Македонија
Собраниска делегација во Израел им врачи благодарница на докторите кои помагаа на настраданите во Кочани
На покана од претседателот на Групата за пријателство Израел-Северна Македонија, Хамад Амар, Делегација на Пратеничката група на Собранието за соработка со Парламентот/Кнесетот на Државата Израел е во возвратна посета на Израел во периодот од 18 до 22 јануари 2026 година.
Делегацијата ја предводи пратеничката Рашела Мизрахи, претседателка на Групата за соработка, а во нејзиниот состав се и пратениците: Весна Бендевска, потпретседателка на Собранието, Љупчо Пренџов и Муса Џафери, членови на Групата и Никола Мицевски, координатор на Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
Програмата започна со посета на Светскиот центар за сеќавање на Холокаустот-Јад Вашем, при што Делегацијата учествуваше во церемонијата на полагање на венец, со што се оддаде почит на жртвите од Холокаустот.
На Тркалезната маса организирана од Американско-Еврејскиот комитет (AJC), Делегацијата имаше можност да учествува во дискусијата со директорката на Комитетот, Авитал Лејбович. Комитетот е основан во 1906 година во Њујорк како одговор на растечкиот антисемитизам и дискриминација, со цел заштита на граѓанските и верските права на Евреите и промоција на демократијата и човековите права.
Денес, Центарот е глобална организација посветена на борбата против антисемитизмот, поддршка на Израел и јакнење на меѓународната соработка и толеранција.

Програмата опфати и посета на Болницата Шиба во Тел Авив, при што Делегацијата оствари средба со групата доктори и медицинскиот персонал кои од страна на Израелската Влада и Министерството за здравство кои беа веднаш испратени за ургентна медицинска помош на настраданите македонски граѓани во трагичниот пожар во дискотеката „Пулс” во Кочани во март минатата година.
„За оваа брза реакција на Владата на Државата Израел, односно на Министерството за здравство, но и Израелски бизнисмени и филантропи, да ги согледа димензиите на трагедијата и да одговори со ургентна стручна медицинска помош за настраданите граѓани, посветеноста и исклучителната пожртвуваност на докторите и целиот медицински тим, Делегацијата на Собранието изрази соодветна благодарност со врачување на пригодни подароци на докторите и медицинскиот персонал. Подароците за Болницата Шиба и за Министерството за здравство беа врачени во име на Претседателот на Собранието, Африм Гаши и во име на сите пратеници во Собранието, со што се изрази соодветна благодарност кон Израелската држава за драгоцената помош што беше пружена по повод оваа незапаметена трагедија која ја потресе нашата држава. Претедателката на Групата Рашела Мизрахи и сите членови на делегацијата ги врачија подароците на докторите и медицинскиот персонал за време на средбите во здравственит институции. Гестот беше прифатен со огромна благодарност од страна на докторите и медицинскиот персонал, но и од страна на домаќините во Кнесетот“, соопштија од Собранието.
Во Вулкани институтот (Истражувачки Центар за земјоделие) на Делегацијата и беше презентирана работата на овие институции на полето на употреба на високо-технолошки практики за земјоделие и одлгедување на земјоделски култури во многу специфични климатски услови кои драстично се менуваат (од медитеранска клима на северот до суша на југот). Обемните земјоделски истражувања, особено од институции како Институтот Волкани, доведоа до сорти на култури отпорни на суша, видови отпорни на сол и иновативни техники на одгледување, преку развивање софистицирани, технолошки интензивни земјоделски методи прилагодени на неговата специфична клима.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Состојбата е стабилна и нема опасност по безбедноста
Не сме изложени на нестабилност и нема опасност по безбедноста внатре и во регионот. Систем за предупредување постои, институциите ја следат состојбата, се координираат и оттаму е оваа оценка за стабилност и безбедност, изјави претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по седницата на Советот за безбедност на која на дневен ред беше безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.

Таа додаде дека институциите ќе продолжат да ја следат состојбата.
-Координирани сме и со органите во регионот и ќе споделиме информации, најави претседателката Сиљановска – Давкова.
Претседателката Сиљановска Давкова е претседател на Советот за безбедност, а на седницата присуствуваа и членовите на Советот за безбедност: претседателот на Собранието Африм Гаши, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски како и експертите Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова, и Владо Спиридонов. Министерот за надворешни работи и надворешна трговија,Тимчо Муцунски, кој е на пат за САД, на седницата беше вклучен преку видеоврска.

На седницата присутни беа и директорката на Агенцијата за разузнавање, Габриела Јаковлева, директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски и началникот на Генералштабот, генерал – мајор Сашко Лафчиски.
Македонија
Повеќе од 150 македонски државјани побарале помош од амбасадите во Тел Авив, Доха и Абу Даби за евакуација
Расте бројот на македонски државјани кои пријавуваат дека се затечени во загрозените подрачја на Блискиот Исток. Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информираат дека досега повеќе од 150 македонски државјани, ги контактирале амбасадите во Тел Авив, Доха и Абу Даби, околу можностите за евакуација.
Со сите нив се одржува постојан контакт и доколку се пријават за евакуација ќе се преземаат подготвителни активности за евентуална асистенција за нивно безбедно враќање, наведуваат од МНР.
– Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, преку дежурниот телефонски број и преку дипломатско-конзуларните претставништва, и понатаму останува целосно на располагање на граѓаните. Уште еднаш ги повикуваме сите наши државјани кои се наоѓаат во земјите од регионот доследно да ги почитуваат упатствата и насоките на локалните надлежни безбедносни органи, велат од Министерството.
Поради ситуацијата на Блискиот Исток, во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија од вчера функционира кризен штаб кој е на 24 часовно располагање на граѓаните за сите информации.
За дополнителни информации и помош, на располагање се:
СОС дежурен телефон (МНРНТ):
075/273-732
Амбасада на Република Северна Македонија во Доха
Тел: +974 50 173 111
Амбасада на Република Северна Македонија во Абу Даби
Тел: +971 56 441 7532
Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив
Тел: +972 54 500 8566
Тел: +972 54 967 0546.
Македонија
Малолетник сакал да се самоубие, МВР го спречи постапувајќи по објава оставена на социјалните мрежи
Секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи интервенираше навремено откако беше забележана објава на социјалните мрежи што укажуваше на можност за самоубиство од страна на малолетен корисник.
Полицијата веднаш ги презеде сите неопходни мерки за утврдување на идентитетот и локацијата на лицето, кое за кратко време беше пронајдено. Малолетникот е во добра состојба, а родителите се известени и запознаени со понатамошните чекори за негово ментално здравје.
Овој настан уште еднаш ја нагласува важноста од внимателно следење на однесувањето на младите во дигиталниот простор. Родителите треба редовно да комуницираат со своите деца, да се интересираат за нивните активности на социјалните мрежи и да реагираат веднаш при забележување загрижувачки објави или несвојствено однесување – апелираат од Секторот за компјутерски криминал.
Апел е упатен и до пријателите, соучениците и сите корисници на социјалните мрежи: доколку забележат објави што упатуваат на самоповредување, безнадежност или најави за самоубиство, веднаш да ги искористат механизмите за пријавување на платформата или да известат родител, наставник или најблиска полициска станица.
-Навремената реакција може да спаси човечки живот. Секторот за компјутерски криминал ќе продолжи со засилени активности за рано откривање и превенција на ризични појави во дигиталниот простор, велат од МВР.

