Македонија
Славески како гувернер ќе следи партиски директиви, а не реална монетарна политика, вели Филипче
Трајко Славески, како гувернер на Народната банка, нема да биде независен и нема да води вистинска и балансирана монетарна политика.
Ова е оценката на претседателот на СДСМ, Венко Филипче, за одлуката на претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, Славески да го предложи за гувернер.
Со ваквиот предлог, според Филипче, ВМРО-ДПМНЕ докажува дека при одлучувањето и водењето на државата нема интерес да им служи на граѓаните, туку на сопствените теснопартиски интереси.
„Со предлогот Трајко Славески да биде гувернер на Народната банка, и последната институција која ја водеше експерт ќе биде партизирана“, вели Филипче.
Според него, ваквиот избор ќе ја доведе во ризик целата макроекономска политика, бидејќи, како што истакна, Славески нема да води монетарна политика каква што ѝ е потребна на државата, туку ќе ги следи партиските директиви.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, попладнево е со членовите и граѓаните на Желино, Брвеница и Гостивар.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
МВР потврди: Уапсен Артан Груби
На граничниот премин „Блаце“, припадници на Министерство за внатрешни работи го уапсија поранешниот прв вицепремиер Артан Груби.
„Денеска (23.02.2026) во 06:10 часот на Граничниот премин Блаце, на влез во државата, од слобода е лишен Артан Груби (48), кој беше баран со меѓународна потерница за истрага за сторено кривично дело по чл.354 ст.5 в.в. ст.3 в.в ст.1 в.в со чл.22. од КЗ“, велат од МВР.
Груби се товари за злоупотреба на службената положба во случај поврзан со Државна лотарија. Во предметот осомничен е и Перпарим Бајрами, а истрагата се однесува на наводна проневера од околу осум милиони евра преку набавка на ВЛТ апарати.
Македонија
Без струја денеска делови од Бутел, Карпош и Кисела Вода
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08.00 до 10.00 часот, корисниците од улицата Марко Крале лоцирани околу објектот бр. 51, општина Бутел;
– во периодот од 08.30 до 10.00 часот, корисниците од улицата Козле лоцирани позади фабриката Реплек, општина Карпош;
– во периодот од 08.35 до 11.00 часот, корисниците од улицата Радишанска, општина Бутел;
– во периодот од 12.00 до 16.00 часот, дел од корисниците од улицата 1439 во населба Пинтија, општина Кисела Вода.
Македонија
Без вода денеска дел од Кисела Вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради изведување водоводен приклучок од ф – 100 мм – во близина на Макпетрол, без вода ќе останат корисниците од улицата Христо Татарчев лоцирани на потегот од улицата Народни Херои до улицата Франк Харкорд-Манинг, општина Кисела Вода.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато во периодот од 09.00 часот па се до завршување на работата

