Македонија
Скопје се соочува со неприроден прилив на бездомни кучиња, нивното дислоцирање од една во друга општина е сурова и опасна пракса, порачуваат од „Анима мунди“
Во последниот период сведочиме на повторливи, систематски и сурови случаи на дислоцирање цели легла и глутници кучиња во градот Скопје – животни што не им се познати на локалните заедници, кои се појавуваат преплашени, дезориентирани и во очигледен стрес, велат од Здружението за заштита на животни „Анима мунди“.
Последниот случај кај „Аркадија“, како што посочуваат, е само уште еден доказ за оваа варварска и неказнета пракса: осум нови кучиња, оставени на улица, без контрола, без грижа, без шанса.
Ова, според Здружението, не се изолирани појави.
„Граѓаните секојдневно сведочат за комбиња што пренесуваат кучиња од една во друга општина, истовари на периферии, депонии, па дури и во срцето на градот, како да станува збор за отпад, а не за живи суштества.
Таквата практика не е само нехумана и противзаконска, туку создава директна јавна опасност и за луѓето и за животните.
Бруталноста оди дотаму што не толку одамна беа забележани повеќе легла – очигледно ловџиски мешанци – исфрлени во рамките на заштитени подрачја, како резерватот „Јасен“, каде што немаат никаква шанса за преживување.
Тоа е чин на апсолутно варварство, на негрижа и на одбивање да се соочи вистината за сопствената одговорност.
„Грижо моја, прејди на друг“ – оваа реченица станува симбол за начинот на кој функционира локалната власт. Зошто поминува неказнето – затоа што никој не одговара“.
„Анима мунди“ бара итно институционално препознавање и санкционирање на ваквите постапки.
„Бараме: Воспоставување механизми за следење, превенција, евиденција и санкција на случаи на дислоцирање на кучиња;
Соработка меѓу општините, институциите на централно ниво и граѓанските организации;
Отворање истраги и ефективни казни за сите сторители на овие дела.
Неодамнешните реакции и на ЈП „Лајка“ го потврдија истото тоа: Скопје се соочува со неприроден прилив на бездомни кучиња, што не може да биде дело на поединци. Станува збор за организирана и перманентна злоупотреба, која мора да се истражи, докаже, казни.
Ги повикуваме граѓаните – доколку забележат товарење или истовар на кучиња, да го документираат со фотографии или видео и веднаш да пријават до надлежните служби или до нашата организација. Укажуваме, ова е длабоко сурова форма на насилство, но и многу опасно и за граѓаните и за животните“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сали во Брисел: Билатералните прашања не смеат да го кочат европскиот пат на земјата
Во рамките на официјалната посета на Брисел, Првиот заменик-претседател и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со европратеникот Матеј Тонин (EPP) во Европскиот парламент.
За време на средбата се дискутираше за напредокот на Северна Македонија во процесот на евроинтеграции и за спроведувањето на клучните реформи, вклучувајќи го владеењето на правото, јавната администрација и правата на заедниците. Истакната е важноста билатералните прашања да не го попречуваат напредокот на земјата кон ЕУ.
Исто така, беше оценет постигнатиот напредок во Планот за раст и дигитализацијата на услугите, вклучително и проектот WiFi4WB и приклучувањето во SEPA, како и соработката со Претседателството на Кипар и европските партнери за решавање на предизвиците со транспортерите по воведувањето на Системот Entry/Exit.
Првиот заменик-претседател Сали повторно ја потврди посветеноста на Северна Македонија кон европскиот пат и подготвеноста за натамошно унапредување на секоја реформа со европските партнери.
Македонија
Во наредните денови дожд, на планините снег – температурите растат
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб ветер, а долж Повардарието умерен ветер од југоисточен правец. Минималните температури ќе се движат од -4 до 3 степени, додека максималните ќе достигнат од 6 до 11 степени.
Во Скопје се очекува променливо облачно време со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1 степен, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во наредните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини и од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер, а во среда повремено засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.
Македонија
Сиљановска-Давкова на Светскиот самит на лауреати: Во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи
Промената во светот бара промена во образованието, гледање на реалноста низ очите на новите генерации, рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во своето обраќање на Светскиот самит на лауреати, што денеска се одржува во Дубаи, во пресрет на Светскиот самит на владите.
На еминентниот собир, на којшто учествуваат околу 150 врвни научници, вклучувајќи Нобеловци и лидери на истражувачки институции од целиот свет, Сиљановска-Давкова посочи дека во време на подем на вештачката интелигенција, образованието повеќе не е еднонасочна улица на пренесување и помнење на факти и посочи на потребата фокусот на образованието да се префрли на критичко и креативно размислување.
„Вештачката интелигенција е дел од новиот модел на образование. Таа не може и не треба да биде забранета. Сепак, тоа треба да се регулира, бидејќи носи бројни ризици, меѓу коишто е зависноста“, рече претседателката.
Според неа, образованието мора да почне да се фокусира на менталната стабилност, емоционалната интелигенција и етичкото и моралното расудување, што ѝ недостасува на вештачката интелигенција.
„Ни треба глобален консензус дека вештачката интелигенција во образованието и во секојдневниот живот мора да биде транспарентна, фер и водена од човекот. Вештачката интелигенција мора да биде алатка, а не господар“, рече Сиљановска-Давкова.
Претседателката смета дека промена на парадигмата е потребна и во македонскиот образовен систем.
„Верувам дека во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи. Имаме луѓе со одлични идеи. Имаме хемичари и физичари кои се меѓу првите 2% од најцитираните научници на глобално ниво. Имаме жени во STEM кои ги надминуваат регионалните и европските нивоа. Имаме талент и потенцијал, но не можеме да го направиме тоа сами. Ни треба вашата поддршка, идеи, а најважно од сè, вашиот совет. Македонската академија на науките и уметностите, нашите универзитети и факултети се отворени за соработка во истражувачки и развојни проекти од коишто сите би можеле да имаме корист“, рече претседателката на самитот.

