Македонија
(Видео) Силјановска: Се случи политички земјотрес, кој е предупредување за пораз на СДСМ на изборите
Не треба да сте експерт за да заклучите дека во историјата на европските избори не се случило за 18 месеци да загубите 40 отсто од гласовите или околу 200 илјади. Тоа е предупредување за пораз не само на претседателските туку и на идните предвремени парламентарни избори, порача кандидатката за претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова.
Таа посочи дека изборните резултати се шокантни и дека значеле политички земјотрес.
„Овој резултат не го гледам само како гласање за враќање на ВМРО-ДПМНЕ, туку и како гласање за Гордaна Силјановска-Давкова. Видете ги резултатите во главниот град, во најголемите урбани центри во Македонија, и ќе го видите политичкиот земјотрес“, рече Силјановска.
Во однос на кампањата го повтори ставот дека дека власта ја пречекорува линијата меѓу државата и партијата.
„Кампањата не е место каде што треба да се појавуваат премиерот, министерот за одбрана, а уште помалку министерот за внатрешни работи, бидејќи тие се и мој премиер и мои министри. Иако не се парламентарни избори, тие треба да се однесуваат технички. Значи, пречекорена е линијата меѓу државата и партијата“, рече Силјановска.
Таа додаде дека ќе се обиде да ги придобие и гласовите на апатичните, оние што не излегле да гласаат, како и на „Бојкотирам“, со кои веќе имала една средба во Штип, при што им порачала дека ја разбира болката за промената на името во Северна, но дека од улица не може да се добие битката.
Таа ја осуди и изјавата на косовскиот министер, кој ги повика Албанците да гласаат за нејзиниот противкандидат, како мешање во внатрешните работи.
„Немам ништо против добрососедски односи со Косово, но ваквата изјава е невообичаена. Низ призма на едно од основните начела на ОН за немешање во внатрешните работи, изборниот процес е внатрешно прашање на која било земја. Убедена сум дека граѓаните Албанци знаат кому да му го доверат својот глас“, додаде таа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Се оддалечуваме од Европа поради политиките на власта, му рекол Филипче на известувачот Томас Вајц
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска одржал состанок со постојаниот известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц. На состанокот, како што информираа од партијата, станало збор за актуелната политичка состојба и за евроинтеграцискиот процес на државата.
Филипче изразил благодарност за ангажманот на ивестувачот на ЕП, Вајц, во следењето на процесот, како и за поддршката на Европската Унија и Европскиот Парламент за европската перспектива на нашата држава.
„На средбата, Филипче посочи дека статусот во кој се наоѓа евроинтеграцискиот процес на Македонија е сериозно загрижувачки, реформската агенда е закочена, реформите не се спроведуваат, а власта не покажува волја за продолжување на европскиот пат. Тој додаде дека наместо напредок кон европскиот пат, државата поради политиките на власта се соочува со стагнација, блокирани реформи и политики кои ја оддалечуваат државата од европските стандарди“, велат од СДСМ.
Филипче нагласил и дека европската интеграција за Македонија значи процес што го зајакнува владеењето на правото, гради функционални институции и обезбедува подобар живот за граѓаните, а Македонија заслужува да се движи напред, а не да губи време и да остане изолирана.
Воедно, Филипче порачал дека СДСМ останува цврсто посветена на европските вредности и реформи, бидејќи иднината на Македонија во Европската Унија, тоа е клучот за подобра, праведна, просперитетна и напредна држава, за подобра иднина за сите граѓани.
Македонија
За возачка дозвола доволно е завршено основно образование, рече Јаневска по протестите
Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека за полагање возачки испит е потребно најмалку завршено основно образование, нагласувајќи дека државата обезбедува можности.
„Образованието е бесплатно и за оние што ја надминале возраста, така што до 29 години тие преку Центарот за образование добиваат едукација. Сме имале и проекти со наши странски партнери преку кои Ромите што биле заинтересирани да го дополнат своето образование добиле некаква едукација соодветна на барањата на пазарот на трудот, нивните лични потреби итн“ рече Јаневска одговарајќи на новинарско прашање. Додаде и дека Министерството финансира околу 40 ромски медијатори со цел зголемување на опфатот и редовното присуство на ромските деца во училиштата.
Изјавата доаѓа по протестите на граѓани кои побараа ослободување од обврската за полагање возачки испит бидејќи немаат неопходен степен на образование, а автомобилите им се неопходни.
Македонија
Дожд и облаци утре, постудено на почетокот на следната седмица
Времето утре ќе биде променливо облачно. Во западните делови ќе има врнежи од дожд, а попладне услови за дожд ќе има и во источните делови. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, облачно со услови за повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб ветер со променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 11 степени, најавува УХМР.
Утре ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен слаб дожд освен во западните делови каде што ќе биде облачно со врнежи од дожд кои ќе бидат со пообилен интензитет (над 15 l/m²). Ќе дува умерен, повремено засилен ветер. Нови врнежи ќе има во недела и почетокот на следната седмица кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег.

