Македонија
Сиљановска-Давкова: Прашања поврзани со идентитетот или билатералните спорови не треба да ја попречуваат интеграцијата
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на работниот ручек со амбасадорите на земјите-членки на Европската Унија во земјава, по повод завршувањето на полското претседавање со Советот на ЕУ.
Сиљановска-Давкова потсети на дведеценискиот македонски интегративен пат од добивањето на кандидатскиот статус, неправедните политички пречки коишто го кочат напредокот и ја поткопуваат јавната доверба во процесот на проширување во ЕУ.
Таа укажа на последните истражувања на јавното мислење во земјава коишто покажуваат зголемена недоверба во политиката на проширување, дури и кај младите луѓе.
Претседателката предупреди на штетноста од билатерализацијата, посочувајќи дека ирационалните прашања поврзани со идентитетот или билатералните спорови не треба да ја попречуваат интеграцијата.
Нагласувајќи дека застојот носи далекусежни ризици и го прави нашиот регион ранлив, таа оцени дека со поткопувањето на стабилноста на Западниот Балкан се загрозува и стабилноста на Европа во целина. Европската интеграција, според претседателката, не е само политичко прашање, туку и геополитички и безбедносен императив.
Сиљановска-Давкова го реафирмираше барањето да се движиме напред врз основа на заслуги, како и секоја друга земја-кандидат.
Охрабрувачки, според неа, е што данското претседателство препознава дека понатамошното проширување на ЕУ е геополитичка неопходност. Таа нагласи дека е добро што Данска планира да го води процесот на проширување преку континуиран политички дијалог и во согласност со Копенхагенските критериуми и пристап базиран на заслуги.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без вода денеска делови од Центар и Сарај
Од ЈП Водовод и Канализација, известуваат дека поради изведување на водоводен приклучок ф-100мм на ул. Христо Смирненски 13, од 09:00 часот до завршување на интервенцијата, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од дел од истата улица, поточно потегот од Зур – Маркет до бул. Партизански Одреди, во општина Центар.
Исто така во понеделник ќе се изврши редовно чистење на резервоарот за питка вода во село Рашче. За време на активностите во периодот од 09:00 – 13:00 часот, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од населените места: Рашче Копаница и Бојане, општина Сарај.
Македонија
Дел од Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 15.00 часот, корисниците од улицата Леринска лоцирани околу број 3, општина Карпош.
Македонија
Претежно облачно со повремени врнежи од дожд, пообилни попладне
Времето денеска ќе биде претежно облачно со повремени врнежи од дожд. Наместа врнежите ќе бидат поројни и пообилни (над 30 l/m² за 24 часа) со услови за појава на грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 12, а максималната ќе достигне од 14 до 18 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремени врнежи од дожд, пообилни попладне. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 17 степени.
Времето во наредните денови
Во вторник во претпладневните часови ќе има локални врнежи од дожд. Ќе дува умерен, вдолж Повардарието засилен северен ветер. Потоа до крајот на неделата времето ќе биде стабилно и суво со пониски утрински температури.

