Македонија
Сиљановска-Давкова се обрати на првиот академски час: Инвестицијата во образованието е најдобрата инвестиција
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска се обрати на свеченоста по повод почетокот на новата академска 2024-2025 година на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Во своето обраќање на првиот академски час, пред бруцошите од сите факултети при Универзитетот, Сиљановска Давкова нагласи дека образовниот процес е сократов процес во кој студентите и професорите учат едни од други.
„Секогаш сум мислела дека Универзитетот е вистинско место за бунтовни луѓе и дека ние треба да ја поттикнуваме таа бунтовност. Не мислам на бунтовност врзана за војни, мислам на бунтовност во знаењето, мислам за прашања, за вулкан од прашања, мислам за потрага по одговори, мислам за потрага по знаење. Ако не го качиме процентот за истражување и за образование, тогаш и себе и вас ве ограничуваме“, истакна таа.
Како универзитетска професорка, претседателката изрази задоволство што пред себе гледа амбициозни млади луѓе жедни за знаење, наука и за промени.
„Инвестицијата во образованието и во знаењето е најдобрата инвестиција, знаењето ќе ве направи не само компетитивни, знаењето ќе ве направи подобри, посмирени, потолерантни, поумерени, со разбирање за сите други“, рече претседателката.
Сиљановска Давкова во своето обраќање се осврна и на автономијата на Универзитетот, како клучен предуслов што гарантира вистински натпревар и негување на критичен ум.
„Кога зборувам за автономијата не мислам само на автономија во организацијата, не мислам само на автономија на програмите, мислам и на финансиска автономија, оти кога ги гледам овде колешките и колегите знам дека вложувањето во нив е вистинското вложување“, порача претседателката Сиљановска Давкова.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши во Стејт департментот: Верската хармонија во земјава како модел за општеството
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари средба со Мајкл Дозлер, раководител на Одделот за европски и евроазиски прашања во Канцеларијата за меѓународни верски слободи, како и со други претставници во Стејт департментот на САД.
За време на средбата, претседателот Гаши нагласи дека нашата земја ужива верска хармонија, која треба да служи како модел за унапредување на другите општествени односи. Беше дискутирано за важноста на толеранцијата и негувањето на верските вредности, а воедно и зачувувањето на секуларниот карактер на државата.
Дозлер изрази благодарност за моделот на хармонија што постои во земјата и нагласи понатамошна поддршка за иницијативите што промовираат мир и соработка.
Меѓу другото, беа дискутирани и искуствата и средбите одржани за време на последната посета на претседателот во Вашингтон (февруари 2026 година), каде што Гаши изрази благодарност за меѓудржавната соработка и партнерство.
Македонија
Гоце Наумовски стана нов уставен судија
Собранието со 63 гласа „за“, седум „против“ и без воздржани го избра професорот Гоце Наумовски за нов уставен судија, по што тој даде свечена изјава дека функцијата ќе ја извршува совесно, одговорно и во согласност со Уставот и законите.
Наумовски е редовен професор по римско право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје.
Доаѓа на местото на судијката Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, која во декември поднесе оставка од функцијата судија на Уставниот суд, поради здравствени и лични причини.
Македонија
Утре без вода дел од улицата Македонско Косовска Бригада и објектот на касарната Илинден
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека утре (19.02.2026) поради два улични дефекти ф-200 и ф -250 мм на Македонско Косовска Бригада бб (во близина на касарна Илинден), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од ул. Македонско Косовска Бригада и објектот на касарна Илинден.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување санација на дефектите.(општина Чаир)

