Македонија
Славески ќе си замине од функцијата претседавач во Советот на Град Скопје доколку биде избран за гувернер
Професорот и претседавач на Советот на Град Скопје, Трајко Славески, доколку биде избран за гувернер на Народната банка на Република Македонија (НБРМ), ќе си замине од функцијата во Град Скопје. Сè до изборот во Собранието, Славески вели дека нема да коментира за политиките и за мерките на монетарната политика, но одговори како технички ќе ги менаџира функциите.
„По евентуалниот избор за гувернер, поради неспојливост на функциите, ми престануваат членството во Советот на Град Скопје и функцијата претседател на Советот. Законот предвидува дека би можел да вршам наставно-научна дејност и понатаму, мислам без надомест. За тоа ќе одлучи Економскиот факултет, каде што сум професор“, вели Славески за „Макфакс“.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, вчера, во Собранието официјално го достави предлогот Славески да биде избран за гувернер на НБРМ и таму процедурата веќе може да почне. На Славески му треба просто мнозинство од 61 глас за да биде избран, а премиерот Христијан Мицкоски вчера рече дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе гласа за него.
Опозицискиот Социјалдемократски сојуз денес се изјасни дека нема да го поддржи оти, наместо експерт, на функцијата е предложен партиски пулен.
Славески во Советот на Скопје важи за еден од најлутите ривали на градоначалничката Данела Арсовска. Од говорницата во Советот на Скопје обајцата изминативе четири години си разменија безброј навреди и имаа многу јавни расправии и политички пресметки. Тој беше избран за претседавач во ноември 2021 година.
Доколку Славески биде избран за гувернер, на негово место, според Деловникот за работа на Советот на Град Скопје, советниците треба да изберат нов претседавач.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Викендот со стабилно време, дожд се очекува од вторник
За време на викендот ќе се задржи стабилно и претежно тивко време, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во сабота и недела времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Ќе дува слаб ветер, претежно од југоисточен правец.
Минималните утрински температури ќе се движат од -3 до 2 степени, додека дневните максимални ќе достигнуваат од 6 до 13 степени.
Во текот на викендот во Скопје се очекува променливо облачно и тивко време, со појава на магла, особено во утринските часови. Минималната температура ќе се спушта до -3 степени, а максималната ќе достигнува околу 8 степени.
Според УХМР, стабилното време ќе се задржи до вторник, по што кон крајот на денот и во следните денови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на планините и повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Нема толеранција за узурпација: Скопје почна голема акција за расчистување на јавниот простор
Град Скопје започна сеопфатна акција за расчистување на бесправно изградените и узурпирани објекти, со цел заштита на јавниот интерес и обезбедување слободно, безбедно и достоинствено користење на јавните површини.
Како што информира градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, акцијата се спроведува без никакви отстапки и со јасна порака дека јавниот простор им припаѓа на граѓаните и мора да биде достапен за сите под еднакви услови.
„Нема толеранција кога узурпацијата на јавниот простор е во прашање. Започнавме голема акција за расчистување на бесправно изградените објекти и нема да има никакви отстапки“, напиша Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој посочува дека тротоарите, пешачките патеки и јавните простори не смеат да бидат заложници на лични интереси и дека повеќе нема компромис кога се во прашање узурпациите што го нарушуваат животот, движењето и безбедноста на граѓаните.
Според градоначалникот, акцијата ќе продолжи со силно темпо и ќе ја опфати целата територија на Скопје.
Воедно, тој ги повикува граѓаните активно да се вклучат и да пријават објекти што го окупираат заедничкиот простор, со цел да се изгради град во кој владеат ред, достоинство и еднаква пристапност за сите.
Македонија
Мицкоски најави две нови странски инвестиции од 80 милиони евра
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, дали има најава за нови инвестиции во државата, информираше дека веќе има потврда за две нови странски инвестиции во вкупна вредност од околу 80-тина милиони евра.
„Па да, ние генерално, преговараме со многу компании коишто доаѓаат надвор од земјава, коишто ќе инвестираат во Македонија. Можам да потврдам дека веќе имаме потврда од две такви. Една турска, една германска, коишто вкупно ќе инвестираат околу 80-тина милиони евра. Извозот којшто двете заедно ќе го прават од Македонија ќе биде над 200 милиони евра и вкупно двете компании би требало да вработат некаде околу 1.000 вработени. Двете не се во автомобилската индустрија, туку во индустрија со висока технологија, што посебно нè прави горди“, изјави Мицкоски.
Премиерот очекува бројот на странски инвестиции во државата значајно се зголемат до крајот на годината.
„До крајот на годината очекувам уште најмалку три потврди, со што ќе го заокружиме овој циклус, а во следната година ќе продолжиме и на овој план да работиме, да ги поддржуваме домашните компании е наш приоритет, но, се разбира, и компании коишто доаѓаат од надвор, а коишто пројавуваат интерес да инвестираат тука, се добредојдени. Фокусот ни е малку да направиме диверзификација на тоа портфолио, да не биде само автомобилската индустрија, туку и ваков тип на инвестиции во висока технологија“, објасни премиерот.

