Македонија
Советот на Дебар бара шестгодишна забрана за стопански риболов на Дебарското Езеро
Советот на Општина Дебар едногласно одлучи да побара од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, забрана за стопански риболов во Дебарското Езеро.
Претседателот на Советот, Башким Машкули, рече дека невладиниот сектор и локалните институции не се задоволни од начинот на рибилов во Дебарското Езеро од досегашниот концесионер зашто, како што рече, стопанскиот риболов максимално го осиромашил рибниот фонд, а поради тоа трпат спортските риболовци и туризмот.
Во барањето на Советот стои дека новиот концесионер кој треба да биде избран наскоро не смее да врши стопански риболов, а концесијата да се даде на спортското риболовно друштво „Трофта“.
Советниците истакнаа дека во изминатите пет години максимално е нанесена штета на рибниот фонд бидејќи концесионерот ловел риба надвор од критериумите, а воедно и не вршел порибување во согласност со спогодбата со Министерството.
„Дебарското Езеро има голем потенцијал за развој на туризмот во кој прилог даваат и големиот број спортски риболовци од голем број градови во земјава, но и надвор од неа“, истакна претседателот Машкули.
К.М.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Филипче за Божиќ: Имплементиравме политики што им донесоа подобар живот на граѓаните
Претседателот на опозициската СДСМ, Венко Филипче, по повод големиот христијански празник Божиќ упати порака за мир, заедништво и градење праведно, толерантно и слободно општество, во кое младите ќе ја гледаат својата иднина.
„Го честитам најрадосниот празник во христијанството со традиционалната честитка – мир Божји, Христос се роди“, порача Филипче, заблагодарувајќи им се на присутните и упатувајќи желби за мирни и весели празници до сите верници кои го празнуваат Божиќ.
Тој истакна дека Божиќ е традиционален повод за собирање на семејството и најблиските, како и за покажување почит и грижа, нагласувајќи дека мирот е особено важен во турбулентни времиња.
„Мирот во овие турбулентни времиња ни е и тоа како потребен за да можеме да продолжиме општеството да го градиме – да биде праведно, да биде толерантно, да биде слободно“, рече Филипче.
Осврнувајќи се на политиките што СДСМ ги спроведувала во минатото, тој нагласи дека тие биле насочени кон подобар, побезбеден и побогат живот за граѓаните.
„Ние во минатото имплементиравме политики коишто граѓаните вистински можеа да ги осетат да живеат подобро, побезбедно, побогато. Младите тука да ја гледаат иднината. Имплементиравме политики коишто доликуваа на развиени општества, општество во кој никој нема да се чувствува помалку вреден, без разлика дали станува збор за етничка, дали станува збор за национална, верска, некаква културна, родова, полова или сексуална ориентација. Посакувам да сите заедно градиме општество во коешто никој нема да биде дискриминиран“, порача Филипче.
Македонија
Стоилковиќ со божиќна честитка: Празникот да биде поттик за духовна смиреност и заемна почит
По повод големиот христијански празник Божиќ, потпретседателот на Владата и министер за односи меѓу заедниците, Иван Стоилковиќ, упати честитка до сите верници од христијанска вероисповед, нагласувајќи дека празникот ја носи пораката на љубов, надеж и човекољубие.
Во честитката, Стоилковиќ истакна дека Божиќ е поттик за духовна смиреност, заемна почит и зајакнување на општествената кохезија, посочувајќи дека празничните денови треба да придонесат за продлабочување на семејните и општествените вредности.
Тој нагласи дека негувањето на солидарноста и унапредувањето на меѓусебното разбирање се особено важни за напредокот и заедничкото добро, додавајќи дека преку соработка и одговорност може да се придонесе за стабилност и благосостојба во општеството.
„На сите верници им посакувам добро здравје, мир и достоинствено празнување на Божиќ“, порача Стоилковиќ, упатувајќи ја традиционалната божиќна честитка „Христос се роди! Вистина се роди!“.
Македонија
МВР ќе утврдува зошто новите службени возила биле осветувани со верски обред
Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи презема мерки и активности за целосно утврдување на околностите поврзани со фотографиите на кои се гледа верски обред врз службени полициски возила во кругот на Министерството.
Од МВР соопштија дека по завршување на постапката, јавноста ќе биде соодветно информирана за утврдените факти.

Свештеник ги осветува новите полициски возила. Фото: фејсбук
Фотографиите, кои деновиве се појавија на социјалните мрежи, предизвикаа реакции. На нив се забележува свештеник како врши осветување на службени возила, во присуство на полициски службеници.
Станува збор за дел од новите 120 службени возила на МВР, промовирани на крајот на минатиот месец.

