Македонија
СОНК ја поздравува заложбата за изнаоѓање средства за вработените во образованието

Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) ја поздравува заложбата на министерот за образование и наука за изнаоѓање средства за задоволување на барањата на вработените во образованието.
„Ова нека биде добар пример и поттик за Министерството за труд и социјална политика во правец на надминување на моментната ситуација“, порача првиот човек на синдикатот, Јаким Неделков.
Претходно денеска, министерот за образование, Јетон Шаќири, во телевизиско гостување изјави дека е подготвен да пренаменат дел од буџетските средства на МОН за да се доближат до процентот на покачување на платите што го бара СОНК.
Шаќири се надева на постигнување договор до крајот на оваа недела.
Денеска е трет ден од штрајкот на вработените во образованието. СОНК не отстапува платите на вработените во дејностите образование и детска заштита веднаш да бидат зголемени 18,4 отсто во согласност со порастот на минималната плата, која од овој месец е 18.000 денари и, дополнително, таа да биде основица со која ќе се множат коефициентите на сложеност на работните места.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Без струја денеска делови од Бутел и Аеродром

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08.20 до 12.30 часот, дел од корисниците од ул. 1 во населба Радишани. (општина Бутел)
– во периодот од 09.00 до 12.00 часот, корисниците од ул. Горно Лисиче лоцирани на потегот од Маг Комерц, А-М Стил, Феромонт Инжинеринг кон село Долно Лисиче. (општина Аеродром)
Македонија
Дел од Аеродром денеска без вода

Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект на 3-та Македонска Бригада бб, прекинато водоснабдување ќе имаат објектите на Вива, Метро, Центро, Спорт М и Форд, општина Аеродром.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со повремен локален дожд

Времето денеска ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд. Ќе дува умерен до засилен ветер претежно од северен правец (локално над 60 km/h). Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 9, а максималната ќе достигне од 7 до 13 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен локален дожд. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 12 степени.
Времето во наредните денови
До среда ќе се задржи претежно облачно време со повремени локални врнежи од дожд и студени утра. Ќе дува умерен до засилен, а долж Повардарието повремено силен ветер од северозападен правец. Потоа следи период на стабилно и суво со постепен пораст на дневната температура.