдување за домаќинствата во Бел Камен, чиста вода за пиење во секој дом.
Ѓорѓиевски најави дека по поставувањето на новата водоводна мрежа, ќе следува и реконструкција на улиците.

