Македонија
Сомнителни, незаконски и астрономски скапи набавки правело МНР за време на Бујар Османи, велат од „Вреди“
Сомнителни, незаконски и астрономски скапи набавки правел МНР за време на Бујар Османи, велат од „Вреди“.
„Документите до кои дојдовме јасно укажуваат на сомнителни, незаконски и астрономски скапи набавки при организацијата на министерскиот совет на ОБСЕ во Скопје, во декември 2023 година.
Министерството за надворешни работи склучило договор вреден 56.640.000 денари за изнајмување возила за дводневна конференција. Во договорот, намерно или свесно, не било предвидено внатрешно контролно тело кое ќе потврди колку возила навистина биле користени, кој тип возила бил ангажиран и колку денови“.
Ова, според „Вреди“ отвора сомнежи за класичен модел на злоупотреба и корупција.
„Според документите, цените за изнајмување на возила биле:
• VIP автомобил: 29.000 денари на ден (без ДДВ)
• Возило од средна класа: 23.000 денари на ден (без ДДВ)
• Миниван 8+1: 19.200 денари на ден (без ДДВ)
Да споредиме: само еден месец претходно, МНР склучило друг договор со истиот оператор за редовни потреби на Министерството. Таму, истиот тип VIP автомобил чинел само 9.500 денари со возач, што е три пати пониска цена од цената што Бујар Османи ја одобрил за конференцијата.
Ова е скандалозна злоупотреба – државата плаќала трипати поскапо за исти возила, од истата компанија, во исто време“.
Како што велат од „Вреди“, не станува збор за политички напад но граѓаните мора да знаат какви се политичарите кои лажно им се претставуваат за безгрешни.
Ккао што нагласуваат од таму, Државниот завод за ревизија веќе има нотирано сериозни неправилности во работењето на МНР под водство на Бујар Османи и предметите се доставени до Јавното обвинителство.
„Ова е јасен доказ дека не станува збор за административни грешки, туку за системска корупција на највисоко ниво.
Имаме неколку прашања до Бујар Османи:
Кој го потврдил бројот на возила и реализацијата на договорот?
Зошто цените биле три пати повисоки за исти услуги и од ист оператор?
Кој профитирал од ваквите криминални набавки?
Бујар Османи мора да даде одговори. Ваквиот начин на работење е класичен пример на политичка корупција, расфралње и трошење на државни пари за приватни интереси“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Стојаноски за платите на функционерите: се намалуваат за над 10.000 денари, законското решение е согласно Устав
„Поднесовме предлог на измена на шест закони, со овој пакет на закони се опфаќаат Законот за пратениците, Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија, Законот за платите на јавните обвинители, Законот за платите на членовите на Советот на јавните обвинители на Република Македонија, Законот за платите на судиите, Законот за платите на членовите на судскиот Совет, со коешто се воспоставуваат реални висини на плати“, истакна Бојан Стојаноски, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ на денешната седница во Собранието.
Стојаноски објасни дека со овие предложени решенија се врши интервенција во коефициентите и дека ова законско решение е во согласност со Устав и не може да биде обжалено пред Уставниот суд.
„Со овие предложени решенија се врши интервенција во коефициентите, со што се обезбедува национално користење на средствата од Буџетот на Република Македонија. Ова законско решение е во согласност со Уставот, и е единствено законско решение коешто може да влезе во уставната рамка и потоа да не биде обжалено на Уставниот суд“, рече Стојаноски и додаде:
„Со овие измени одредени позиции се намалуваат коишто се во следниов правец. За пратениците и функционерите во извршната власт ги намалуваме коефициентите со што директно го кратиме буџетскиот товар, за судиите и јавните обвинители предвидуваме усогласување на коефициентите со цел нивните плати да бидат во корелација со реалните економски можности на државата, додека за градоначалниците предлагаме нова скала на коефициенти, зависно од бројот на жители во општините. Доколку овие измени денеска бидат усвоени во Собранието, платите ќе се нивелираат со што значи на сите овие функционери коишто се под овие шест закони, платата ќе се намали од 10 до 13.000 денари“.
Македонија
Бесплатен логопед за децата од Општина Аеродром
Градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, денеска потпиша меморандум за соработка со здружението „МЕГАЛОГОМЕД ГЛАС – Скопје“, со што се овозможува индивидуални логопедски и дефектолошки третмани за деца со развојни потешкотии и деца со попреченост.
Со ова, децата од Аеродром добиваат бесплатен пристап до стручна логопедска поддршка, рано препознавање на развојните предизвици и навремена интервенција — важен чекор за нивниот правилен развој, сигурност и самодоверба.
Услугата ќе биде бесплатна за лицата што ќе добијат соодветна препорака од Центарот за социјална работа на Град Скопје, а корисници ќе можат да бидат лица со валидна документација согласно со Меѓународната класификација на функционирање, попреченост и здравје (МКФ).
„Обезбедуваме и поддршка за родителите преку советување и насоки, со цел секое семејство полесно да стигне до потребната стручна помош без дополнителни финансиски оптоварувања“, вели Митевски.
фото/Depositphotos
Македонија
Политичарите да се воздржат од коментирање на одлуката за притворот на Груби, апелира Здружението на јавните обвинители
Здружението на јавните обвинители апелира до сите политички партии и функционери да го почитуваат и да не го загрозуваат начелото на поделба на власта и да се воздржат од јавна реторика со која ја нарушуваат самостојноста на јавните обвинители во одлучувањето.
Од таму велат дека во изминатите денови сведоци сме на неодговорни изјави со кои одредени политичари селектираат и прозиваат поединечни јавни обвинители, коментирајќи ги јавнообвинителските одлуки без воопшто да бидат запознаени со конкретен предмет и доказите.
„Ова кулминираше во политичките коментари во однос на определена мерка куќен притвор за еден од осомничените во предметот “Државна лотарија”. Ваквата јавна реторика мора да престане, а останатите институции да дозволат обвинителите непречено да постапуваат и да одлучуваат. Здружението на јавните обвинители е професионална организација, која нема овластувања да интервенира или да ги коментира одлуките на јавните обвинители при работата на конкретни предмети. Но, Здружението има право и обврска да ја заштити самостојноста на обвинителите кои стручно и одговорно ја вршат својата функција и да се бори за соодветни услови во кои тие ќе работат непречено“, се наведува во соопштението.

