Македонија
Собранието со честитка по повод 22 Ноември – Денот на албанската азбука
Преку соопштение по повод одбележувањето на 22 Ноември – Денот на албанската азбука, Собранието на Република Македонија упати честитка до припадниците на албанската етничка заедница во земјата.
„Денес е значаен ден за Албанците во Македонија и, се разбира, за сите Албанци насекаде во светот. Ден кога пред точно 110 години на Битолскиот конгрес се постигна унификација на азбуката со која ќе пишуваат, читаат и зборуваат сите Албанци и тоа помогна во издигнување на албанската култура и образование на едно скалило погоре, меѓутоа беше и крстопат на кој целиот интелектуален потенцијал на Албанците собран во Битола, насочувајќи ги очите кон Запад, го избра патот на напредокот“, стои во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ: „Манасије српски“, првиот македонски бот
Во Србија, Александар Вучиќ осмисли посебна функција во партијата кога не знаеше што да прави со луѓето кои ништо конкретно не знаеја да работат, само филозофираа, па ги нарече „ботови“, велат од СДСМ во партиското соопштение осврнувајќи се на работата на Валентин Манасијевски од ВМРО-ДПМНЕ.
„Бот е скратеница од „робот“ и означува луѓе кои се „подесуваат со софтвер“ да извршуваат дејства онака како што ќе ги „програмираш“.
Како се плаќаат?
Ефтино – се плаќаат со сендвичи!
Затоа народот им даде еден духовит прекар – „сендвичари“!
Духовит прекар, но не треба да се заборави дека тие извршуваат сериозна работа за кујната на лагите.
Така настана и првиот македонски бот – се вика Валентин Манасијевски.
Бидејќи нема никаква функција во ВМРО Ванчовистичка, идеален е да глуми портпарол за лажни вести, изјави и напади на СДСМ.
Зошто нема функција?
Мора да остане „чист“. Не смее да работи тендери и да прави комбинации како некои другари на премиерот“.
Што прават со Валентин, прашуваат од опозициската партија.
„Едноставно му се плаќа облекувањето (забележувате нови одела и сакоа за секоја прес-конференција) сепак треба да изгледа како Валентино, како што и името му звучи.
Се разбира, тука може да биде и задолжителниот сендвич. Така Валентин, со презиме Манасијевски, успеа да стане првиот и единствен примерок на бот во Македонија. Секогаш кога нема одговори за: поскапувањето на струјата, недостигот на мазут, загадениот воздух, „мигранти за пари“, Алта банка – што се прави? Па нормално – дефокус! Стиснуваат копче и ете го Манасије. Се поклонува и почнува со Заев, Филипче, СДСМ… функционира навистина како најнова верзија на АИ. Потребно е ВМРО Ванчовистичка да се грижи за Манасије. Зголемете му малку буџет за мода – треба модерно да изгледа. За топлиот оброк (сендвичот) не се грижиме, забележано е дека е засилен, појачан.
Ете уште една нова професија преземена од Белград, од нивниот шеф Вучиќ“.
Како што стојат работите, наскоро, додаваат од оваа партија очекуваат ВМРО Ванчовистичка, како што ја нарекуваат, да го додаде и она „СНС“ помеѓу ДПМНЕ.
Македонија
Општина Илинден: Успешно спроведена акцијата за пошумување
Општина Илинден соопшти дека успешно била реализирана акцијата за пошумување во рамки на проектот „Зелена Општина Илинден“. Во текот на активностите, на повеќе локации беа засадени повеќе од 600 садници од различни видови, со цел унапредување на квалитетот на воздухот, заштита на животната средина и подобрување на условите за живот на граѓаните.
Акцијата, информираат од таму, беше спроведена со заеднички ангажман на општествено одговорни компании, граѓани, ученици, јавните претпријатија и општинската администрација. Пошумувањето се одвиваше долж пешачко-велосипедски патеки, улици и патишта, во близина на училишта, детска градинка, спортски терени, како и на подрачјето во н.м. Мршевци кое беше зафатено од пожарите во текот на летото, но и на други јавни површини.
На настанот присуствуваше и градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, кој нагласи дека грижата за животната средина е заедничка одговорност и дека преку вакви активности се придонесува за подигнување на еколошката свест, почист воздух и поздраво опкружување. Тој истакна дека ваквите еколошки иницијативи ќе продолжат и во иднина.
Македонија
Апасиев: Очекувам едногласно усвојување на заклучоците за трагедијата во Кочани
Пратеникот и претседател на Постојаната анкетна комисија за слободата и правата на граѓанинот, во Собранието на Македонија, Димитар Апасиев информира дека до пратеничките групи доставил Предлог-заклучоци од одржаната комисиска седница по повод поднесената претставка од родителите на загинатите деца во трагедијата во Кочани. „Очекувам истите да бидат едногласно усвоени на првото продолжение на V-та седница на Постојаната анкетна комисија“, се огласи Апасиев преку социјалните мрежи.
Со доставените Предлог – заклучоци најостро се осудува институционалната нефункционалност која доведе до трагедијата од 16 март во дискотеката „ПУЛС“ во Кочани и се изразува најдлабоко сочувство до семејствата на жртвите и повредените. Исто така се укажува на сериозни институционални слабости, системско непочитување на законите и можно прикривање на одговорноста што наметнува потреба од итна и решителна реакција од сите државни институции.
Во таа насока се бара спроведување на независна, транспарентна и темелна судска кривична постапка која ќе ги утврди сите одговорни лица и институции, а одговорноста мора да ја понесат и носителите на јавни функции, без исклучоци.
Се потсетува дека правото на живот претставува највисиока вредност во уставниот поредок на државата и токму затоа се повикува Јавното обвинителство да постапува непристрасно, навремено и неселективно со цел да се обезбеди правда за жртвите и нивните семејства.
Дополнително во Предлог-одлуките се изразува загриженост за наводите за корупција во постапките за издавање дозволи и во инспекцискиот надзор и се препорачува Собранието да усвои итни законски измени кои ќе го подобрат регулаторниот и инспекцискиот надзор врз угостителските и останатите објекти наменети за одржување на јавни настани. Паралелно се бара и заострување на кривичната одговорност за службените лица кои не постапуваат согласно законските овластувања.
Се поддржува одржување на надзорна расправа во Собранието за утврдување на институционалната одговорност и предлагање мерки за превенција. Истовремено, се нагласува потребата од ефикасен и независен правосуден систем и целосно искоренување на корупцијата.
На крајот се упатува апел до пратениците од власта и опозицијата да постигнат консензус и да донесат посебен закон за обесштетување на семејствата на жртвите од трагедијата во Кочани, а заклучоците да се достават до Владата и Јавното обвинителство.

