Македонија
Сончево време со засилен ветер

Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност, ќе дува умерен до засилен ветер, од северен и северозападен правец.
Утринската температура ќе се движи од 11 до 19, а дневната од 24 до 32 степена. УВ-индексот ќе изнесува 9.
Во Скопје претежно сончево и топло. Ќе дува умерен до засилен ветер претежно од северен правец. Утринската температура ќе спушти до 13, а дневната ќе достигне 29 степени.
Од утре следува сончево време со повторен пораст на дневната температура, но со посвежи утра. За време на викендот локално ќе има појава на зголемена облачност со услови за краткотраен дожд.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Филипче: Младите не смеат да ги враќаат долговите од 7 милијарди направени за бизнис интерес на власта

Во обраќање пред младите социјалдемократи, претседателот на СДСМ, Венко Филипче ја осуди, како што рече, неодговорната и корумпирана власт која ја задолжила Македонија со над 7 милијарди евра, без отчет и без развој.
„Страшно ми е што сите вие, младите, па дури и вашите неродени деца треба да враќаат седум милијарди евра коишто се земени на којзнае каков, на сомнителен начин. Тоа е недозволиво“, рече Филипче.
Тој нагласи дека младите немаат никакви реални можности во сопствената држава, дека системот е нефункционален и дека сè почесто единствен услов за вработување е партиска книшка.
„Целосно неодговорна власт. Ниту има опции, ниту има можности, ниту има какви било индикатори за светла и добра иднина на младите. Единствено нешто што треба да имате е партиска книшка. Тоа значи дека сценариото е – да добиете работа со купена диплома, без полагање англиски, со документ од студиото Јулија од Бугарија. И никому, ама баш никому, око да не му трепне“, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Македонија
ДУИ: Ја поддржуваме заложбата на САД и нивните сојузници за спречување на ширењето на нуклеарното оружје

Демократската унија за интеграција изразува длабока загриженост за ескалацијата на ситуацијата на Блискиот Исток и ја поддржува координираната заложба на Соединетите Американски Држави и нивните сојузници за спречување на ширењето на нуклеарното оружје во рацете на авторитарни режими, соопштија од партијата.
„Последните случувања покажуваат дека демократскиот свет не може да стои со скрстени раце пред заканата од нуклеарно вооружен Иран, кој би претставувал директна опасност за глобалната безбедност, мирот во регионот и правата на милиони невини граѓани. ДУИ стои цврсто на страната на евроатлантските вредности: спречување на нуклеарни закани, заштита на мирот и зајакнување на меѓународниот систем заснован на правила и одговорност“, се наведува во соопштението.
Според ДУИ, ова е време кое бара решителност, координација и зрелост.
„ДУИ ја повторува својата посветеност на мирот, колективната безбедност и непоколебливото партнерство со САД, НАТО и Европската Унија“, велат од партијата.
Македонија
Казнети 127 возачи за непрописно паркирање во Центар

ЈП Паркинзи на Општина Центар во соработка со Сообраќајната полиција-Скопје во периодот од 16.06. до 23.06.2025 година, со помош на специјалните возила „Пајак“ отстранија 127 непрописно паркирани возила кои го попречувале нормалното и безбедно одвивање на сообраќајот.
ЈП ПОЦ и Општина Центар континуирано ќе ја спроведуваат оваа мерка и апелираат до граѓаните да ги почитуваат правилата и прописите и да ги оставаат своите возила само на пропишаните места за да им се овозможи на пешаците и велосипедистите нормално движење по тротоарите и велосипедските патеки, а на возилата безбедно движење по улиците.