Македонија
Совет на амбасадори за македонско-бугарските односи: Да се смират емоциите, да се промислува државнички и да се делува трезвено
„Советот на амбасадори со големо внимание и загриженост ги следи растечките тензии во македонско-бугарските односи, кои ескалираат до посериозни размери после непосакуваните инциденти во Охрид, но и со серијата нетолерантни ставови на високи бугарски државници за перспективите на македонските евро-интеграциски процеси“ се вели меѓудругото во соопштението од Советот на амбасадори.
„Советот смета дека итно треба да се смират емоциите, да се промислува државнички и да се делува трезвено. До решение може да се дојде само низ преговори помеѓу двете дипломатски служби. Алтернативи нема, освен засилен конфликт, чии димензии уште потешко ќе се контролираат, а на крајот на краиштата, и тогаш мора да заврши со преговори, како што завршувале сите големи конфликти низ историјата, само со далеку повисока цена! Ние, членовите на овој Амбасадорски совет веруваме дека и во Бугарија има промислени луѓе кои разбираат дека ниедно вето или долготрајна блокада, особено ваква, при изработено и заслужено членство на нашата земја во ЕУ, не е ништо друго освен негативен удар и за нашите соседи, но и за целиот југоисточен регион на Европа! Единствено целосната македонска европска интеграција и непостоењето на било какви граници, вета и други бариери помеѓу двете земји ќе доведе до создавање атмосфера за надминување, решавање и премавнување на сите отворени македонско – бугарски прашања и предизвици“ велат оттаму.
Во соопштението се наведува дека „за македонската држава останува задачата да изнајде начин и да отвори можности, пред ЕУ да се претстават несоборливи аргументи дека сите бугарски условувања за побрз влез на РСМ во оваа влијателна политичко-економска заедница се неосновани и надвор од европскиот дух, но и од духот на актуелната историска епоха. Европската интеграција беше создадена за да се овозможи амбиент за изградба на доверба помеѓу народите и државите, но како рамноправни членки на Европската Унија и со непречена соработка и комуникација помеѓу граѓаните, институциите и економиите“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ново судење за пожарот во „Пулс“
Судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени, треба да продолжи денеска со сослушување на сведоци, во судницата во Идризово.
Претходното рочиште беше одложено по барање на бранителката на поранешниот директор на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Аднан Џаферовски, адвокатката Сузана Јошевска-Анастасовска, која беше избрана за член на Судскиот совет.
На 16 март 2025 година, за време на настап на групата „ДНК“ во дискотеката „Пулс“ во Кочани, избувна пожар во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Во објектот имало над дозволениот број посетители, меѓу кои и малолетници, а пиротехнички средства биле активирани без дозвола. Објектот работел незаконски повеќе од една деценија, без минимално-технички услови, со реконструкции без дозволи и без систем за противпожарна заштита.
Македонија
Непречен сообраќај, поради врнежите од снег се препорачува внимателно возење
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по влажни коловози, извести АМСМ.
Од АМСМ известуваат дека сите државни патишта се проодни и безбедни за сообраќај. Сообраќајот се одвива непречено, но поради врнежите од снег се препорачува внимателно возење.
Екипите на ЈП Македонија пат се целосно екипирани, ставена е на располагање потребната механизација и работна сила и во континуитет на терен се врши расчистување на снегот. Во соработка со ЈП за државни патишта и Министерство за транспорт се вршат координирани активности со цел да се обезбеди непречено и безбедно одвивање на сообраќајот.
Покрај внимателно и совесно управување со возилата, се препорачува задолжително употреба на зимска опрема, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и прилагодена брзина согласно условите на патните правци.
Исто така се препорачува навремено информирање од страна на сите информативни центри за условите и сообраќајот на државните патишта.
Кооридинираните активности на надлежните институции продолжуваат и во текот на наредниот перидод, со цел да се обезбеди непречено и безбедно одвивање на сообраќајот, соопшти АМСМ.
Македонија
Дел од Чаир денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска се планирани прекини и тоа:
· во периодот од 09.00 до 14.00 часот, корисниците на улиците 393 и Стојна Стевкова, општина Чаир.

