Македонија
Скрининг во училиштата од понеделник, а од утре ќе се бара согласност од родителите
Од утре ќе почне барањето согласност од родителите за спроведување тестирање на учениците на коронавирус, најави министерот за здравство, Венко Филипче.
Тој рече дека познато е колкава бројка на ученици и во кои училишта ќе се тестираат на коронавирус.
„Моделот за скринингот е готов. Задоцнивме една недела. Требаше да почне оваа недела, но подолго траеше анализата во училиштата. Со оглед дека сега е спремна методологијата, од утре ќе бараме согласност од родителите. Верувам дека до почетокот на следната недела тоа ќе се обезбеди и ќе се спроведе скринингот. Апелирам до родителите да го прифатат скринингот, не е ништо страшно. Сега епидемиолошката ситуација е прилично мирна. Немаме хоспитализирани деца, 10-15 има во болницата во Козле и во ниту една друга институција. Нема податоци за трансмисија во училиштата, но важно е да знаеме дали ќе откриеме асимптоматски случаи“, рече Филипче.
Тој рече и дека Комисијата за заразни болести до Владата предложила нова мерка, односно влез во затворени простории да им се дозволи само на оние што имаат примено две дози вакцина наместо како што беше досега – со една доза.
„Во однос на дополнителната мерка, ќе дискутираме во штабот во Владата следната недела. Во согласност со препораките на Комисијата за заразни болести, ќе оставиме една-две недели дополнителни, со оглед на тоа што е најавено за да почне да важи препораката во сите затворени места, наместо со една, да биде потребен сертификат со две дози вакцина“, рече Филипче.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во тек е исплатата на посебен додаток, туѓа нега и попреченост
Министерството за социјална политика, демографија и млади информира дека во тек е исплатата на следните социјални права: посебен додаток, парична помош за попреченост и туѓа нега за месец декември 2025 година.
Корисниците на парични права коишто поседуваат дебитна картичка можат да подигнат готовина на банкоматите на банките, да ги користат средствата за безготовински плаќања во продажната мрежа или преку електронско и мобилно банкарство. Истите, денеска можат да ги подигнат средствата во сите отворени филијали и експозитури на банките.
Македонија
ДПМНЕ да не бега од сопственото ветување за една изборна единица, бара Левица
„Левица е за укинување на т.н. Пржинска влада и непотребните дополнителни заменици-министри со право на вето, сметајќи дека истата нема смисла и се претвори во алатка за меѓупартиско пазарење. Техничката влада функционира како фасада и привид на фер, демократски избори и плурализам, зад кој продолжува суштинската политичка нееднаквост, селективноста и цензура. Затоа, укинувањето на техничката влада за нас е прифатливо само доколку оди рака под рака со вистински, а не декларативни демократски реформи“, велат од партијата Левица.
„За почеток, воведување на една изборна единица, како единствен начин за секој глас да вреди подеднакво. Вториот услов е укинување на политичката цензура и обезбедување еднаков пристап до медиумско претставување за политичките субјекти. Потсетуваме дека на последните избори, токму Левица, како парламентарна партија, беше единствената на која, поради „правна празнина“, ѝ беше оневозможено било какво политичко рекламирање. По завршувањето на изборите, Левица во Собранието предложи законски измени за надминување на оваа дискриминација, но истите не беа прифатени од владејачкото мнозинство.
Прецизираме дека не сметаме дека институциите се созреани, ниту пак дека постојната пракса на „технички влади“ донесе фер, демократски и избори без институционални злоупотреби. Напротив, техничката влада се покажа како механизам за дополнителни злоупотреби и параван зад кој се задоволуваат апетитите на владејачките и коалициските структури на естаблишмент партиите.
Во периоди кога техничката влада формално треба да служи исклучиво за организација и спроведување на изборите, јавноста беше сведок како се носат системски закони по скратена постапка, се шверцаат законски измени и се штитат интереси на моќни бизнис и урбанистички лобија како што беше случајот и со последната Пржинска влада.
Демократијата не се мери со бројот на договори меѓу партиските елити, туку со тоа дали гласот на секој граѓанин вреди еднакво и дали секоја политичка опција има право да биде слушната.
Левица нема да учествува во шминкање на системот без да се испорачаат нужни реформи. За крај, потсетуваме дека ʼедна изборна единицаʼ е и ветување на ДПМНЕ за овој мандат. Оттука, ги повикуваме да не бегаат од сопственото ветување и предизборни заложби“, се наведува во соопштението на партијата Левица.
Македонија
(Фото) Кисела Вода: Компјутери, принтери и телевизори за училиштата „Рајко Жинзифов“ и „Кирил Пејчиновиќ“
Набавени се компјутери, принтери и телевизори за основните училишта „Рајко Жинзифов“ и „Кирил Пејчиновиќ“ во Кисела Вода, како дел од континуираните активности за унапредување и модернизација на наставниот процес, извести Општината.

„Во периодот кога учениците се на зимски распуст, во училиштата се врши опремување со нова информатичка опрема, со цел второто полугодие учениците да го започнат со поквалитетна настава и полесен пристап до дигитални содржини.

Со оваа инвестиција, општина Кисела Вода уште еднаш ја потврдува својата определба за дигитализација на образованието и создавање современи услови за учење, во чекор со новите образовни стандарди и потребите на учениците“, соопштуваат од Општината.

– Нашата цел е децата да учат во современи и опремени училишта, каде што ќе имаат можност да стекнуваат знаења и дигитални вештини неопходни за нивниот понатамошен развој. Компјутерите, принтерите и телевизорите кои ги обезбедивме во училиштата „Рајко Жинзифов“ и „Кирил Пејчиновиќ“ се уште еден конкретен чекор во таа насока, а учениците по зимскиот распуст ќе бидат пречекани со значително подобри услови за настава, изјави градоначалничката на општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска.




