Македонија
Сончево време со температура до 7 степени

Времето утрово е студено, а преку денот ќе биде сончево со мала до умерена облачност, поголема во западните делови. Во одделни котлини ќе има појава на утринска магла. Ќе дува слаб до умерен, а попладне на места засилен ветер од јужен правец, соопшти УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од -9 до -2, а максималната ќе достигне од 7 до 14 степени.
Во Скопје наутро студено, преку денот сончево со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до -6, а максималната ќе достигне 7 степени.
В петок ќе преовладува променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, а за време на викендот во поголем дел од земјава ќе биде суво. Врнежи на повеќе места повторно ќе има од понеделник. На планините и на некои повисоки места врнежите ќе преминуваат во снег.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Отповикани се oсум амбасадори кои беа назначени од Стево Пендаровски

Повлечени се осум амбасадори кои биле назначени од поранешниот претседател на државата Стево Пендаровски.
Отповикани се амбасадорите Мето Белески, Брисел, Катерина Ставревска, Лондон, Зеќир Рамчиловиќ, Подгорица, Пајо Авировиќ, ОБСЕ, Емил Крстевски, Прага, Јакуп Реџепи, Сараево, Агнеза Руси, Софија, Џенк Сејфула, Стокхолм.
Како причина за нивното враќање се наведува неисполнувањето на член 39 од Законот за надворешни работи затоа што не ги претставиле дипломатските тези пред собраниската Комисија за надворешна политика пред да бидат упатени за ополномоштени македонски амбасадори.
Македонија
Герасимовски: Младите мора да положат возачки испит пред да седнат зад воланот, субвенционираме 10 илјади денари за полагање

Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски потенцира дека полагањето возачки испит е задолжително за сите млади лица кои сакаат да управуваат со моторно возило. Тој, посочува дека младите кои сакаат да управуваат со моторно возило мора претходно да стекнат теоретски и практични знаења за безбедно возење, но и да се едуцираат за сообраќајните правила.
„Без едукација од страна на искусни инструктори возењето претставува огромен ризик за возачот, но и за сите учесници во сообраќајот, вклучувајќи ги и пешаците и велосипедистите. Возењето совесно е првиот чекор кон поголема безбедност во сообраќајот. За да ја подигнеме свеста и да ја зголемиме безбедноста, Општина Центар распиша јавен повик со доделување на субвенции во висина од 10 илјади денари за полагање возачки испит на сите млади лица кои во текот на 2025 година ќе наполнат 18 години, односно родени се во 2007 година и живеат на подрачјето на општината најмалку една година. Со намалување на ризичното однесување, како што се пребрзото возење, користењето мобилен телефон, управувањето возило под дејство на алкохол и управување на возилото без возачки испит, значително се намалуваат шансите за сообраќајни незгоди“, истакнува Герасимовски.
Герасимовски, вели дека безбедноста во сообраќајот започнува со свесни и одговорни одлуки зад воланот. Совесното возење значи почитување на сообраќајните правила, прилагодување на брзината според условите на патот и покажување внимание кон сите учесници во сообраќајот.
Субвенцијата изнесува 10.000,00 денари и може да се користи единствено за полагање на возачки испит во автошколи кои се регистрирани во Општина Центар.
Доставата на барањата се врши во архивата на Општина Центар – Скопје (барака бр. 6), од 09:00 до 15:00 часот, со приложување на следните документи: барање за субвенција, копија од лична карта, копија од трансакциска сметка, доказ за извршена уплата во автошкола и доказ дека автошколата е регистрирана на подрачје на Општина Центар.
Јавниот повик ќе трае сè до исцрпување на средствата предвидени во Буџетот на Општина Центар, односно до 31.12.2025 година.
Македонија
„Македонците плаќаат најскапи патарини за најлоши патишта, власта да го прифати нашиот предлог“, бара Левица

„Додека животниот стандард на граѓаните е на дното во Европа и регионот, висината на патарините се уште еден грабеж врз грбот на граѓаните“, велат од партијата Левица.
„Компаративните анализи покажуваат дека во Бугарија се вози цел месец за 16,55 евра на автопат; во Словенија една недела чини 16 евра; во Унгарија околу 17 евра за десет дена. Во Македонија, на делницата Скопје-Демир Капија-Скопје со 12 евра (колку што е неделна вињета во Австрија) може да се вози само два дена по лош асфалтен пат.
Дополнително, поради лошите законски решенија, граѓаните во Македонија плаќаат два пати за да возат по патишта во лоша состојба: еднаш на наплатна станица и еднаш при регистрација на возилото преку надоместокот за јавни патишта за моторни возила.
Пратеничката група на Левица до Собранието поднесе измени и дополнувања на Законот за јавните патишта, со кои ќе се овозможи намалување на цените на патарините за 50 отсто и законска регулација на висината на патарината и нивната наплата. Со предложените измени, висината на патарината и нивната наплата за прв пат ќе бидат регулирани со закон, наместо со Правилник на Влада, како што е актуелното решение.
Го повикуваме владејачкото мнозинство составено од ДПМНЕ-ЗНАМ-ВРЕДИ да ја надмине политичката ароганција и да го прифати законското решение на Левица, со што конечно ќе престане грабежот на граѓаните“, бара партијата Левица.