Македонија
Скопски „Водовод“ бара ПР-агенција за 1,5 милион денари да му го подобри имиџот
ЈП„Водовод и канализација“ – Скопје на оглас бара услуга од маркетинг агенција која за 1.537.000,00 денари без ДДВ ќе го подобрува имиџот на претпријатието во рок од една година. Според техничката спецификација во објавениот оглас на Бирото за јавни набавки, маркетинг-агенцијата ќе биде задолжена за осмислување и развој на комуникациска маркетинг и ПР-стратегија за подобрување на имиџот на „Водовод“ , за креирање релевантна медиа листа, за испраќање соопштенија за медиуми, за уредување и пласман на интервјуа во печатени и електронски медиуми, за обуки за медиумски настап, за осмислување ТВ-спотови и реклами, за управување со социјални медиуми и ред други обврски поврзани со медиумите.
Право да достави понуда има секое заинтересирано домашно и странско правно и физичко лице – понудувач, кое е регистрирано за вршење на дејноста што е предмет на јавната набавка.
Заинтересираните можат да ги доставуваат понудите најдоцна до крајот на месецов. Критериум за склучување договор е најниска цена.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Левица: Не помина законот за укинување на РКЕ, власта одби да ѝ даде ингеренции на министерката за енергетика
Владеачкото мнозинство на ДПМНЕ – ЗНАМ – ВРЕДИ денес не го изгласа предложениот закон од Левица за укинување на Регулаторна комисија за енергетика, со кој се предвидуваше префрлање на сите нејзини инеренции на Министерството за енергетика со што би се воспоставила директна политичка одговорност за цените на енергенсите, соопштија од партијата.
Пратеникот од Левица, Амар Мециновиќ, во своето излагање оцени дека енергетската сиромаштија не е личен, туку политички проблем и резултат на институционални решенија кои не го штитат јавниот интерес. „Ова е политичко фијаско. Не е ничиј личен неуспех ако не може да ги плати сметките на крајот на месецот. Тоа е структурна неправда“, рече тој.
Обраќајќи му се на претседателот на Собранието и на пратениците, Мециновиќ потсети дека на минатата седница министерката за енергетика изјавила дека нема доволно ингеренции за да реагира на ценовните шокови.
„Ајде денес да му дадеме ингеренции на Министерството за енергетика. Ајде да му дадеме политичка одговорност“, побара пратеникот.
Според Мециновиќ, паралелно, постоењето на Министерство за енергетика и РКЕ создава институционално дуплирање, а никој не одговара за високите сметки. „Не може да имаме две институции, а кога ќе се зголемат сметките никој да не е одговорен“.
Како поткрепа за предложениот закон со кој треба да се укине РКЕ Мециновиќ наброја низа пропусти на регулаторот, нагласувајќи дека оваа комисија не само што не го штити јавниот интерес туку и директно работи во полза на крупниот капитал. Според него РКЕ не ја штити јавната сопственост и државната енергетска компанија ЕСМ, која бележи рекордни долгови; дозволува ЕСМ да продава електрична енергија по цена од 65 евра за мегават-час што е под производната цена, додека приватни компании остваруваат рекордни профити; овозможува паушално фактурирање и наплата без месечно отчитување; никогаш јавно не ги објаснила формулите и коефициентите за пресметка на цената на електричната енергија; работи со недемократски статут кој им забранува на членовите јавно да дебатираат, а јавноста слуша само став на претседателот; ги менува цените на нафтените деривати во корист на приватниот капитал, а не на граѓаните; дозволува инвестиции на приватни инвеститор да се префрлаат како трошок во цената на струјата; никогаш не ја отворила јавно темата за загубите во дистрибутивната мрежа; издава дозволи за фотоволтаици без обезбедени компензациски капацитети, што довело до колапс во електроенергетскиот систем и воведе паушална мрежарина за домаќинствата со која граѓаните плаќаат и кога не трошат.
„Со паушалната мрежарина, шест илјади домаќинства плаќаат околу 200 денари месечно, што значи стотици милиони евра добивка за приватниот оператор без реална потрошувачка“, рече Мециновиќ.
Левица со предлог – законот бараше целосно укинување на РКЕ и префрлање на нејзините ингеренции под Министерство за енергетика, со цел Владата и министерката за енергетика да бидат директно отчетни пред Собранието и граѓаните.
„Доста е од сиви еминенции. Ако денес одбиете политичка одговорност таа ќе ви се враќа преку секоја следна сметка“, порача Мециновиќ.
Македонија
Бојан Маричиќ избран за нов претседател на Државната изборна комисија
Поранешниот вицепремиер за евроинтеграции и министер за правда во Владата на СДСМ, Бојан Маричиќ, е избран за нов претседател на Државната изборна комисија (ДИК).
Собранието денес со 83 гласа „за“ ги избра членовите на новиот состав на Државната изборна комисија. За потпретседател е избран Абдуш Демири, а за членови на Комисијата се избрани Александар Даштевски, Ангелчо Ристов, Светлана Карапетрова, Борис Кондарко и Дитмире Шеху.
Маричиќ доаѓа на местото на Борис Кондарко, кој, исто така, беше предлог на СДСМ.
Државната изборна комисија е составена од седум члена (претседател, потпретседател и пет други члена). Членови на ДИК може да бидат државјани на Република Македонија со постојано место на живеење во земјата, да се дипломирани правници со најмалку осум години работно искуство како правници и да не бидат членови на орган на политичка партија.
Македонија
Перински: Рамномерниот регионален развој започнува од малите општини и таму инвестициите најмногу се чувствуваат
Во рамки на караванот „Каде што срцето е дома“, министерот за локална самоуправа, Златко Перински ја посети Општина Лозово. Во текот на посетата Перински оствари средба со градоначалникот Бошко Цветковски и членовите на Советот на општината, на која се разговараше за клучните активности на министерството, можностите што им стојат на располагање на општините, како и за конкретните потреби и развојни планови на Општина Лозово, насочени кон подобрување на квалитетот на живот на граѓаните.
Министерот нагласи дека неговата цел, како што се покажа и изминатиот период, е да биде присутен на терен и директно да ги слушне потребите на општините. На средбата стана збор и за воспоставениот Ресурсен центар, преку кој општините може да обезбедат поддршка за полесно и поефикасно водење на клучните процеси.
Во рамки на посетата беше извршен и увид на два проекти:
„Реконструкција и партерно уредување на КП бр. 2411 во населено место Лозово“ и „Реконструкција и партерно уредување на КП бр. 2055 во населено место Лозово“, кои се финансирани преку Програмата за намалување на диспаритетите и во рамките на планските региони и зголемување на регионалната конкурентност за 2025 година. Вкупната вредност на проектите изнесува 6.171.976 денари.
Преку овие проекти, граѓаните на Општина Лозово добија ново детско игралиште, современо осветлување, урбана опрема и партерно уреден јавен простор пред општинската зграда, со што се добива нов простор за дружење и секојдневни активности, велат од министерството.

