Македонија
Сончево време со умерена облачност и температури до 21 степен

Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Утрото ќе биде свежо, а во текот на денот на места ќе има услови за краткотраен дожд и ретки грмежи, претежно во планинските подрачја. Ќе дува слаб до умерен ветер од западен и северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 6, а максималната ќе достигне од 13 до 21 степен.
Во Скопје сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 18 степени.
Во следните два дена утринските температури на места ќе се спуштат околу нулата, а дневните ќе бидат во пораст. Од четврток кон крајот на денот до сабота, под влијание на нов влажен бран, ќе има врнежи од дожд, кои на места ќе бидат пообилни.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Ексдиректорот на АНБ тврди: Мицкоски не бил прислушкуван

Христијан Мицкоски во периодот од 2019 до 2024 година, како лидер на тогашна опозициона партија, не бил предмет на посебен оперативен интерес на Агенцијата за национална безбедност, вели поранешниот директор на АНБ, Виктор Димовски, по вчерашните изјави на премиерот и актуелниот директор на Агенцијата за национална безбедност кои изнесоа сериозни обвинувања за наводна злоупотреба на државни ресурси за прислушкување на Мицкоски, бизнисмени и новинари.
„Со оглед на тоа што во претходен брифинг за медиуми во АНБ бил споменат периодот од 2019 до 2024 година во дел од кој и јас ја извршував должноста директор на АНБ, одговорно тврдам дека тој како лидер на тогашна опозициона партија во периодот од 2019 -2022 година не бил предмет на посебен оперативен интерес на Агенцијата, не бил предмет на организирана оперативна работа, а со тоа ниту таргет кон кого биле применувани било какви оперативно-технички мерки“, вели Димовски.
Тој вели дека точно е дека во наведениот период согласно законските надлежности во Агенцијата имало постапка за преиспитување на проверките за безбедносни сертификати, вклучително и за еден тогашен и сегашен пратеник поради оддавање на класифицирана информација, а за што била поднесена соодветна кривична пријава до надлежното обвинителство.
„Во врска со тоа, на мое барање на дневен ред на надлежната собраниска Комисија за надзор на работата на АР и АНБ беше ставена точката за информирање за случајот и изнесените наводи во електронските медиуми од негова страна“, вели Димовски.
Со оглед на сериозноста на изнесените наводи на синоќешниот прес и на претходниот брифинг во АНБ, додава тој, го повикувам директорот на Агенцијата веднаш и неодложно да ги декласифицира документите за наводни злоупотреби, а особено тие кои се однесуваат на прислушкување на тогашниот лидер на опозицијата.
„Македонската јавност има право да знае кој тоа предлагал, барал, одобрувал и кој ги извршувал наводните прислушкувања. Очекувам дека овојпат нема да има криење со изговори од типот “класифицирани информации со степен на државна тајна”, посебно после последните неколку објави во некои “информирани медиуми” кои лифериваат конкретни имиња на лица кои наводно биле таргет на Агенцијата, вклучително и податоци за идентитетот на вработени и тајни соработници“,вели Димовски.
Македонија
ДУИ: „Вреди“ вети Европа, донесе српски свет

„Вреди“ дојде на власт со големи ветувања и со строги рокови за уставните измени. Прво ветија дека тоа ќе се случи пред формирање на Владата. Потоа рекоа во првите 100 дена. Потоа во три месеци. На крај, во шест месеци. Денес, по една година, Албанците слушаат само оправдувања од Изет Меџити и неговите соработници дека „времето не било доволно“, велат од ДУИ.
Вистината како што додаваат од оваа партија е едноставна: немаат ниту визија, ниту храброст, ниту политичка волја. Наместо уставни измени и европска интеграција, „Вреди“ ја отвори вратата за опасни влијанија од Белград и Москва, ја поткопа Охридската рамковна спогодба, ја ослаби позицијата на Албанците и ја блокира европската иднина на државата.
„Оваа власт стана симбол на неуспеси и секојдневни скандали. Изборните измами станаа нивната единствена владејачка практика:
• Ветија 2.500 работни места – граѓаните добија разочарување.
• Ветија финансиска поддршка за младите – граѓаните добија нула.
• Ветија национални проекти – го донесоа Иван Стоилковиќ како вицепремиер за имплементација на Охридскиот мировен договор.
• Ветија уставни измени и интеграција во ЕУ – донесоа партнерства со политичари што го пропагираат „Српскиот свет“.
Како што нагласи поранешниот министер за надворешни работи Бујар Османи, избегнувањето на дебатата за ЕУ и одбивањето на мониторинг-механизмите не се случајни – тоа е стратегија за прикривање на корупцијата и неуспесите на оваа влада и за спречување на еднаквоста на Албанците“.
„Вреди“ оценуваат во ДУИ, се покажа како голема политичка измама и национален срам кој ја изолира државата и ги исклучува Албанците од одлучувачките процеси.
Октомври, според нив, ќе биде моментот кога граѓаните ќе кажат „доста“ на измамите, неуспесите и слепата послушност кон антизападните интереси.
„Граѓаните заслужуваат достоинствено претставување и јасна европска визија, а не празни ветувања и смешни оправдувања. Во октомври, тие ќе ја манифестираат својата волја на народниот референдум. Никој нема да може да избегне од политичката и правната одговорност“.
Македонија
Мециновиќ: Партијата Левица обезбеди конкретни придобивки за скопските средношколци – следуваат нови проекти

Кандидатот за градоначалник на Скопје од редовите на Левица, Амар Мециновиќ, преку објава на социјалните мрежи се осврна на досегашните иницијативи на советничката група на партијата во Советот на Град Скопје, со посебен акцент на мерките кои се однесуваат на средношколците.
Како што посочи Мециновиќ, благодарение на Левица денес средношколците од социјално ранливи категории имаат бесплатни екскурзии, во училиштата се воведени сензорни соби за деца со попреченост, а надоместокот за образовните асистенти е зголемен од 9.000 на 18.000 денари. Дополнително, организирани се и едукации за самозаштита при пожари.
Од друга страна, тој нагласи дека дел од иницијативите не биле поддржани од мнозинството во Советот, предводено од ВМРО-ДПМНЕ. Меѓу нив се наоѓаат вработување на училишни чувари наместо користење на приватни обезбедителни фирми, бесплатни часови по странски јазици, спорт и информатика, забрана за отворање угостителски објекти во училишни дворови, како и транспарентна супервизија на тендерите за ученички екскурзии.
„Ова е насоката во која ќе се движиме и понатаму, а во кампањата ќе претставиме и поголеми замисли за училиштата под градската управа. Скопје, младост – ти ќе бидеш!“, порача Мециновиќ.