Македонија
Најголем проблем за брз автобуски превоз е трасата на „Партизанска“, со што се доведува во опасност водоснабдувањето, вели Славески
„Никогаш од ниеден советник не е изречено или не е кажана констатација дека соодветната институција Европската банка за обнова и развој била сомнителна институција. Никогаш никој не кажал такво нешто од говорницата на Советот на Град Скопје“, истакна претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески, во реплика кон советникот Александар Трајановски на денешната седница на Советот на Град Скопје говорејќи за воведување брз автобуски превоз.
Славески посочи дека многу добро знае како се движи соработката на Република Македонија со Европската банка за обнова и развој.
„Јас сум засегнат од ваквата неточна констатација на советникот Трајановски затоа што како министер за финансии по функција сум бил и гувернер, односно претставник на Република Македонија во Европската банка за обнова и развој и многу добро знам како се движела соработката со Банката“, рече Славески.
Славески потенцира дека советниците не ги изнесуваат своите аргументи 20-ти пат затоа што веќе го имаат кажано своето мислење.
„Второ, советниците, најверојатно, не ги изнесуваат своите аргументи 20-ти пат затоа што го кажале своето, дека најголем проблем е трасата на булеварот ‘Партизански одреди’, каде што се доведува во опасност водоснабдувањето со вода за пиење за жителите на град Скопје. Имаше и други предлози за промена на трасата, тоа не е направено и оттука мислам дека е отпорот на советниците да дадат поддршка на таков проект што го сметаат за неиздржан, без соодветните корекции што беа предложени“, заклучи Славески.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Мали остатоци од снег има на планинскиот превој од (село Лисец – Попова Шапка) кои се задржани на коловозот, извести АМСМ.
Врнежи од снег со слаб интензитет има на патниот правец (Крива Паланка – г.п.Деве Баир) кој не се задржува на коловозот и намалена видливост поради појава на магла има на планинските премини Плетвар до 30 метри, Ѓавато до 100 метри и планинскиот превој Крушево до 40 метри.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од Карпош денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект ф-100мм на крстосницата Његошева/Софиска, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Софиска, Његошева, Бриселска, Копенхагенска, Стокхломска, Петар Драганов и Гаврил Лесновски, општина Карпош.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со услови за повремени слаби врнежи од дожд
Променливо облачно со услови за повремени слаби врнежи од дожд. Претпладне, врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег и во некои од повисоките места. Ќе дува слаб до умерен, а попладне наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 3 до 10 степени.
Во Скопје, претежно облачно со услови за слаб дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
До крајот на оваа седмица следува период на претежно облачно време со повремени врнежи од дожд, кои на повисоките планини, ќе преминуваат во врнежи од снег. Повремено наместа врнежите ќе бидат пообилни. До сабота ќе дува југоисточен и југозападен ветер, а во недела ветерот ќе го смени правецот и ќе дува засилен северен ветер.

