Македонија
Скопје доби регионален Центар за извонредност на стручно образование и зелени иновации
На Машинскиот факултет – Скопје, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ се отвори нов Центар за извонредност во стручно образование и обука за зелени иновации, кој е единствен од ваков вид во регионот. Овој центар се воспостави и функционира во тесна соработка со уште три центри од ист вид кои се наоѓаат во Австрија, Финска и во Португалија. Четирите центри се основани во изминатите четири месеци во рамките на Проектот „Европска платформа за извонредност за зелени иновации и стручно образование и обука – GREENOVET”.
Со одлука на Машинскиот факултет потпишана на 30.12.2021, се уредува организација на Центарот за извонредност во стручно образование и обука за зелени иновации, со чии активности ќе раководи доц. д-р Трајче Велковски.
„Ни претставува чест и задоволство да ја информираме јавноста дека се отворени сите четири центри предвидени со проектот, во Скопје, во Штаерска – Австрија, Васа – Финска и во Лерија – Португалија. Центрите се интегрираат преку интернационална платформа каде ќе соработуваат и ќе имаат можност за размена на искуства и знаења. Во тек е формирање интернационален комитет со експерти од областа на зелени иновации од секој регион, чија цел е да ја зајакне меѓународната соработка и да придонесе кон обезбедување одржливост на центрите“, изјави доц. д-р Велковски, кој за во јуни ја најавува и правата меѓународна активност на Центарот во Скопје.
„Партнерските организации од другите четири земји доаѓаат во Скопје на првата работилница за градење на капацитетите на центрите. Оваа работилница ќе трае пет дена и ќе биде организирана во просториите на Машинскиот факултет каде се очекува покрај размената на искуствата помеѓу партнерите да бидат присутни и светски експерти од областа на развој на зелени иновации кои ќе ги споделат своите искуства и знаења. Градењето на капацитетите на партнерските организации вклучени во реализацијата на проектот е еден од клучните фактури за успех на Центарот на долгорочно ниво и претставува значаен чекор кон поставувањето модел за самоодржливост на истиот”, објасни доц. д-р Велковски.
Покрај Машинскиот факултет во активностите за основање на Центарот за извонредност во стручно образование и обука за зелени иновации како проектни партнери се вклучени Сојузот на стопански комори на Македонија, АСУЦ „Боро Петрушевски“, Раде Кончар ТЕП и Националниот центар за развој на иновации и претприемничко учење.
Центарот има за цел да овозможи соодветно управување со знаењето, ресурсите и инфраструктурата на сите засегнати страни и да придонесува за регионален економски раст преку промоција на еколошки и одржливи иновативни процеси овозможени со стручно образование и обука. Центарот преку своето делување обезбедува на наставниците, учениците, компаниите и на општеството подобри можности за адаптација и имплементација на зелена транзиција, како и подобра врска меѓу индустријата и образовните институции со цел да се надомести недостигот на компетенции за развој на зелени иновации.
Центрите за извонредност во стручно образование и обука за зелени иновации претставуваат можност за надминување на недостигот на стручен и квалификуван кадар за развој на зелени иновации, кој е голем предизвик со кој се соочува бизнис секторот, не само кај нас туку и пошироко во Европа. Со ваквата поддршка бизнисите се насочуваат кон зелена транзиција, способни да одговорат на брзо растечките потреби кои динамично се менуваат и прошируваат. Преку соработката што ќе ја овозможи Центарот меѓу бизнис-заедницата и чинителите во стручното образование и обука ќе се придонесе кон зголемување на атрактивноста на стручните училишта и привлекување на поголем број ученици.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средби со сопственици на компании и со претседателот на Европскиот совет во Минхен
Премиерот, Христијан Мицкоски, на првиот ден од 62. Минхенска безбедносна конференција имаше средби со претставници на компании и со претседателот на Европскиот Совет.
„Денешниот прв ден овде го започнавме со средба којашто е многу значајна со високи претставници на компанијата ‘Шварц’, една од најголемите во светот и една од најголемите овде во Германија, со годишни приходи повеќе од 180 милијарди евра. Компанијата ‘Шварц’ вработува повеќе од 605.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, помеѓу нив е и нашата Македонија“, изјави Мицкоски.
Имал состанок и со сопственикот на „4iG“ којшто е веќе присутен во Македонија како сопственик на лиценца за трет мобилен оператор.
„Она коешто е значајно, а треба да се истакне и да го знае македонската јавност и македонските граѓани е фактот дека покрај постоечкото инвестициско портфолио и двете компании и компанијата „Шварц“ и компанијата „4iG“ планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква, во сосема поинакво портфолио, а тоа е вештачката интелигенција, дата центрите и енергетиката, односно производството на електрична енергија“, рече Мицкоски.
Премиерот бил дел и од свеченото отворање на 62. Минхенска безбедносна конференција каде што свое обраќање имаше германскиот канцелар Мерц, а денот го завршил со состанок со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
„На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и приоритетите на македонските граѓани“, рече Мицкоски.
Тој им честита на македонските граѓани за, како што рече, онаа убава вест којашто на почетокот на денот пристигна од САД од Вашингтон, а тоа е усогласената заедничка изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, а се однесува на договорот за трговија којшто понатаму двете држави ќе го потпишат, договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонските компании.
„На овој начин покажуваме како Влада дека покрај она стратешко партнерство со Велика Британија, Обединетото Кралство, после избришаниот пост мониторинг од страна на Советот на Европа, овој трговски договор којшто ќе биде во рамките на оваа заедничка изјава којашто ја усогласивме со Белата Куќа потпишан ја заокружуваме дипломатската офанзива во овие први дваесетина месеци од оваа нова Влада и тоа се историски договори со историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава. Останете со нас следните два дена продолжуваме со многу убави вести и со успешни состаноци од овде од Минхен од 62 Минхенска безбедносна конференција“, рече Мицкоски.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

