Македонија
Советот гласаше за ребаланс на буџетот на Општина Карпош
Во рамките на тринаесеттата седница на Советот на Општина Карпош, која се одржа денеска во просториите на Универзитетот за туризам и менаџмент – Скопје, советниците расправаа по 54 точки, кои се најдоа на дневниот ред.
Притоа советниците го поддржаа предлогот за измена и дополнување на буџетот на локалната самоуправа за 2022 година.
„Потребата од донесување на оваа одлука произлезе од релативно добрата реализација на приходите и расходите, во чија согласност се зголеми лимитот на вкупниот општински буџет во износ од 115.133.000 денари“, велат од Општината.
Според тоа, промени на износите на одредени ставки има во сите колони во консолидираниот буџет на Општината. Поточно, кај ставката социјални надоместоци извршено е зголемување на износот од 5.400.000 денари на 7.900.000 денари. Станува збор за зголемување на оваа ставка поради зголемен број барања од страна на граѓаните за социјална помош. Во програмата за уредување градежно земјиште извршено е зголемување од 9.300.000 на 11.300.000 денари, поточно за ставката за реконструкција на станбени објекти. Поврзано со капиталните трошоци од оваа ставка, извршено е зголемување од износ 20.700.000 денари на 32.300.000 денари заради потребата за изградба на инфраструктурни објекти за фекална и атмосферска канализација.
![]()
Како дел од потпрограмата за одржување на урбаната опрема, вкупниот износ е зголемен од 16.000.000 на 22.000.000 денари во насока на зголемената потреба за тековно, редовно и уредно одржување на урбаната опрема на територијата на локалната самоуправа. За одржување на јавното осветление, како и за исплата на зголемените сметки за електрична енергија за улично осветление, износот од 48.000.000 денари се зголемува на 67.000.000 денари. За одржување и заштита на локалните патишта на територијата на општина Карпош, досега предвидената финансиска рамка од 14.000.000 денари се зголемува на 20.500.000 денари.
Во потпрограмата за одржување и користење паркови и зелени површини износот од 9.000.000 денари се зголемува на 10.000.000 денари, со што ќе се употребат дополнителни средства за одржување на системите за наводнување и на други хортикултурни содржини.
За изградба и реконструкција на локални патишта и улици, износот од 46.819.000 денари се зголемува на 62.819.000 денари од причина што се потребни повеќе средства за исплата на судски решенија, како и за изградба и реконструкција на патната инфраструктура во Карпош.
Од областа на културните манифестации и творештвото за реализација на предвидената програма износот од 1.600.000 денари се зголемува на 1.800.000 денари.
Поради реалната потреба за реконструкција во основните училишта како дел од капиталните расходи од потпрограмата за образование, износот од 5.290.000 денари се зголемува на 6.890.000 денари.
Советниците од Карпош дадоа зелено светло и за прифаќање на донацијата од „Аутомотив груп“ ДООЕЛ Скопје во вид на поставување хоризонтална и вертикална сигнализација, како и изработка на основен сообраќаен проект за измена и дополнување режим на сообраќај на дел од улицата Прашка и утврдување режим на сообраќај на дел од улицата Дамаска. Вредноста на донацијата изнесува 199.526 денари, а проектот го изработи „ИНГ глобал инженеринг АВ“ ДООЕЛ Битола.
Со истата динамика советниците дадоа согласност за прифаќање на донацијата од Друштвото за производство, трговија и услуги „Ванила фуд“ ДООЕЛ Скопје во вредност од 29.570 денари. Имено, овие средства ќе бидат искористени за изведба на пристапна рампа за децата – ученици со инвалидитет од ООУ „Христијан Тодоровски-Карпош“.
Откако детаљно беа образложени материјалите, советниците ги усвоија и годишните извештаи за работата на општинските детски градинки и основни училишта за 2021/2022 година, како и годишните програми за работата на претшколските установи за 2022/2023 година. По претходно разгледување на комисијата за јавни дејности, советниците го поддржаа предлог-мислењето за програмите за изведување ученички екскурзии и други активности за 2022/2023 година за десетте основни училишта на територијата на општина Карпош.
Советот го усвои и извештајот од Комисијата за објавување јавен повик и спроведување постапка за доделување финансиска поддршка за поправка и санација на постојни лифтови, како и поставување нови лифтови во станбени згради за колективно домување на територијата на локалната самоуправа. Со одлука на советниците Општина Карпош еднократно ќе исплати финансиска помош во висина од 500.000 денари за санација на дел од оштетен покрив на зграда на улицата Јуриј Гагарин бр. 43.
Широка поддршка од советниците добија и предлог-програмите за измена и дополнување на програмите за активностите на Општина Карпош од областа на екологијата и енергетската ефикасност за 2022 година, од областа на развојот на општината за 2022 година, за уредување на градежното земјиште за 2022 година, за еднакви можности меѓу жените и мажите за 2022 година, како и на програмата од областа на детската, социјалната и здравствената заштита за 2022 година.
Со мнозинство гласови советниците дадоа согласност за потпишување меморандум за соработка помеѓу Општина Карпош и коалицијата на младински организации „Сега“. Основата за соработка на овој меморандум произлегува од потребата за воспоставување стратешка соработка со „Сега“ заради подобра имплементација на Националната стратегија за млади на РСМ 2016-2025 година. Меморандумот има цел да овозможи рамка за успешно спроведување на дел од мерките од тематските области, какви што се младинското учество и информирањето, локалната младинска работа, образованието, вработувањето и поддршката пред вработување, како и квалитетот на живеење, кои се дел од Националната стратегија за млади.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„На кого веќе не му е јасно? Домашниот притвор за Груби –дил за политички цели“, велат од СДСМ
„Одлуката за домашен притвор за Груби не е правна, туку политичка. Таа е директна последица на политички дил и целосно контролирано судство и обвинителство од страна на ВМРО-ОКГ. Со месеци СДСМ предупредува дека судството и обвинителството се ставени под директна контрола на Мицкоски и ВМРО-ОКГ“, велат од СДСМ.
„Се менува јавен обвинител за да се стави обвинител под контрола на власта, се елиминираа независни кандидати, се инсталираа партиски кадри.
Сопруга на екс градоначалник на ВМРО ја назначија за член на Судскиот совет. Советник на Мицкоски беше избран во Уставниот суд. Портпаролката на Владата ги знае судските пресуди за случаи во тек.
Шефот на Обвинителот кој побара куќен притвор за Груби беше избран на оваа функција во Скопското јавно обвинителство пред еден месец. На кого веќе не му е јасно?
Домашниот притвор за Груби е доказ дека правдата е погребана, правда нема, има контролирано обвинителство и судство кое одлучува под диктат на Мицкоски и ВМРО-ОКГ.
Правна држава нема – има дил за политички цели и кампања на власта!“, се наведува во соопштението на СДСМ.
Македонија
Додека Артан Груби гледа телевизија дома, во ДУИ преовладува паничен напад од прв до последен, велат од „Вреди“
Артан Груби е црната кутија на ДУИ. Не е обичен поранешен функционер во куќен притвор, туку човекот што ги знае сите влезови и излези на системот што ДУИ го градеше со години. Тој е живата архива на една партиска шема што со години се штитела од јавноста. Кога црната кутија еднаш ќе падне во рацете на институциите, нема веќе простор за глума, ниту за митови. Почнува расплетот, велат од „Вреди“.
Според нив, Ккќниот притвор не е олеснување. Тоа е, како што велат, знак дека приказната влегува во фаза во која зборовите на ДУИ повеќе не важат, туку фактите.
„Институциите почнаа да ја копаат вистината што ДУИ со години ја закопуваше, како се кроеше моќта зад грбот на граѓаните и каде исчезнуваа парите. И токму затоа ДУИ денес е во паника.
Додека Артан Груби гледа телевизија дома, во ДУИ преовладува паничен напад од прв до последен. Тие не се плашат од мерката, туку од тежината на она што Груби го носи со себе. Бидејќи тој беше таму каде што се решаваше сè. Таму каде што се договараа работите „под маса“. Таму каде што се кроеше моќта и се делеа интересите.
Затоа стравот во Мала Речица не е случаен. Тоа е страв од моментот кога сенката на Али Ахмети ќе почне да зборува. Кога ќе почнат да излегуваат имиња, шеми и улоги. И кога ќе стане јасно дека Груби не е само товар за ДУИ, туку потенцијална искра што може да ја запали целата нивна конструкција“.
Ова, додаваат од коалицијата, не е крај. Според нив, ова е почеток на процес што може темелно да ја разниша конструкцијата изградена околу Али Ахмети.
Македонија
„Дали СДС стравува од сведочењето на Груби“, прашува ВМРО-ДПМНЕ
„Очигледна е паниката во редовите на СДС по апсењето на екс вицепремиерот Артан Груби. Институциите си ја завршија работата и го доведоа Груби пред лицето на правдата. Криминалецот Груби беше во бегство година дена, откако се отвори постапка за негова вина во случајот со Државната лотарија за проневера на државни пари во вредност од над 8 милиони евра“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Милионските криминали во Државна лотарија се случувале под покровителство на СДС и ДУИ. Додека се злоупотребувале парите на граѓаните СДС знаеле, молчеле и не реагирале поради коалициски мир со ДУИ, за да не им се распадне коалицијата и да останат ден повеќе на власт.
Дали денес нервозата кај Филипче, Заев и СДС доаѓа од можноста вистината да излезе на виделина? Дали во СДС има паника поради евентуалните искази што би можеле да допрат и до поранешни високи функционери на СДС помеѓу кои и Заев, Филипче, Спасовски, Зечевиќ?
Институциите мора да постапуваат без селективност и без политички притисоци. Секој кој го прекршил законот мора да одговара.
Времето на неказнивост заврши, Македонија мора да биде држава во која правдата е еднаква за сите. Владеење на правото и правдата мора да има“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

