Македонија
Сомнежи за новозарзени со МРСА, екипи од ДСЗИ и ЦЈЗ на терен
Родители на деца што одат во градинката во Чаир и во училиштето во Бутел, каде што има заразени со бактеријата МРСА, утрово кај наставничките и кај воспитувачите пријавиле новозаразени деца, но официјална потврда за ширење на бактеријата нема. Екипи од Центарот за јавно здравје и од Државниот санитарен и здравствен инспекторат денес прават проверки за откривање нови случаи.
„Екипи на Државниот санитарен и здравствен инспекторат и на Центарот за јавно здравје се на терен. Се проверуваат сите наводи каде што има индиции за присуство на бактеријата МРСА. До овој момент потврда за новозаразени со бактеријата МРСА нема, но се прават проверки“, изјави Иринка Сотирова-Бухова, директорка на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, за „Макфакс“.
Од Центарот за јавно здравје и од Инспекторатот апелираат родителите да ги почитуваат процедурите и доколку имаат позитивен наод на бактеријата, тоа да го пријават за да може да се преземат мерки. За да сепреземат мерки, потребно е наодот, со миелсње од матичниот лекар, да го проследат во Центарот за јавно здравје кој, пак, треба да го извести Инспекторатот, кој наложува механичко чистење и други санитарни мерки на местата каде што престојувале заразените со МРСА.
Нов случај на заразени со МРСА денес нема ниту во Институтот за јавно здравје. По паниката кај родителите на дечињата што одат во градинката и во училиштето каде што се откриени заразените со бактеријата, епидемиологот Жарко Караџовски од Институтот за јавно здравје вели дека нема потреба од паника доколку бактеријата се појави кај здрави деца.
„Бактеријата може да направи проблем доколку се појави кај лица со намален имунитет, кај лица што имаат други заболувања и кај новороденчиња. Кога се појавува кај здрави деца, таа не може да направи проблем. Иако на повеќето антибиотици е резистентна, сепак има антибиотици со кои се лекува и нема потреба од паника“, изјави епидемиологот Караџовски за „Макфакс“.
Тој објасни дека бактеријата, во зависност од тоа каде е пронајдена, може да предизвика инфекција на кожата, а ако е во грлото или во носот, може да предизвика бронхитис и воспаление на белите дробови. Според него, основа за појава на бактеријата е недоволната хигиена.
Државниот санитарен и здравствен инспекторат извести дека во училиштето во Бутел и во градинката во Чаир се преземени сите мерки за чистење и дезинфекција.
Надлежните утврдија дека едно дете заразено со МРСА има во основното училиште „Панајот Гиновски“ во Бутел, а три случаи се регистрирани во детската градинка „Снежана“ во Чаир.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Бутел започна изградба на 40 пешачки и пристапни патеки во Скопје Север
Општина Бутел денеска (23 февруари 2026) започна активности за изградба на 40 пешачки и пристапни патеки до станбените згради во населбата Скопје Север.
Градежните работи опфаќаат реконструкција на пристапните влезови до станбените објекти на улиците „Боро Менков“, „Лазо Москов“, „Гоце Стојчевски“ и „Костурска“.
Од општината информираат дека новите пешачки патеки ќе го олеснат движењето на граѓаните и ќе придонесат за спречување на поплавување на влезовите на зградите.
Реализацијата на проектот, како што наведуваат, претставува исполнување на предизборните ветувања на градоначалникот за еднаков и рамномерен развој на сите населени места во општината.
Македонија
Ангелов на работен состанок во Министерството за правда за измени на Законот за здруженија и фондации
На барање на директорот Стојанче Ангелов на Дирекција за заштита и спасување (ДЗС), денеска беше одржан работен состанок во Министерство за правда, посветен на најавените измени на Законот за здруженија и фондации, што директно ги засегаат доброволните противпожарни друштва во Македонија.
На состанокот беа разгледани можните правни импликации од предложените измени, со посебен акцент на правниот статус и функционирањето на доброволните противпожарни друштва (ДПД), нивната улога во системот за заштита и спасување и на потребата од усогласување на законската рамка со реалните теренски потреби и со европските практики.
Притоа, Ангелов, заедно со тим од ДЗС и од претставници на ДПД, ја истакна важноста од заштита, унапредување и институционално препознавање на доброволниот сектор, како клучен партнер во справувањето со кризи, пожари и природни непогоди. Соработката помеѓу институциите и доброволниот сектор е еден од темелите за ефикасен и функционален систем за заштита и спасување во Македонија.
Македонија
Лажни дојави за бомби во училишта во Скопје и Тетово
Во неколку училишта во Скопје и во Тетово денеска биле примени дојави за поставени експлозивни направи, но по извршените проверки било утврдено дека станува збор за лажни пријави.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека веднаш по добивањето на пријавите биле преземени соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници.
„Веднаш по добиените пријави преземени се соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници и утврдено е дека станува збор за лажни пријави“, соопштија од МВР.
Во Тетово дојавите ги опфатиле средните училишта СОУ „Никола Штејн“, СОУ Гимназија „7 Март“, СОУ Гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ и СОУ „8 Септември“.
Кај основните училишта биле опфатени ООУ „Истикбал“, ООУ „Кирил и Методиј“, ООУ „Братство-Мигени“, ООУ „Гоце Делчев“, ООУ „Беса“ и ООУ „Прпарими“.
Надлежните институции продолжуваат со преземање мерки за расчистување на случајот.

