Македонија
Скопје го доби првиот памптрак-полигон

Со демонстрација на вешто возење велосипеди и ролери во центарот на градот беше отворен првиот памптрак (pumptrack) полигон во Скопје. Адреналинската патека, која е наменета за вљубениците во велосипедизмот, ролерите и скејтбордите, е сместена на просторот пред Олимпискиот базен и претставува сплет на flow-кривини и контури кои овозможуваат забавна, но, пред сè, безбедна спортска активност.
„На овој простор беше предвиден хотел на 6 ката, но благодарение на Општина Центар, која го измени ДУП-от, Скопје доби ново и уредено катче со зеленило, урбана опрема и содржини за забава“, рече градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов.
Екипите на Град Скопје во текот на изминативе два месеца изградија памптрак-полигон со вкупна површина од 1.690 квадратни метри, кој е поделен на два дела – детски полигон со површина од 290 квадратни метри и полигон за возрасни со површина од 1.400 квадрати.
На отворањето на памптрак-полигонот беше поставен и штанд за бесплатно изнајмување велосипеди и опрема за сите оние што сакаа да ја возат новата патека и да уживаат во овој адреналински спорт.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Почувствуван земјотрес во Македонија

Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани ширум нашата територија, одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, утринава, во 06 часот и 04 минути регистрираше земјотрес чиј епицентар потекнува од пограничното епицентрално подрачје Битола-Лерин, во соседна Република Грција, на 125 км јужно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда ML3.4.
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Битола и блиската околина со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
Македонија
Без струја денеска дел од Карпош, Сарај и Бутел

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 14.00 часот, корисниците од село Горно Нерези и Горни Крушопек, општина Карпош и општина Сарај;
– во периодот од 09.00 до 15.00 часот, корисниците од ул. Призренска бр. 1, 2, 3, 6, 8, 9, 18, 22 и 53, општина Бутел.
Македонија
Променливо облачно и нестабилно со повремени врнежи од дожд

Времето денеска променливо облачно и нестабилно со повремени врнежи од дожд. Процесите ќе бидат поинтензивни особено во источните делови, каде ќе бидат во форма на невреме со пообилен пороен дожд, појава на грмежи и засилен ветер.
Минималната температура ќе биде во интервал од 5 до 10, а максималната ќе достигне од 12 до 19 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен дожд. Во делови од котлината ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 18 степени.
Во следните денови ќе се задржи променливо облачно и нестабилно време со честа појава на повремени врнежи од дожд. Наместа процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со пообилен пороен дожд (за кратко време над 20 л/м2), појава на грмежи и силен ветер (над 70 км/ч). Во понеделник попладне на планините ќе има услови врнежите да преминат во снег.