Македонија
Собранието ќе одржи седница, ќе се избираат работните тела
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, најави дека денеска напладне ќе закаже седница, на која на дневен ред ќе биде избор на составот на работните тела на парламентот, а потоа верификацијата на мандатот за пратеник на местото на министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска.
Составот на работните тела помина и на седница на собраниската Комисија за прашањата на изборите и именувањата, на која беше потенцирано дека бил постигнат консензус меѓу сите пратенички групи во Собранието.
На оваа седница нема можност за други точки на дневен ред бидејќи материјалите треба да поминат на комисии. Во Собранието досега се пристигнати законските предлози на Владата за основно и средно образование, како и петте одлуки за вонредната состојба од претседателот на државата Стево Пендаровски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Бизнисмен од Штип крадел струја: манипулирал на сите три фази на броилото
Тимот на Електродистрибуција специјализиран за откривање неовластено користење на електрична енергија утврди основи на сомневање за наводна кражба на електрична енергија во станбена куќа во сопственост на бизнисмен од Штип.

Констатирано е противправно користење на електрична енергија во објект на улицата „Борко Талев“ во Штип, манипулација на сите три фази на броилото, велат од Електродистрибуција.
Од таму додаваат дека е направен записник за неовластено користење и дека е поднесена Пријава за неовластено преземање на електрична енергија до МВР според член 235-а од КЗ, како и дека е изготвена фактура за надомест на штета во износ од 364.658 денари.
Случајот е документиран од страна на Министерството за внатрешни работи.
Македонија
Нормализиран сообраќајот на патот Градско – Велес
Сообраќајот на патниот правец Градско – Велес, кој беше во прекин поради незгода, во 11:30 часот e пуштен во двата правци, соопшти АМСМ.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
До крајот на неделата следува период на променливо обчачно време со повремени врнежи од дожд
Под влијание на серија влажни воздушни бранови до крајот на седмицата следува период на променливо облачно и релативно топло време со повремени локални врнежи од дожд.
Наместа врнежите ќе бидат пообилни, локално со услови во форма на невреме со засилен ветер (над 60 km/h) и ретки грмежи. Во текот на 24 часа се очекува да наврне поголема количина дожд (над 30 l/m2). Ќе дува умерен до засилен ветер од јужен правец.
Во Скопје, следува период на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд кои во делови од котлината ќе бидат пообилни (15-25 l/m2). Ќе дува умерен, а во делови од котлината повремено засилен ветер од јужен правец.

