Македонија
Собраниска седница за избор на заменик-министри во Владата

Собранието денеска треба да ја одржи 13-тата седница на чиј дневен ред е предлогот за именување на заменик-министри во Владата.
Владата во петокот ја достави до Собранието листата со предлозите за заменик-министри. Башким Хасани е предложен за заменик во Министерството за одбрана, а Назим Буши за заменик во Министерството за внатрешни работи;
Агим Нухиу за заменик во правда; Илхан Рахман за заменик во Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците; Фатмире Исаки за заменик на министерот кој раководи со Министерството за надворешни работи; Димитар Ковачевски за заменик-министер во Министерството за финансии; Зоран Маневски за заменик во Министерството за економија, а Трајан Димковски за заменик во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Илир Хасани е предложен за заменик на министерот кој раководи со Министерството за здравство.
Арафат Шабани е предложен за заменик во Министерството за образование и наука; Енвер Хусејин за заменик во Министерството за труд и социјална политика; Зоран Димитровски за заменик во Министерството за локална самоуправа; Седат Сулејмани за заменик во Министерството за култура; Александар Бајдевски за заменик во Министерството за информатичко општество и администрација; Беким Реџепи за заменик во Министерството за транспорт и врски; Христина Оџаклиеска за заменик во Министерството за животна средина и просторно планирање.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
32-годишен скопјанец осомничен за разбојништво во Бучимци: маскиран и со ловечки нож ограбил соселанец

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против едно лице осомничено за кривично дело – Разбојништво од член 237 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Осомничениот 32-годишен скопјанец, на 18 август, маскиран со маица со која си го покрил лицето и капа, преку незаклучена влезна врата влегол во домот на негов соселанец во селото Бучимци. Во рацете држел ловечки нож и кога во една од собите го затекнал сопственикот, му се заканил дека ќе го убие ако не му даде пари.
Оштетениот, исплашен за својот живот, извадил 4.000 денари од комодата, но го замолил разбојникот да му дозволи да задржи барем 1.000 денари, бидејќи му се неопходни.
Осомничениот се согласил и го напуштил местото со 3.000 денари кои противправно ги одзел од сопственикот.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот, бидејќи постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство, можност за влијание врз сведокот/оштетен со заплашување и уценување, како и можност да го повтори делото.
Македонија
Зголемена фреквенција на возила на граничните премини Табановце и Богородица

Поради пожар во националниот Парк Јасен, регионалниот пат Р1106 Македонски Брод – Скопје затворен е за секаков вид на возила, извести АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќајот на патиштата надвор од градските средини е зголемен. Поради летните одмори, се бележи зголемена фреквенција на возила, на ГП „Табановце“ времето на чекање за влез е околу 20 минути, за излез е околу 40 минути.
На ГП „Богородица“ времето на чекање за излез знесува околу 20 минути, додека на останатите гранични премини од македонска страна нема подолги задржувања при влез или излез од државата.
Македонија
Вицепремиерот Николоски во Будимпешта на прослава на Националниот ден на Унгарија

Вицепремиерот Александар Николоски на покана на премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, присуствува на Националниот ден кој се слави во чест на Свети Стефан основачот на унгарската држава и христијанството во Унгарија.
Покрај учеството на прославата на националниот ден, предвидени се повеќе средби со високи претставници на владата на Унгарија, неколку министри и потенцијални инвестиции. На средбите е предвидено да се разговара за динамиката на проектите во Македонија како и за идната засилена економска соработка помеѓу двете држави.
Посетата на вицепремиерот е уште една потврда за одличното пријателство и соработката помеѓу Македонија и Унгарија, се додава во соопштението на Министерството за транспорт.