Македонија
Скопје доби нов мурал – ,,Тамбурица”
„Тамбурица“ е насловот на новиот мурал што деновиве беше насликан во Скопје. Младинскиот културен центар неодамна го покани хрватскиот уличен уметник Лонац да изработи мурал во рамки на новиот парк што се подготвува зад Филхармонија. Лонац го прифати овој уметнички предизвик и по неговото кратко запознавање со Скопје, започна со работа на ѕидот на ДСУЦ „Илија Николовски Луј“. При пристигнување во Скопје, случајно се запознава со Мартина Ѓорѓеска (девојчето на муралот) и нејзиното друштво, па така и сосема случајно стигнал до идеја за композицијата на муралот. Неколку фотографии од Мартина на велосипед со инструмент во рака биле главната инспирација за муралот насловен „Тамбурица“, кој сега го краси „музичкиот дел“ на Скопје.

Лонац е уметник чии извонредни дела може да се најдат секаде низ светот, а најдобрo е препознаен по неговите фотореалистични мурали. Неговите дела се огромни парчиња уметност, кои не можете да ги пропуштите. Создадени со спрејови и четки – обично се под влијание на скејтборд култура, стрипови, графити, филмови, музика, но, исто така, и сегашните социјални проблеми. Неговото последно дело со наслов „Изгубен билет“, реализирано во Белгија непосредно пред доаѓањето во Скопје, веднаш беше издвоено од специјализираниот портал за улична уметност Street Art Today, како еден од најдобрите седум мурали реализирани во месец април во светот.

„Тамбурица“ се додава на големата низа проекти на Младинскиот културен центар за поддршка на уличната уметност, како што се: „Градот убав“ – прва галерија на отворено за урбана и графити уметност во Скопје, муралите на фасадата на МКЦ на тема „Индоктринација“, изработени од повеќе домашни автори, новиот мурал на група ЗЕРО во МКЦ, како и бетонските постаменти што деновиве се поставуваат низ Скопје. Покрај Лонац, МКЦ во изминатиот период ги реализираше и соработките со Veks Van Hillik од Франција, преку проектот „Петел и лисица“, поставен на ѕидот на зграда на бул. 11 Октомври, како и Farid Rueda од Мексико – мурал поставен на ѕидот на Природонаучниот музеј.
Во моментов во тек се и подготовките за новиот проект на МКЦ, преку кој ќе се продолжи соработката и поддршката на уличната уметничка сцена, а во меѓувреме ни преостанува само да уживаме во муралот на Лонац кај новиот парк зад Филхармонија и новите бетонски постаменти насликани од домашни автори, кои деновиве се појавуваат во Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Ако лажат британските медиуми и „нема легални и нелегални мигранти“ – Мицкоски нека ја потпише Резолуцијата!“, бара СДСМ
„Христијан Мицкоски тврди дека британските медиуми, кои објавија дека се договара прифаќање мигранти во Македонија за пари, лажат. Исто така, тврди дека „нема легални и нелегални мигранти“. Значи, според Мицкоски, сите лажат“, велат од СДСМ.
„Ако е навистина така, тогаш зошто Мицкоски не ја потпишува Резолуцијата? Што чека? Зошто одолговлекува и бега?
Еве, нека ја потпише Резолуцијата на СДСМ. Со само еден потпис ќе ги расчисти сите сомнежи и дилеми.
Ние сме конструктивни и транспарентни од првиот ден. Резолуцијата е јавно објавена и сите ја видоа.
Граѓаните бараат дела – конкретен чекор од Мицкоски, а не празни зборови.
Затоа што за граѓаните неговите зборови одамна не важат, поради сите ветувања што не ги исполни. Како и ветувањето дека ќе се повлече од политиката ако се докаже поврзаност со Агенцијата за обезбедување во Кочани. А има и многу други неисполнети ветувања. Списокот е долг.
Мицкоски веднаш нека ја потпише Резолуцијата, а не да ја руши со контра Резолуции. Потпиши и нема мигранти. Толку е едноставно.
Ако одбива да потпише – тогаш сè е јасно: Мицкоски не ја зборува вистината, а договор за мигранти сепак има“, соопшти СДСМ.
Македонија
Делови од Илинден, Карпош, Кисела Вода и Гази Баба денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:20 – 14:20 часот, корисниците од дел од с. Марино, општина Илинден;
· од 09:00 – 15:00 часот, корисниците на ул. Козле, крак 2, општина Карпош;
· од 10:00 – 13:00 часот, корисниците од улиците: 1511 и 1512, (позади Автосервисот – Мечкаров), општина Кисела Вода;
· од 11:00 – 14:00 часот, корисниците од дел од ул. Коце Металец, општина Гази Баба.
Македонија
Претпладне магла, во текот на денот сончево со мала облачност
Сончево со мала до умерена локална облачност. Во утринските и претпладневните часови по одделни котлини и речни долини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од -6 до -2, а максималната ќе достигне од 8 до 13 степени.
Во Скопје, претпладне во делови од котлината ќе има појава на магла. Во текот на денот времето ќе биде сончево со мала облачност и претежно тивко. Минималната температура ќе се спушти до -5, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Времето во наредните денови
До крајот на седмицата времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност и претежно тивко. Во утринските и ноќните часови по одделни котлини и речни долини ќе има појава на магла.

