Македонија
Снимката во случајот „Поткуп“ против Заев ќе биде пуштена во судница
Во кривичниот суд денеска треба да сведочи бизнисменот Иван Николов Сачевалиев во предметот„Поткуп“, во кој обвинет е премиерот Зоран Заев. Исто така, во судницата ќе биде пуштена снимката во која Заев наводно договара поткуп, а која е доказ против него. Сачевалиев не се појавуваше на досегашните судски рочишта за предметот, а на последното судијата рече дека успеале телефонски да го добијат за да дојде на денешното судење.
Судот му го прифати барањето на Зоран Заев и на неговите адвокати снимките за „Поткуп“ обезбедени како посебни истражни мерки да бидат изведени во присуство на јавноста. Заев рече дека побарал јавноста да биде присутна поради фактот дека е премиер и претседател на најголемата политичка партија, со цел да врати дел од загубените чест и углед во јавноста што му биле нарушени со нивното делумно објавување.
Заев тврди дека снимките што се објавени на интернет се со најмалку два прекина за да се дискредитира неговиот интегритет и угледот. Неговиот адвокат, Филип Медарски, посочи дека снимките биле објавени за политичка егзекуција на Заев во јавноста. „Снимките веќе претходно беа објавени во јавноста на начин што со прекините им даваат сосема поинакво значење“, рече Медарски.
Обвинителката Валентина Бислимовска од Обвинителството за организиран криминал и корупција се изјасни дека е против ваквиот предлог бидејќи, иако се декласифицирани, тие може да се користат под строго определени услови во судска постапка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози, на некои повисоки места со мали остатоци од кашест снег на коловозот
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози, на некои повисоки места во западните и југозападните делови од државата со мали остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција на дежурните екипи на ЈП Македонијапат.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Мицкоски е во паника, опозицијата освои двојно повеќе гласови од власта, велат од СДСМ
„Мицкоски мора да е во голема паника штом свика прес конференција да се пофали дека опозицијата освоила повеќе гласови од владејачките партии“, велат од СДСМ.
„Дури и со сите можни злоупотреби на институциите и притисоци, кандидатите за градоначалници од опозициските партии освоија двојно повеќе гласови од кандидатите на владејачките партии.
Опозицијата освои двојно повеќе гласови, 21.394 гласови а власта само 12.534 гласа. Заклучокот е едноставен, власта на ВМРО, ВЛЕН и ЗНАМ загуби вечерва и тоа убедливо“, соопшти СДСМ.
Македонија
Почувствуван земјотрес во Прилеп и околината
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани ширум нашата територија, одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, ноќеска во 01 часот и 14 минути регистрира земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Грција, на околу 116 км југоисточно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML2.9
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Прилеп и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.

