Македонија
Сончево, до крајот на денот нестабилно со краткотраен дожд и грмежи

Денеска времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Попладнево ветровито со умерен, а во горниот дел на Повардарието засилен ветер од северен правец. Во крушевското подрачје е нестабилно со пороен дожд и грмежи.
До крајот на денот ќе има локална појава на нестабилност проследена со краткотраен пороен дожд и грмежи. Особено по должина на Повардарието ќе продолжи да дува умерен до засилен северен ветер, што на места ќе се задржи и во текот на ноќта.
Утре се очекува сончево време со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен, а по должина на Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 20, а максималната ќе достигне од 29 до 35 степени. УВ=8
Во Скопје ќе биде претежно сончево со слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 17, а максималната ќе достигне 32 степена.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски и црногорскиот министер: Заеднички чекориме кон ЕУ, успехот на било која земја е добра вест за сите

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска беше домаќин на заменик-претседателот на Владата за меѓународни односи и министер за надворешни работи на Црна Гора, Ервин Ибрахимовиќ.
На средбата, двајцата министри се согласија дека посетата претставува потврда за одличните пријателски односи и соработка меѓу двете земји, засновани на заемна поддршка и почитување.
Министрите изразија задоволство од нивото на политичкиот дијалог и оценија дека постои простор за натамошно зајакнување на економската и трговската соработка.
Акцентот на разговорите беше ставен на пристапните преговори со Европската Унија и можностите за размена на искуства во насока на полноправно членство. Со посебен акцент се осврнаа на процесот на европската интеграција на двете земји.
„Заемната поддршка која ја искажуваме на планот на европската интеграција претставува најдобар пример за нашата одлучност за напредок на овој план, кој ќе ни обезбеди сигурност, стабилност и напредок во просперитетна Европа, кон која целиме“, истакна министерот Муцунски во изјавата по средбата.
Во оваа насока, црногорскиот министер Ибрахимовиќ додаде дека земјите од Западен Балкан заеднички чекорат кон Унијата и дека секој успех на било која земја од регионот е добра вест за сите.
Во рамки на посетата, беше потпишан Меморандум за разбирање меѓу двете министерства за надворешни работи во областа на дипломатската обука, со што се отвораат дополнителни и конкретни можности за интензивирање на меѓусебната соработка.
Македонија
Гаши-Ибрахимовиќ: Северна Македонија и Црна Гора негуваат братски односи и заеднички стремеж кон ЕУ

Претседателот на Собранието, Африм Гаши оствари средба со Ервин Ибрахимовиќ, потпретседател на Владата на Црна Гора за меѓународни односи и министер за надворешни работи, кој престојува во посета на Република Северна Македонија.
На средбата присуствуваа и генералната секретарка на Собранието, Марина Димовска, и пратениците Мерита Колачи Коџаџику, Илир Демири и Оливер Спасовски.
Процесите за интеграција во Европската Унија на двете земји, како и на регионот во целина, беа во фокусот на разговорите меѓу двете делегации. Притоа беше истакнато дека пристапувањето кон ЕУ е гаранција за долгорочна стабилност и просперитет на земјите од Западен Балкан. И дека секој чекор напред во овој правец, на која било држава, е успех за целиот регион и е од голема важност и за самата Унија.
Во тој контекст, беше нагласено и дека Северна Македонија и Црна Гора се пример за мултиетничка и мултиверска соработка, како доказ за прифаќање и споделување на европските вредности.
На средбата, беше посочено и сојузништвото меѓу двете земји во рамки на НАТО, како уште еден пример за придонес кон регионалната и глобална стабилност и демократските процеси.
Во однос на билатералната соработка, беше истакнато дека Северна Македонија и Црна Гора традиционално негуваат братски и пријателски односи, со тенденција за постојано унапредување на соработката на повеќе нивоа.
Посебно беше истакната добрата соработка меѓу парламентите на двете земји, како уште еден од клучните фактори во процесот на евроинтеграција. Притоа беше посочено дека постојано е отворен простор за понатамошно продлабочување и унапредување на соработката, како на ниво на парламенти, така и во други области, како што се сообраќајната инфраструктура и туризмот.
Македонија
Меџити и Агелер разговараа за реформите во судството, коридорите, интеграциите во ЕУ

Вицепремиерот и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, денес во просториите на Владата оствари работна средба со амбасадорката на САД, Анџела Агелер.
Од Канцеларијата на Меџити информираа дека средбата поминала во исклучително конструктивна, работна и пријателска атмосфера, при што фокусот бил ставен на понатамошното продлабочување на партнерските односи помеѓу двете држави, влади и нивните граѓани.
Беше потенцирано значењето на стратешкото партнерство кое Република Северна Македонија го има со САД на билатерално и мултилатерално ниво, особено континуирата поддршка која САД ја дава на остварување на стратешките приоритети на Северна Македонија.
Од страна на Меџити беа потврдени и повторени заложбите на Владата за продолжување на реформите во насока на исполнување на евроинтегративните процеси на Северна Македонија. Беше подвлечено и одличното ниво на соработка помеѓу двете држави во НАТО, како основен и значаен предуслов за оддржување на мирот и стабилноста во нашиот регион.
Беа разговарани и теми поврзани со правосудните реформи и потребата од зголемување на довербата на граѓаните во судските институции и постапки. Беше разговарано и за продолжување на борбата против корупцијата во државата како основен предуслов за градење на функционална демократија.
Од страна на двајцата соговорници беше истакнато задоволство за интензивирање на реализацијата на проектите за изградба на коридорите 8 и 10Д, при што од страна на Меџити беше истакната посветеноста на Владата на овој приоритет.
На крај од средбата беше повторно потенциран взаемниот интерес за континуирана пријателска и партнерска соработка помеѓу двете држави и влади.