Македонија
Скопје ја одбележува 56-годишнината од катастрофалниот земјотрес
Денеска се одбележуват 56 години од земјотресот што го разурна Скопје, а во кој загинаа околу илјада жители на градот. 26 јули 1963 година е врежан во колективната меморија за Скопје како еден од најтешките моменти во неговата историја и постоење.
Одбележувањето на 56-годишнината од катастрофалниот земјотрес ќе почне со положување цвеќиња во 10 часот на Споменикот на жртвите од земјотресот на градските гробишта во Бутел.
Во 19:30 часот, на Школка во Градски парк концерт ќе одржи Градскиот мешан хор „Вардар“, а потоа ќе следуваат Биг Бендот под водство на Љупчо Мирковски, поп ѕвездата Канита Сума, познатиот грчки хармоникаш Танос Ставридис, српската пејачка на изворни песни Биља Крстиќ и Влатко Стефановски.
Дополнително, градските институции секоја година се вклучуваат во одбележувањето на 26 јули. Така, МКЦ го подготвува настанот „МКЦ за Скопје“ со целодневна програма. Покрај двете креативни работилници за деца, коишто ќе почнат во 18:30 часот, за креативно пишување, илустрација и цртање ќе има и богатата музичка програма. Посетителите точно на полноќ ќе имаат можност да ја погледнат и проекцијата на најновото остварување на Раде Шербеџија „Ослободување на Скопје“.
Во Музејот на Град Скопје во тек е изложбата на фрескокопии од Скопскиот Регион.
Утревечер во 19 часот во Градскиот парк на Школка ќе се одржи и работилница за деца „Обој го Скопје“, инспирирана од боенката „Скопје 091“.
Земјотресот со јачина од 6,1 степен според Рихтеровата скала се случи во 5:17 часот. Загинаа од 1.000 до 1.100 жители, а најмалку 3.000 лица биле повредени. Без дом останаа 200.000 луѓе. Земјотресот од 1963 е една од најкатастрофалните природни непогоди во Скопје и Македонија.
Старата железничка станица денес е Музеј на Град Скопје и претставува симбол на големиот земјотрес. Часовникот на станицата е засекогаш сопрен на фаталните 5 часот и 17 минути изутрина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Нова услуга на ЈСП: Онлајн надополнување на картичката
ЈСП воведува нова услуга – онлајн надополнување на картичките за возење.
„Од сега можете онлајн да ја надополните вашата картичка со билети и/или износ (средства) директно преку нашата официјална веб страна skopjebus.mk — без чекање, без редици и без одење до продажно место. Сè што ви треба е телефон или компјутер и неколку минути. Надополнувањето се прави од далечина, брзо и кога вам ви одговара, од удобноста на вашиот дом“, велат од ЈСП.
Од таму додаваат дека со новата услуга се добива онлајн надополнување со билети и/или средства, брза постапка во неколку едноставни чекори, нема редици и нема потреба од физичко присуство, достапно од телефон или компјутер.
Како да надополните картичка?
* Влезете на skopjebus.mk
* Изберете „Надополни картичка“
* Внесете ги потребните податоци за
картичката
* Одберете дали сакате билети или износ
(средства)
* Потврдете и завршете ја постапката
Пробајте ја новата функционалност тука: https://skopjebus.mk/mk/app/cards/load
Македонија
Утре променливо облачно време, попладне дожд
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта ќе има услови за повремен локален дожд, информира УХМР.
Претпладне тивко, а попладне ќе дува слаб до умерен ветер во западните делови од западен, а во источните и долж Повардарието умерен повремено засилен ветер од северозападен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 3, а максималната ќе достигне од 11 до 17 степени.
Во Скопје, ончево со умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и суво време, освен утре кон крајот на денот кога ќе има услови за слаб локален дожд.
До петок ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северозападен правец кој ќе биде поизразен долж Повардарието.
Од петок ветерот ќе го смени правецот во југоисточен. За време на викендот облачноста ќе се зголеми.
Македонија
Утре прекинато водоснабдување во делови од неколку скопски општини
Од ЈП Водовод и Канализација известуваaт дека утре ( вторник ) се планирани неколку интервенции и тоа:
· поради изведување на водоводен приклучок на ул.Борис Трајковски 212, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица (место викано Каменик). Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.(општина Кисела Вода)
· поради изведување на водоводен приклучок ф-150 мм на ул.Варшавска 4, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од Варшавска и дел од бул.8-ми Септември. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со работните активности.(општина Карпош)
· поради изведување на водоводен приклучок ф-100 мм на ул.Боца Иванова бб(за АБЦ Комерц),
прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од Боца Иванова,Томе Пуре, Душко Поповиќ, Александар Бујнов, Бетовенова и дел од Петар Манџуков. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со работните активности.(општина Бутел)
· поради изведување на водоводен приклучок ф-80 мм на ул.20 –ти Октомври 44 прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.(општина Центар)

