Македонија
Собраниска делегација во Кнесетот на Израел: разменети мислења за политичката и безбедносната ситуација на Блискиот Исток, и безбедноста на глобално ниво
Собраниска делегација оствари повеќе средби во Кнесетот на Израел. На средбата со Претседателот на Групата за пријателство со Собранието на РС Македонија, Хамад Амар и членовите на Групата Тсега Мелаку и Владимир Белијак, беше истакнато дека соработката меѓу двата парламента претставува важен и вокален дел на целокупната билатерална соработка. Пратеничката група за соработка со Кнесетот, која се формира во континуитет во сите парламентарни мандати, е само еден израз на интересот на Собранието да покаже цврста определба и интерес да одржува блиски контакти со Кнесетот.
На средбата пратениците разменија видувања за актуелната политичка и безбедносна ситуација во Израел и на Блискиот Исток, геостратешките влијанија врз безбедносната архитектура на глобално ниво, како и за визиите за траен мир. Чекорот напред кон траен мир во регионот на Блискиот Исток и кој стави крај на војната во Газа, што неодамна се постигна со посредство на американскиот претседател Трамп, влева надеж во остварување на вековните аспирации за мир, просперитет и соживот на овој дел од светот.
Делегацијата беше примена од спикерот на Кнесетот, Амир Охана, при што на средбата беше особено истакната вредноста и значењето на парламентарната дипломатија, која дава посебен печат во севкупните односи меѓу Република Северна Македонија и Државата Израел. Соговорниците се согласија дека парламентарната соработка треба да продолжи и во иднина што несомнено ќе придонесе за подобра и конструктивна соработка на билатерален план. Ефективните придобивки од градењето на блиски релации меѓу двата парламента претставуваат додадена вредност на севкупните билатерални односи. Спикерот Охана изрази голема благодарност што РС Македонија го поддржува Израел во одбрана на својот суверенитет и дава поддршка и во меѓународните организации и форуми.
Делегацијата оствари средба со претседателот на Комитетот за одбрана и надворешни работи на Кнесетот, Боаз Бизмут. Се разговараше за актуелните случувања на Блискиот Исток, тензиите во Иран и демилитаризацијата на Хамас како втора фаза од Планот на Трамп за Газа. Притоа, беше истакната важноста на соработката со други земји и потребата од силна одбрана на една држава како нејзин витален и стратешки интерес.
Делегацијата ги поздрави одличните тридецениски дипломатски односи меѓу РС Македонија и Државата Израел и се заложи за искористување на нивниот потенцијал во многу области каде Израел остварува извонредни резултати. Особено беше истакнато дека добар пример од Израел што треба да го примениме во нашата земја е враќање на дијаспората, како да се задржат младите во земјата и да се подигне наталитетот, за што беше побарана стручна помош во креирање на акциски план за ова прашање, по примерот на Израел. Во однос на сличните политички и општествени предизвици кои постојат во Израел и во земјите од регионот на Западен Балкан како сензитивен регион, соговорниците ја потенцираа важната улога на парламентарците во одржување на дијалог и релаксирани мултикултурни општествени односи.
Во Министерството за надворешни работи на Државата Израел, делегацијата оствари одделни средби со Министерот за надворешни работи Гидеон Сар, и со заменик-директорката на МАШАВ (MASHAV), официјална Израелска агенција за меѓународна развојна соработка, Ирит Савион-Вајдергорн.
Со министерот Сар, Делегацијата оствари продуктивни разговори за надворешно-политичките односи меѓу РС Македонија и Државата Израел, при што беше истакната важноста на овие релации и позитивната соработка во мултилатералните форуми. Особено се цени ставот на нашата земја во ситуации кога има обиди за делегитимирање на Израел на меѓународен план, со што се демонстрира високото ниво на одлични билатерални односи.
Делегацијата се заблагодари за ургентната медицинска и стручна докторска помош за настраданите граѓани од трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ минатата година како гест на Влада на наша блиска и пријателска земја.
Домаќините изразија подготвеност да споделат искуства и да ја развијат меѓусебната соработка во земјоделието, управувањето со водата, нови технологии, кибербезбедност, вештачка интелигенција, здравство и сл.
На средбата во МАШАВ (MASHAV), официјална Израелска агенција за меѓународна развојна соработка, основана во 1958 г. и функционира во рамки на Министерството за надворешни работи на Израел, делегацијата оствари средба со заменик-директорката Ирит Савион-Видергорн, која ја запозна делегацијата со активностите на Агенцијата.
Во организација на Министерството за здравство на Државата Израел, Делегацијата имаше средба со втората група доктори и медицински персонал кои беа испратени на ургентна мисија во справувањето со здравствените последици на преживеаните македонски граѓани од пожарот во дискотеката во Кочани. Претседателката на Групата, Рашела Мизрахи и сите членови на делегацијата изразија длабока благодарност за драгоцената помош дадена уште во првите часови по несреќата, при што на целиот медицински тим им беа врачени подароци како израз на благодарноста од сите македонски граѓани во спасување на голем број млади животи. Во име на Претседателот на Собранието, Африм Гаши и во име на сите пратеници беше врачена посебна благодарност до Министерството за здравство на Државата Израел.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Кисела Вода, Сопиште и Ѓорче Петров денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:00-13:00 часот дел од улицата Архитект Сотир Томовски, општина Кисела Вода;
· од 09:00-11:00 часот корисниците од село Гврлево, општина Сопиште;
· од 09:00-15:00 часот корисниците на ул. 101 во населба Волково, општина Ѓорче Петров.
Македонија
Без вода денеска дел од Бутел
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради изведување на водоводен приклучок ф-225мм на Радишанска Лево бб (Бел Камен), општина Бутел, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно, во утринските часови повремен локален дожд, а во текот на денот кратки сончеви периоди
Времето денеска ќе биде променливо облачно, во утринските часови со повремен локален дожд, а во текот на денот со кратки сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта повторно ќе има локални врнежи од дожд, а на повисоките планини од дожд и снег. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 9 до 14 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд, особено во утринските часови и кон крајот на денот. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 12 степени.
Времето во наредните денови
Продолжува периодот на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер во почетокот на новата седмица врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег и на некои од повисоките места.

