Македонија
Случувањата во Судскиот совет се срам, девалвирање и вандализам на отворена сцена, вели Мицкоски
При денешната посета на општина Аеродром, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање во однос на случувањата во Судскиот совет, истакна дека тоа е вандализам, девалвирање, вагабонтство на отворена сцена и процес што ја срами Македонија и што нанесува трајни штети и последици.
„За личноста што беше променета на начин како што беше променета, нема да коментирам, тоа како наш став го знаете, од каде потекнува, како потекнува, и тоа што нејзе ѝ се случи во ова опструирано правосудство во Македонија е само последица на тоа што таа сама претставува. Но, ако го коментираме самиот процес тогаш навистина тоа е еден процес на вандализам, на вагабонтство и процес не само што ја срами Македонија туку е процес кој што нанесува трајна штета и последици во смисла дека оставаме лош впечаток пред нашите меѓународни партнери. Сега јас ќе ја прашам македонската јавност и ќе ја прашам владата, дали оваа штета што се одвива на отворена сцена во судскиот совет кој што треба да биде орган над сите органи практично тоа е и мајка и татко на оние кои што треба да се грижат за владеењето на правото, за борбата против криминалот и корупцијата, дали ова што таму се случува нема да нанесе трајна штета во нашите односи со ЕУ затоа што знаеме дека една од темелните вредности на ЕУ е токму владеењето на правото и борбата против криминалот и корупцијата. Гледате таму партиски кланови се борат за превласт, кој да биде претседател, па кој да биде после избран за судија, таков еден срам, такво едно девалвирање, таков вандализам и вагабонтство на отворена сцена Македонија не познава. Ова дури и на држави со апсолутистички режим како Северна Кореја не им е пракса. Ваков еден срам што се случува тоа е невидено. Затоа велиме луѓе дајте да ставиме крај да одиме на избори, вакви сцени ќе гледаме се повеќе и повеќе, и ја повикувам и меѓународната заедница, овие луѓе што се во владата не им е гајле за народот што мисли тие тоа го кажуваат јавно, тие многу повеќе сакаат да коленичат и да веднат глава пред вас во вашите кабинети, кога го газат дебелиот килим и во Брисел и во вашите амбасади овде, кажете им да заминат така ќе го спасите и народот и државата и самите себе. Тие вас ќе ве слушаат, не го слушаат тие народот. Не се избрани тие од народот. Секогаш се поставени и октроирани таму каде што се за да не се случи народ. Оти ако се случи народ, тогаш ќе биде проблем. Поради тоа, еве и до нив една порака, зарем можете да гледате и да молчите, зарем можете“, нагласи Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Одронот е исчистен, сообраќајот на автопатот Скопје – Велес се одвива нормално
Во 20:38 часот на патниот правец Скопје-Велес, тунел Бадар, одронот е исчистен и сообраќајот се одвива нормално, информира АМСМ.
Претходно, од таму информираа дека сообраќајот се одвива по една лента поради одрон во тунелот.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Одлуката за домашен притвор на Груби е на обвинителството со 2 отсто доверба
Правда мора да има и таа мора да биде неселективна и конечна. Одлуката за домашен притвор е на обвинителството. Истото она со 2 посто доверба и за кое СДС се бореше да биде несменето до последниот здив. Сите забелешки може да ги испратат до таа адреса, и до омилените на Венко обвинители, велат од ВМРО-ДПМНЕ, по одлуката на скопското обвинителството да побара замена на мерката притвор со куќен притвор за Артан Груби.
„СДС треба да се договори со себе бидејќи се исклучително недоследни. Изутрина тврдат дека ДУИ одработува за ВМРО-ДПМНЕ, а сега дека е обратно. А всушност СДС се вистински во паника затоа што нивниот криминоген другар Артан Груби може да проговори за сите ортачки криминали на владите на Зоран и Вице, на Венко и Ковачевски, за бизнисите на Зечевиќ. Зошто врхушката на СДС денес заседаваше и “вртеше” телефони интересирајќи се за исказот на Артан Груби во обвинителство. Ова е и причината зошто СДС во случајот со Груби се однесува по логиката иста на онаа: “лопов вели држете го лоповот”. Црната кутија за криминалите на СДС и ДУИ падна. Прашање на време е кога “исплашените” од СДС ќе му прават на судските клупи друштво на Артан Груби“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Куќниот притвор за Груби е потврда дека сè е договорено, велат од СДСМ
Одредувањето куќен притвор за Груби е потврда дека сè е договорено, сметаат од СДСМ. Според партијата, затоа судството и обвинителството се ставени под директна контрола на Мицкоски и ВМРО-ОКГ.
„Дилот ВМРО–ДУИ се спроведува пред очите на јавноста. Прво со договореното враќање и режираното снимање на граничниот премин. Не работеа камерите кога Груби си замина преку граница, слободно, со пасош, иако бил на стоп-листата. Но, за договореното враќање на Груби камери има на секој чекор – од граница, пречек, па сè до Обвинителството и Судот. Потоа следуваше веќе подготвената кампања по медиумите под контрола на Орбан, а сега и одлуките за куќен притвор. Ако некој еднаш избегал од државата, зошто му се одредува куќен притвор?“, прашуваат од СДСМ.
Од таму велат дека ништо не е случајно и останува само да видиме која е цената.
„Пеш преминал преку граница и побегнал. А бил на стоп-листа. Сега, после 14 месеци бегство – се враќа и му се одредува куќен притвор. На кого уште не му е јасно ова сценарио? Ништо не е случајно. Ова е дел од договорот меѓу ДУИ и ВМРО-ОКГ. Останува само да видиме која е цената“, велат од СДСМ.

