Македонија
Сончево време со температура до 40 степени, во понеделник краткотраен пороен дожд и грмежи

Времето денес ќе биде сончево и многу топло со мала до умерена локална облачност. Попладне облачноста ќе се зголеми. Ќе дува слаб до умерен ветер од западен и југозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 15 до 23, а максималната ќе достигне од 33 до 40 степени.
Во Скопје сончево и многу топло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб ветер од западен правец. Минималната температура ќе се спушти до 21, а максималната ќе достигне до 40 степени, јавува УХМР.
Во деновите од викендот нашето подрачје и понатаму ќе биде под влијание на многу топла воздушна маса од југ поради што времето ќе биде претежно сончево и натпросечно топло. Од понеделник во попладневните часови ќе има локален развој на нестабилна облачност со краткотраен пороен дожд и грмежи. Дневните температури ќе бидат во постепено благо опаѓање.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Манасков: ВМРО-ДПМНЕ ги изневери просветните работници

ВМРО-ДПМНЕ ги изневери просветните работници и учениците, ништо од ветеното не исполни, изјави на прес-конференција, Јованче Манасков, претседател на Комисијата за образование и наука на СДСМ.
Од партијата по повод 24 Мај – Денот на сесловенските просветители изразија благодарност до просветните работници и до сите оние кои секојдневно вложуваат целосна посветеност во воспитно-образовниот процес и во создавањето на идни професионалци во различните области на општественото живеење.
Тој рече дека Владата на СДСМ работела на создавање на соверемен и инклузивен образовен систем достапен за сите, па зборуваше за зголемувањето н аплатите за 56 отсто во основното и средното образование, вклучително и воведување на регрес за годишен одмор првпат по 20 години. Го спомена укинувањето на екстерното тестирање и казните за наставниците, и воведувањето на дуалното образование.
Според СДСМ, денес има уназадување на образовниот процес и статусот на наставниот кадар, а ВМРО-ДПМНЕ нема ниту волја ниту слух за зголемување на платите на вработените во образованието иако потрошувачката кошничка секојдневно расте.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Кирил и Методиј ни ја подарија не само глаголицата, туку со неа изградија силен сесловенски културен и цивилизациски темел

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова упати честитка по повод 24 Мај, Денот на сесловенските просветители светите браќа Кирил и Методиј.
„Дозволете ми од срце да ви изразам искрени честитки по повод 24 Мај, денот кога го славиме споменот на Светите рамноапостоли Кирил и Методиј – сесловенски просветители, заштитници на Европа, браќа и учители.
Овој ден е силен потсетник за трајната вредност на нивната мисија – вредност чии корени лежат длабоко во културата, знаењето и духовната сплотеност. Светите Кирил и Методиј ни ја подарија не само глаголицата, туку со неа изградија силен сесловенски културен и цивилизациски темел што продолжува да го потпира нашиот идентитет и до ден денес. Преку нивната посветеност и визија, го отворија патот кон писменоста и учењето на сопствен јазик – дар што омоќни многу генерации и го зачува нашиот глас низ вековите.
Да го чествуваме и чуваме нивниот спомен преку негувањето на вредностите коишто тие ги отелотворија: мудрост, вера, образование и обединетост. Славејќи ги нивните дела, да ја зацврснеме нашата заложба за градење на општество засновано врз знаење, меѓусебно почитување и достоинство.
Нека овој ден нè поттикне и понатаму да се гордееме со нашето културно и духовно наследство, да го чуваме, збогатиме и да им го предадеме на идните генерации изворот на знаењето што ни го дале нам нашите предци, а ним Светите Кирил и Методиј – секогаш чист, секогаш постојан, вечно жив!“, се вели во честитката на Давкова.
Македонија
Гаши со честитка по повод Денот на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, испрати честитка по повод 24 Мај – Денот на сесловенските просветители Свети Кирил и Методиј.
„Во име на Собранието на Република Северна Македонија и во мое лично име, упатувам искрени честитки до сите граѓани по повод 24 Мај – Денот на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј.
Овој празник нè потсетува на големината на мисијата на сесловенските просветителски браќа, кои преку создавањето на глаголицата и ширењето на писменоста, оставија длабока трага во историјата на словенските народи.
Како Собрание, остануваме посветени на унапредувањето на образованието, културата и јазичната разноликост, како суштински вредности на едно демократско и напредно општество.
На сите ви посакувам празник исполнет со почит кон словенското просветителско наследство и инспирација за нови знаења и духовен напредок“, се вели во честитката.